Објавителите на Царството известуваат
„Споменик на духот на соработка“
БЛИЗУ најјужниот крај на Шпанија, се издигнува огромен варовнички монолит познат како Гибралтарска карпа. Стотици години, оваа карпа била тивок сведок на политичка полемика и меѓународно несогласување. Како контраст на тоа, Гибралтарската карпа неодамна беше темел на еден израз на соработка и единство кои ретко можат да се видат денес во светот.
Само три километри од Карпата лежи градот Ла Линеа (Шпанија). Таму, за изградбата на Сала на Царството на Јеховините сведоци се собраа стотици доброволни работници желни да го дадат своето време и енергија. Додека тие работеа на изградбата на едно погодно место за обожавање на Творецот, Јехова Бог, дури и возвишената позадина на Гибралтарската карпа изгуби од својата важност во споредба со проектот што беше во тек.
Објавителите на Царството од тој дел на светот го испраќаат следниов извештај:
„Деветстотини горливи волонтери работеа деноноќно, започнувајќи во петок попладне, на 24. септември 1993. До седум часот во недела навечер беше поставен нов знак кој ја идентификуваше зградата како Сала на Царството на Јеховините сведоци, а атрактивната нова градба беше употребена за нејзиниот прв состанок за јавност.
Многумина сведоци од соседниот Гибралтар ја преминаа границата за да им помогнат на своите браќа од Шпанија. ‚Политичките поделби не го пригушија духот на нашето меѓународно братство‘, објаснува еден од доброволните работници, жител на Гибралтар. Тој додал: ‚Пред неколку години, браќа од Ла Линеа дојдоа во Гибралтар за да ни помогнат да ја изградиме нашата Сала на Царството, па така сега сме среќни што можеме да им возвратиме на љубезноста‘.
Како додаток на безграничните напори на двете собранија на Јеховините сведоци и стотици искусни помошници од андалузискиот регион, градот Ла Линеа одлучи да ја подари потребната парцела земја. ‚По обичај, шпанските локални власти секогаш обезбедувале земја за католичките цркви‘, образложува градоначалникот на Ла Линеа, во текот на посетата на градилиштето. ‚Зошто не би го сториле тоа и за другите религиозни деноминации? Јас сум многу импресиониран од несебичноста на волонтерите и мислам дека ја заслужуваат нашата поддршка. Во денешниов разделен свет, потребна ни е поголема мера од овој дух‘.
Тој се осврнал на Салата на Царството како на ‚споменик на духот на соработка‘. Навистина, најимпресивното нешто не беше ниту изгледот на зградата ниту нејзината големина. Напротив, она што ги импресионира многумина во општината беше фактот што целосно била изградена од страна на волонтери и била подигната за само 48 часа!“
Видливо е дека Јеховините сведоци во Ла Линеа и нејзината околина се докажуваат доследни на зборовите од Галатјаните 6:10. Таму апостол Павле ги советува сохристијаните: „И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“.