Постојаното ширење ја зголемува потребата од Царски сали
(Иако во Македонија сѐ уште не делуваат Регионални одбори за изградба и нема Фонд на Друштвото за изградба на Царски сали, ова што следи е дадено за да ни помогне да стекнеме увид во оваа љубезна подготовка на Јеховината организација. Можеби во иднина овие информации ќе бидат корисни ако такво уредување почне да функционира во оваа земја. Сакаме да нагласиме, меѓутоа, ако се планира да се гради нова Царска сала, старешините треба на почетокот да контактираат со Бетелот за натамошни упатства.)
1 Уште одамна, Јеховиниот пророк прорекол дека „мораат да дојдат пожелните работи од сите нации“ (Агеј 2:7, НС). Бездруго, со свои очи гледаме како божествената поука им овозможува на многумина да ја запознаат вистината и да станат Јеховини обожаватели. Колку восхитува тоа што 41.581 се крстени во текот на 1993 службена година само во Соединетите Држави! Со цел и понатаму да им се помага на сите овие нови, треба да ‚ги свртиме срцата врз своите патишта‘ за да се увериме дека го поддржуваме Божјето дело во најголемата можна мера. (Спореди Агеј 1:5.) Еден важен дел од нашето поддржување на Божјето дело и понатаму е помагањето да се обезбедат прикладни домови на обожавање за мноштвата нови славители на Јехова.
2 Фондот на Друштвото за изградба на Царски сали функционира веќе десет години и им овозможило на 1.863 собранија да добијат нови простории за Царски сали. Само во текот на 1993 службена година, 227 собранија во 38 држави добија заеми за изградба на Царски сали. Навистина, радосен беше одѕивот на објавителите за давање финансиска поддршка на овој фонд кој се обновува. Парите што им се позајмени на собранијата се враќаат во фондот со пораснати камати, па така целата дотирана готовина и понатаму се користи, од година на година, за изградба на нови Царски сали.
3 Помош од Регионалните одбори за изградба: На старешините кои се вклучени во градежните активности околу изградбата на нови и реновирање на веќе постојни Царски сали им помагаат 73 Регионални одбори за изградба во Соединетите Држави. Тие помагаат да се процени дали треба нова или да се реновира веќе постојната Царска сала и обезбедуваат помош однадвор која е потребна од времето пред да се купи земјиштето, па сѐ додека не се заврши Царската сала. Секое собрание е доделено на еден од овие одбори.
4 Десетици илјади спремни работници имаат доброволно работено за да учествуваат во дело на реновирање на Царски сали и градење нови. Овие волонтери, вклучувајќи многу професионалци и занаетчии, ги ставаат на располагање своето време и сили во работи како што е купувањето земјиште, средувањето правни документи, планирањето на зградата и составувањето списоци на материјали што треба да се купат. Исто така, помагаат да се купат квалитетни материјали по поволни цени, да се подготви градилиштето и да се надгледува самата изградба. Таквото великодушно давање на нивните средства наменети за интересите на Царството е мошне пофално и донесува богати благослови од Јехова (Изр. 11:25).
5 Старешините треба да контактираат со Регионалниот одбор за изградба за нивното подрачје кога нивното собрание ќе почне да размислува за реновирање на постојната Царска сала или за изградба на нова. Зошто? Регионалните одбори имаат упатства што можат да им помогнат на собранијата во нивните почетни разгледувања. Избирањето на место, покрај цената на земјиштето, вклучува и многу други фактори. Други работи, како што е обемната работа на теренот, отстранување на опасни или токсични супстанци или правни пречки, можат многу да ја зголемат почетната цена на земјиштето. Ако на собранието му е потребна финансиска помош од Заедницата, регионалните одбори имаат примероци од формуларот Преглед на заемот за Царски сали и можат да им помогнат на собраниските старешини да ги исполнат.
6 Заедницата ги има снабдено Регионалните одбори за изградба со предложени градежни планови за Царски сали. Пред да се одбере нацрт, собраниските старешини треба да контактираат со регионалниот одбор и да го разгледаат целиот план на зградата, при што ќе ги користат како водич плановите што ги доставила Заедницата. Ова не само што ќе го спречи зголемувањето на цените туку и ќе му помогне на собранието да избере зграда што ќе биде скромна, а сепак функционална и соодветна за методите на брза изградба.
7 Мора да се водат точни и детални книговодствени евиденции. Упатени браќа доброволно имаат работено со регионалните одбори за да им помогнат на собранијата да го воспостават и одржат потребниот пресметковен систем. Други браќа што работат во Регионалните одбори за изградба им помагаат на собранијата да ги комплетираат прашалниците и пријавите за заем. Ова многу помага, со оглед дека месните старешини обично не работат со такви книговодствени евиденции околу Царска сала како овие искусни и добро оспособени браќа. Кога ќе се заврши со работа, регионалниот одбор треба да добие примерок на комплетните финансиски евиденции за проектот.
8 Посматрачите се импресионирани: Очигледното делување на Јеховиниот свет дух врз браќата што работат на изградба на Царски сали служи како сведоштво за другите. Материјалите за една сала биле купени од претпријатие за градежно дрво, а директорот подоцна напишал: „Не се сеќавам дека некогаш сум бил толку импресиониран од група луѓе колку што бев од Јеховините сведоци за време на градењето. За мене беше и забавно и возбудливо што бев сведок на таков настан и драго ми е што бев во состојба скромно да учествувам. Вие и вашите луѓе сте за пофалба и ви пожелувам многу успех при вашите идни проекти“.
9 Во друг случај, некој трговски претставник бил задолжен три дена да помине по малку време на градилиштето. Тој рекол: „Ми се збогати животот со тоа што бев со вас овој викенд. Мојот впечаток за Јеховините сведоци се измени! Она што го правите не е само чукање на вратите. За мене беше предност што учествував. Не се изненадувајте ако ме видите на вашиот состанок за јавност“.
10 Кога бил завршен еден проект, градоначалникот пишал во името на градот и изјавил: „Инспирираше глетката на стотици доброволци кои работеа заедно за толку брзо да ја изградат салата. Зградата е навистина убава. Граѓаните зборуваа за брзото подигање на зградата. Новата Царска сала претставува вистинска чест за нашето место и ние сме горди што можеме да ѝ изразиме добредојде и на неа и на вашето собрание“.
11 Потребни се повеќе доброволци: Регионалните одбори настојуваат да ги искористат вештините што се на располагање во собранијата, а што ќе им бидат потребни за новите или реновирани Царски сали. Тие, исто така, соработуваа со други месни браќа, особено со старешините и слугите помошници, за да ги оспособат за извршување на задачите што им претстојат. Бидејќи ги имаат развиено потребните вештини што се потребни при подигањето на Царска сала, овие духовно зрели браќа можат потоа да помогнат при градење на други Царски сали во регионот. Затоа, оние кои се поврзани со собранија што градат Царска сала треба да покажуваат спремност и дух на соработка и да не очекуваат сета работа околу нивната Царска сала да ја завршат регионалниот одбор и оние што работат со него (Неем. 4:6б). Откако ќе добијат обука, љубовта треба да ги поттикне браќата да помогнат при изградбата на Царски сали за други собранија кои исто така имаат итна потреба од нови или реновирани простории (Неем. 5:19; Фил. 2:3, 4).
12 Крстените објавители кои имаат соодветни вештини и кои уживаат добар глас во собранието се охрабрени да работат доброволно за да помогнат во оваа обемна работна задача. Потребни се и градежни и неградежни вештини. Доброволците можат да ги добијат потребните формулари од претседавачкиот надгледник или од секретарот во нивното собрание и да го назначат своето искуство како занаетчии или во нешто друго, како што е службата за исхрана, безбедност, располагање со материјали, сметководство и средување на правни документи. (Ако на собранието му се потребни повеќе формулари за доброволци, може веднаш да се нарачаат кога ќе се испрати во Заедницата месечната нарачка на литература.) Ваквиот одѕив е доказ на нашата љубов кон најблиските ближни — нашите христијански браќа (Мат. 7:12; 22:39; Јован 13:35).
13 Се цени помошта од доброволците: Пред да се вклучат во изградбата на Царска сала, малкумина сфаќале колку голем потфат е тоа. Откако била изградена една Царска сала, старешините напишале: „Трпеливото упатување што го добивме од браќата од Регионалниот одбор за изградба беше огромен благослов за нас. Кога размислуваме за поддршката што ја добивме и преку упатување и преку координирање на вештите работници, не можеме а да не се сетиме на 1. Петрово 5:2, 3, каде што читаме за пастирењето кое ‚не е присилно, туку драговолно . . .; не заради неправедна корист, туку од добро срце. Не е како да се управува со народот, туку му дава пример на стадото‘. Овие браќа даваат навистина одличен пример за оддадена служба на Јехова. Во текот на изградбата, имаше безброј случаи кога браќа патуваа од оддалечени места, потрошија долги часови, ставија на располагање своја опрема и алат, па дури и подарија материјал, а сѐ за да помогнат да се изгради нашата нова Царска сала. Великодушноста на овие браќа е голем показател дека ‚имаат љубов кон целото братство‘, и какво само охрабрување беше тоа за нас! (1. Петр. 2:17, НС)“.
14 Спремниот дух и ревноста на браќата се очигледни, како што пишува една група: „Беше неизмерна радост да се видат собранија од корејско, шпанско и англиско говорно подрачје како работат толку добро заедно во обединетото обожавање на Јехова!“ Навистина се точни зборовите од Псалм 132:1, 3: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно!“ Еден старешина, кој работел со еден регионален одбор, написмено изразува каква предност е да им се служи на други браќа. Тој коментира дека „собранијата се толку охрабрени со браќата што патуваат стотици километри за да им помогнат да го исполнат своето предание на Јехова. . . . Навистина, ние сочинуваме љубезно братство!“
15 Бидејќи ја ценел работата што била завршена на собраниската Царска сала, претседавачкиот надгледник пишува: „Поради тоа што има толку многу постари браќа во ова собрание, овој проект не можеше да се изведе само со наши напори. Затоа голема благодарност ви упатуваме вам и на браќата како вас кои ја чувствуваат Јеховината љубов и кои сакаат, не само да ја чувствуваат туку и да ја покажат. Сакаме да им кажеме на браќата: ‚Продолжете со добрата работа‘. За вашите напори беа свесни толку многу наши браќа и тие, без сомнение, му носат радост на нашиот Татко, Јехова“. Друг градежен одбор пишува: „Ние лично сме свесни за големиот труд што го вложија многумина (Филим. 21). Луѓето во околината што не се Сведоци извикнуваа: ‚Јехова е со вас, луѓе!‘“
16 Финансиските прилози и понатаму помагаат: Дарежливите прилози во Фондот на Друштвото за изградба на Царски сали им имаат помогнато на собранијата во минатото и сигурно и понатаму ќе го прават тоа. Зарем не го преземал самиот Јехова Бог водството во несебично давање? (Јак. 1:17). Иако е вистина дека нашите можности и прилики за давање се менуваат, можеме да утврдиме дека со прилагодување на личните трошоци можеме целосно да го потпираме делото на изградба. Таквата великодушност бездруго го радува Јеховиното срце, а исто така е големо охрабрување за нашите браќа.
17 Денес сѐ повеќе, едно „големо мноштво“ реагира на пораката на Царството. „Пожелните работи“ се слеваат кон Јеховиниот духовен храм, а тој ‚го полни својот дом со слава‘ (Откр. 7:9; Агеј 2:7, НС). Како верните Евреи од Агејовото време, со цело срце да работиме на Божјето дело, потполно поддржувајќи ги итните потреби за додатни Царски сали. И покрај тоа што во последниве години се изградени повеќе стотини прекрасни Царски сали, порастот продолжува со забрзан чекор. Нашата постојана поддршка на Фондот на Друштвото за изградба на Царски сали е извонреден начин да учествуваме во Божјето дело.