Грижа за оној кој презема грижа — како можат другите да помогнат
„ЛОРИ и јас сме веќе 55 години во брак — едно долго време — и какви само среќни години! Да беше можно да го задржам дома, ќе го задржев. Но моето здравје почна да опаѓа. На крајот, морав да организирам тој да оди во старски дом. Емоционалната болка додека го раскажувам ова речиси е премногу голема за мене. Јас го љубам и длабоко го почитувам и го посетувам колку што можам почесто. Во физички поглед, не можам повеќе да сторам“ (Ана, 78-годишна жена која преку 10 години се грижи за својот сопруг кој има Алцхајмерова болест и која исто така во изминативе 40 години се грижи за нивната ќерка која има Даунов синдром).a
Случајот со Ана воопшто не е нешто необично. Едно испитување направено на Британските острови открило дека „во некои старосни групи (40-ти и 50-ти) дури секоја втора жена е грижница“. Како што беше порано дискутирано, емоционалниот немир и проблемите со кои се соочуваат оние кои ја преземаат грижата понекогаш можат да изгледаат неподносливи.
„Мислам дека најмалку 50% од оние кои преземаат грижа стануваат депресивни во првата година од давањето грижа“, вели д-р Фредерик Шерман, од Американското друштво за геријатрија. За постарите луѓе како Ана, нивната намалена сила и опаднато здравје можат да предизвикаат ситуацијата да стане прилично тешка за справување.
За да им помогнеме на оние кои преземаат грижа во борбата со нивните одговорности, мораме да бидеме свесни за нивните потреби. Кои се тие потреби и како можеме да реагираме на нив?
Лицата кои преземаат грижа имаат потреба да зборуваат
„Имав потреба да се растоварам“, рекла една жена која помагала во грижата за нејзината пријателка која била на умирање. Како што е покажано во претходната статија, честопати е полесно да се соочите и да се справите со проблемите тогаш кога може за нив да се разговара со некој пријател кој има разбирање. Многу лица кои преземаат грижа и кои се чувствуваат фатени во стапицата на своите околности, увидуваат дека разговарањето за својата ситуација им помага да ги разјаснат своите чувства и да се олеснат од насобраниот притисок.
„Го ценев тоа кога пријателите сфаќаа дека и на двајцата ни е потребна морална поддршка“, се сеќава Џини на времето кога се грижела за својот сопруг. Таа објаснува дека на оние кои преземаат грижа им е потребно охрабрување и, понекогаш, рамо за плачење. Јалмар, кој помагал во негата за својот болен зет, се согласува: „Ми беше потребен некој кој ќе ги слуша моите стравови и проблеми и ќе разбере како се чувствувам“. Во врска со еден близок пријател, Јалмар додава: „Беше многу убаво да го посетам, дури и за половина час. Тој ме слушаше. Навистина покажа грижа. После тоа се чувствував освежено“.
Лицата кои преземаат грижа можат да извлечат огромно охрабрување од еден слушател кој има разбирање. ‚Бидете брзи во слушањето, а спори во зборувањето‘, мудро советува Библијата (Јаков 1:19). Еден извештај во The Journals of Gerontology открил дека „самото сознание дека поддршката е достапна, честопати е доволно за да се даде вистинско олеснување“.
Но, освен уво што слуша и морална поддршка, што уште им е потребно на оние кои преземаат грижа?
Да се даде практична помош
„Пациентот и семејството имаат корист од сите начини на кои можат да се изразат љубов и охрабрување“, забележува д-р. Ернест Розенбаум. Како прво, таквата „љубов и охрабрување“ можат да се изразат при лична посета, преку телефонски повик или со кратко писменце (можеби заедно со цвеќе или некој друг поклон).
„Бевме утешени кога нашите пријатели накратко нѐ посетуваа“, се сеќава Сју на поддршката која нејзиното семејство ја добила кога татко ѝ умирал од Хоџкинова болест. „Една моја пријателка“, продолжува таа, „одговараше на телефонот и помагаше во перењето и пеглањето за сите нас.“
Поддршката за лицата кои преземаат грижа може и треба да вклучува конкретна, одредена помош. Елса се сеќава: „Ми беше од помош кога пријателите нудеа практична помош. Тие не велеа само: ‚Кажи ми ако некогаш можам да сторам нешто‘. Напротив, тие велеа: ‚Одам на купување. Што можам да ти донесам?‘ ‚Смеам ли да се погрижам за твојата градина?‘ ‚Слободен сум да седам со пациентката и да ѝ читам‘. Нешто друго што увидовме дека е практично беше да планираме посетителите да оставаат пишани пораки во еден прибележник кога мојата болна пријателка беше уморна или спиеше. Тоа на сите нас ни донесе големо задоволство“.
Конкретните понуди за помош можат да вклучат какви и да било ситни работи. Роуз објаснува: „Ја ценев помошта околу местењето на креветите, пишувањето писма за пациентот, пречекувањето на гостите на пациентот, набавувањето лекови, миење и фризирање на косата и миењето садови“. Семејството и пријателите, исто така, можат да му помогнат на оној кој презема грижа на тој начин што ќе се менуваат снабдувајќи ги оброците.
Каде што е соодветно, може исто така да биде практично да се помогне во основните аспекти на грижата при негувањето. На пример, на оној кој презема грижа можеби му треба помош околу хранењето или миењето на пациентот.
Загрижените членови на семејството и пријателите можат да понудат практична помош во почетокот на болеста, но што ако болеста е долготрајна? Доколку сме зафатени со сопствените преполни распореди, лесно би можеле да го превидиме моменталниот притисок — кој најверојатно се зголемува — со кој се соочуваат оние кои ја преземаат грижата. Колку само би било жалосно кога поддршката која што е многу потребна би почнала да опаѓа!
Ако се случи тоа, може да биде препорачливо лицето кое ја презема грижата да свика семеен состанок за да дискутира за грижата околу пациентот. Честопати е можно да се засили помошта на пријателите и роднините кои покажале спремност да помагаат. Тоа го сториле Сју и нејзиното семејство. „Кога се појави потреба“, раскажува таа, „се сетивме на оние кои ни понудија помош и им се јавивме по телефон. Чувствувавме дека можеме да ги замолиме за помош.“
Дајте им оддишка
„Сосема е битно“, наведува книгата The 36-Hour Day, „како за Вас [грижникот] така и за [Вашиот пациент] — да имате редовни временски периоди кога ќе ‚побегнете‘ од дваесет и четири часовната нега на хронично болното лице . . . Да си земете одмор, далеку од грижата за [пациентот], е една од најважните работи што можете да ги сторите за да можете да продолжите да се грижите за некого.“ Дали се согласуваат грижниците со тоа?
„Секако, да“, одговара Марија, која помагала во грижата за една блиска пријателка која умирала од рак. „Повремено, имав потреба да бидам слободна и некој друг да ја преземе грижата извесно време.“ Џоун, која се грижи за својот сопруг кој има Алцхајмерова болест, го има истото мислење. „Една од нашите најголеми потреби“, забележува таа, „е одвреме навреме да имаме време за одмор.“
Но, како можат да се одморат од притисокот на нивните одговорности? Џенифер, која помагала во грижата за нејзините остарени родители, кажува како таа добила олеснување: „Една семејна пријателка понекогаш ја земаше мајка ми на еден ден за да ни даде оддишка“.
Можеби сте во можност да му дадете оддишка на лицето кое ја презема грижата со тоа што ќе понудите да излезете малку надвор со пациентот, ако е тоа практично. Џоун вели: „Увидувам дека е освежувачки кога некој ќе излезе надвор со мојот сопруг за да можам понекогаш да бидам сама“. Од друга страна, можеби сте во можност некое време да бидете со пациентот во неговиот дом. Како и да е, овозможи му на оној кој ја презема грижата да ја добие релаксацијата која му е многу потребна.
Но, имај на ум дека не е секогаш лесно за лицата кои преземаат грижа да си дадат оддишка. Можеби се чувствуваат виновни поради тоа што не се со своите љубени. „Не е лесно да избегаш од ситуацијата и да се вклучиш во рекреација или одмор“, признава Јалмар. „Чувствував дека сакам да бидам таму цело време.“ Но тој нашол поголем душевен мир давајќи си оддишка кога зет му барал најмалку внимание. Други организирале нивниот љубен неколку часа да биде згрижен во некој центар за дневна нега на возрасни.
Крај на сите болести
Секако, грижата за некој љубен кој е сериозно болен е огромна одговорност. Сепак, негувањето на некој љубен може многу да исполнува и да задоволува. Истражувачите и лицата кои преземаат грижа укажуваат на зајакнати односи со семејството и со пријателите. Неоспорно е дека оние кои преземаат грижа учат нови особини и способности. Многумина извлекуваат и духовни користи.
Што е најважно, Библијата укажува на тоа дека Јехова и неговиот Син, Исус Христос, се најсочувствителни грижници. Библиското пророштво нѐ уверува дека близу е крајот на сите болести, страдања и смрт. Наскоро, грижливиот Творец на човекот ќе ги награди праведните жители на Земјата со бескраен живот во еден совршено здрав нов свет — свет во кој „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24; Откровение 21:4).
[Фуснота]
a Некои имиња во оваа статија се изменети.
[Истакната мисла на страница 11]
Благосостојбата на болниот човек директно зависи од Вашата благосостојба
[Истакната мисла на страница 12]
Поддршката од добрите пријатели многу ќе направи за да Ве одржи во најтешките времиња
[Рамка на страница 12]
Преземањето грижа може да биде наградувачко
‚НАГРАДУВАЧКО?‘ може некои да се прашуваат. ‚Како е можно тоа?‘ Молиме, забележете што рекле за Разбудете се! следниве лица кои презеле грижа:
„Откажувањето од сопствените стремежи и желби не значи помала среќа. ‚Поблажено е да се дава, отколку да се зема‘ (Дела 20:35). Да се грижиш за некој што го љубиш може да биде нешто што многу исполнува“ (Џоун).
„Бев благодарен што можев да им помогнам на сестра ми и зет ми во време на вистинска потреба — без да бидат во состојба да ми вратат. Тоа нѐ зближи меѓусебно. Се надевам дека еден ден ќе можам да го користам искуството што го стекнав за да му помогнам на некој друг во слична ситуација“ (Јалмар).
„Како што веќе неколку пати ѝ кажав на мојата болна пријателка Бети, добив многу повеќе отколку што дадов. Научив за соживувањето и за стрпливоста. Научив дека е возможно да одржам позитивен став и под најтешките околности“ (Елса).
„Станав посилна личност. Дознав попотполно што значи секојдневно да зависам од Јехова Бог и тој да ги задоволува моите потреби“ (Џини).
[Рамка на страница 13]
Кога посетувате некој кој презема грижа
• Слушајте со соживување
• Давајте пофалба од срце
• Понудете конкретна помош
[Слики на страница 10]
Давајте им поддршка на оние кои преземаат грижа на тој начин што ќе пазарувате и ќе готвите за нив или ќе им помагате да се грижат за пациентот