Изградба на Сали на Царството — важен аспект од светата служба
1. Што е постигнато во изградбата на Салите на Царството, но што уште е потребно?
1 Во текот на 2005 службена година, 280 Групи за изградба на Сали на Царството, со кои соработуваа безброј доброволци од собранијата, изградија 2.342 Сали на Царството во 116 земји кои се под надлежност на 60 подружници. Откако започна оваа програма, во ноември 1999 година, па до 31 август 2005 година, беа изградени вкупно 12.187 Сали на Царството. Во Македонија, во изминативе 5 години беа изградени 4 Сали на Царството, а неодамна беше завршена и петтата во Штип. Искрено го цениме трудот на Групата за изградба на Сали на Царството и на сите што им помагаа. Иако веќе е завршен огромен дел од работата, има уште многу да се стори во изградбата на Салите на Царството. Како можеме сите ние да го поддржиме овој важен аспект од нашата света служба за Јехова? (Откр. 7:15).
2. Како можеме директно да ја поддржиме изградбата на Салите на Царството?
2 Биди спремен да помогнеш: Ако си крстен објавител, те покануваме да се ставиш на располагање да работиш со Групата за изградба на Сали на Царството со тоа што ќе ја пополниш Молбата за доброволец во програмата за изградба на Сали на Царството (Пс. 110:3). Сите доброволци мора да бидат спремни напорно да работат и да имаат дух на соработка (Пс. 133:1). Дури и ако немаш искуство со градежна работа, сепак можеш многу да помогнеш за успешно да се заврши некој градежен проект. Исто така, ќе можеш да добиеш и обука за некои градежни вештини, со што ќе бидеш од поголема помош во иднина.
3. На кои други начини можеме да помогнеме во изградбата на Сали на Царството?
3 Ако не си во можност да се пријавиш како доброволец, можеш да помогнеш така што ќе ги охрабриш другите што можат да учествуваат во градбата. Можеш да помогнеш со тоа што ќе ги вршиш задачите во собранието кои обично ги извршуваат оние што работат на изградба. Со добро планирање, старешините ќе можат да се грижат за собранието додека некои членови се вклучени во изградбата на некоја Сала на Царството. Без сомнение, Јехова е задоволен кога обединето сме вклучени во активностите за Царството (Евр. 13:16).
4. Како можеме да ги храбриме оние што учествуваат во проектите за изградба на Сали на Царството?
4 Биди позитивен: Потребни се многу време и труд кога се градат места за обожавање. Според тоа, разбирливо е дека оние што се поканети да помогнат во тие проекти понекогаш ќе отсуствуваат од своето собрание. Затоа, спремно да ги пофалуваме и охрабруваме доброволците за изградба, кои прават жртви за да се грижат за овие ‚потребни работи‘ (Дела 6:3; Рим. 14:19).
5. Како можат доброволците за изградба да бидат урамнотежени?
5 Биди урамнотежен: Нашата главна теократска активност е проповедањето за Божјето Царство (Мар. 13:10). Имајќи го ова на ум, надгледниците на Групата за изградба на Сали на Царството се трудат да ги планираат проектите така, што доброволците не мораат непотребно да отсуствуваат од своите собранија. Освен тоа, доброволците се поттикнати да бидат урамнотежени во извршувањето на многуте одговорности што ги имаат. Секогаш водат сметка некој друг да ги извршува нивните собраниски задачи додека се отсутни.
6. Што се постигнува кога сите во собранието соработуваат за да го поддржат вистинското обожавање?
6 Апостол Павле рекол дека членовите на собранието обединето соработуваат за телото да расте и да се изградува во љубов (Ефеш. 4:16). Нашата љубов кон Јехова и кон вистинското обожавање нѐ поттикнува да соработуваме заедно во проповедањето на добрата вест и во изградбата на Сали на Царството.