Бог — коцкар или Творец?
„НЕМА сомнение дека многу научници темпераментно се противат на кој било облик на метафизички аргументи, а камоли на мистичните. Тие се презирни кон замислата дека би можело да постои Бог, или дури и некаков безличен креативен извор . . . Јас лично не го делам нивниот презир.“ Вака се изразил Пол Дејвис, професор по математичка физика на универзитетот во Аделејд (Јужна Австралија), во својата книга The Mind of God.
Дејвис исто така вели: „Внимателното проучување покажува дека законите на универзумот се извонредно прикладни за појавувањето на комплексност и на разновидност. Во случајот со живите организми, нивното постоење изгледа дека зависи од неколку среќни коинциденции кои некои научници и филозофи ги поздравиле како нешто, ни помалку ни повеќе, зачудувачко“.
Тој понатаму наведува: „Научната потрага е патување во непознатото . . . Но низ неа се проткајува познатата нишка на рационалност и ред. Ќе видиме дека тој космички ред е поткрепен со определени математички закони кои меѓусебно се испреплетуваат за да формираат едно суптилно и хармонично единство. Законите поседуваат елегантна едноставност“.
Дејвис заклучува велејќи: „Зошто токму хомо сапиенсот треба да ја носи искрата на рационалност која го дава клучот на универзумот — е длабока енигма . . . Не можам да верувам дека нашето постоење во овој универзум е само игра на судбината, несреќна случајност на историјата, случајно отстапување во огромната космичка драма. Нашата вклученост е премногу интимна . . . Навистина било со намера да бидеме овде“. Меѓутоа, Дејвис не доаѓа до заклучокот дека постои Конструктор, Бог. Но, до каков заклучок доаѓате Вие? Дали било со намера човештвото да биде овде? Ако да, кој имал намера да бидеме овде?
Клучеви за „енигмата“
Во Библијата, апостол Павле нуди информација за да се разбере она што Дејвис го нарекува „длабока енигма“. Павле покажува како Бог се открил себеси: „Така што она, кое може да се знае за Бога, ним им е познато [„луѓето кои ја задушуваат вистината“], бидејќи Бог тоа им го откри. Оти она, што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божеството, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според нивните созданија, па така тие немаат изговор“ (Римјаните 1:18—20).a Да, бескрајната разноликост на животните облици, нивната неверојатна комплексност, нивниот извонреден дизајн, би требало да доведат еден понизен човек, полн со почитување, да препознае дека постои една врховна сила, интелигенција или ум, која е неизмерно супериорна во однос на што и да било што човекот некогаш го познавал (Псалм 8:3, 4).
Натамошните Павлови зборови во врска со оние кои го отфрлаат Бог наведуваат човек да застане и да размисли: „Наречувајќи се себе мудри, тие обезумија . . . Тие ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на созданието повеќе отколку на Создателот, Кој е благословен во сите векови. Амин!“ (Римјаните 1:22, 25). Оние кои длабоко ја почитуваат „природата“ а го отфрлаат Бог секако дека не се мудри од Јеховина гледна точка. Заглибени во мочуриштето на конфликтните еволуциони теории, тие пропуштаат да го препознаат Творецот, како и сложеноста и дизајнот на неговото создавање.
„Монструозна серија случајности“
Павле исто така напишал: „Без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6). Верата темелена на точно спознание а не на лековерност, може да нѐ доведе до разбирањето зошто постоиме (Колосјаните 1:9, 10, НС). Секако, се работи за лековерност кога некои научници сакаат да веруваме дека животот постои поради тоа што тој е „исто како да сме добиле лотарија од милион долари милион пати по ред“.
Британскиот научник Фред Хојл теоретизирал дека нуклеарните реакции кои довеле до формирање на два елемента битни за животот, јаглерод и кислород, произвеле урамнотежен релативен износ на тие елементи само поради среќна случајност.
Тој дава еден друг пример: „Ако комбинираните маси на протонот и на електронот наеднаш би станале малку поголеми наместо малку помали од масата на неутронот, ефектот би бил уништувачки . . . Сите водородни атоми низ универзумот веднаш би се разложиле за да формираат неутрони и неутрина. Лишено од своето нуклеарно гориво, Сонцето би избледило и би пропаднало“. Истото би важело и за другите милијарди ѕвезди во универзумот.
Хојл заклучил: „Списокот на . . . очевидни случајности на една небиолошка природа без која животот заснован на јаглерод, а оттука и човечкиот живот, не би можел да постои — е голем и импресивен“. Тој вели: „Таквите својства [неопходни за животот] изгледа дека се проткаени низ структурата на природниот свет како нишка среќни случајности. Но постојат толку многу такви чудни коинциденции кои се неопходни за животот што изгледа дека е потребно некакво објаснување кое ќе ги образложи“. (Курзивот е од нас.)
Исто така, тој навел: „Проблемот лежи во тоа да се одлучи дали овие навидум случајни ускладувања навистина се случајни или не и, оттука, дали животот е случаен или не. Ниеден научник не сака да постави такво прашање, но и покрај сѐ мора да се постави. Можно ли е ускладувањата да се интелигентно промислени?“
Пол Дејвис пишува: „Хојл бил толку импресиониран од таа ‚монструозна серија случајности‘, што бил поттикнат да коментира дека тоа било исто како ‚законите на нуклеарната физика да се намерно конструирани со оглед на резултатите кои ги произведуваат внатре во ѕвездите‘“. Кој или што е одговорно за оваа „монструозна серија [среќни] случајности“? Кој или што ја произвело оваа честица од планета, која врие од скоро бескрајна разновидност на милиони извонредно обликувани растенија и суштества?
Одговорот на Библијата
Пред околу три илјади години, псалмистот со полно почитување напишал: „Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; земјата е полна со Твои созданија. А тоа море е големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни“ (Псалм 103:24, 25).
Апостол Јован рекол: „Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!“ (Откровение 4:11). Животот не е резултат на слепа случајност, на некаква космичка лотарија која случајно произвела победници за милиони животни облици.
Едноставната вистина е таа дека Бог „создал сѐ, и според [неговата] волја постои сѐ и е создадено“. Самиот Исус Христос им рекол на фарисеите: „Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, ‚маж и жена ги создаде?‘“ Исус го познавал Творецот! Како Јеховин Главен работник, тој бил покрај Него за време на создавањето (Матеј 19:4; Изреки 8:22—31).
Меѓутоа, потребни се вера и понизност за да се согледа и прифати таа основна вистина за Творецот. Таа вера не е слепа лековерност. Таа се темели на опиплив и видлив доказ. Да, „она, што е во [Бог] невидливо . . . се гледа уште од создавањето на светот“ (Римјаните 1:20).
Со нашето сегашно ограничено научно спознание не можеме да објаснеме како Бог создавал. Според тоа, треба да признаеме дека сега не можеме да знаеме или да разбереме сѐ во врска со потеклото на животот. На тоа сме потсетени кога ги читаме Јеховините зборови: „Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта . . . Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои — повисоки од вашите мисли“ (Исаија 55:8, 9).
Изборот е Ваш: или лековерно верување во слепа и случајна еволуција, во безбројните коцкања кои наводно се исплатиле или вера во Наумителот-Творецот-Конструкторот, Јехова Бог. Инспирираниот пророк со право рекол: „Вечниот Господ Бог, Кој ги создал краиштата на земјата, не се изморува и не изнемоштува; Неговиот разум е неиспитлив“ (Исаија 40:28).
Значи, во што ќе верувате? Вашата одлука многу ќе значи во врска со Вашите изгледи за иден живот. Кога еволуцијата би била вистинита, тогаш смртта би значела тотален заборав и покрај наизглед вистинитите аргументи на лавиринтската католичка теологија, која се обидува да ја воведе „душата“ во еволуцијата. Човекот нема бесмртна душа за да го ублажи неизбежниот удар на смртноста (1. Мојсеева 2:7; Језекиил 18:4, 20).
Ако прифатиме дека Библијата е вистинита и дека живиот Бог е Творецот, тогаш постои ветувањето за воскресение во вечен живот, совршен живот на Земја обновена во нејзината првобитна состојба на рамнотежа и хармонија (Јован 5:28, 29). Каде ќе ја положите Вашата вера? Во неверојатното коцкање на Дарвиновата теорија на еволуција? Или во Творецот кој постапил со намера и продолжува да го прави тоа?b
[Фусноти]
a „Зашто она што не може на него да се види, можело да се познае и види на суштествата од настанувањето на светот, и неговата вечна сила и божество да немаат изговор“ (Римјаните 1:20, Даничић—Караџић).
b За детална дискусија по оваа работа, видете ја книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Истакната мисла на страница 14]
Некои еволуционисти, всушност, велат дека нашето постоење на Земјата е „исто како да сме добиле лотарија од милион долари милион пати по ред“.
[Рамка/слика на страница 15]
Бескрајна разновидност и дизајн
Инсекти „Научниците секоја година откриваат од 7.000 до 10.000 нови видови инсекти“, наведува The World Book Encyclopedia. Сепак, „можеби има од 1 милион до 10 милиони видови сѐ уште неоткриени“. Францускиот весник Le Monde, како што е цитиран во Guardian Weekly, во една статија од Кетрин Винсент зборува за видовите кои се документирани како „патетично мал број во споредба со вистинскиот број . . . кој изнесува помеѓу 5 и неверојатно 50 милиони видови“. Размислете за светот на зачудувачките инсекти — пчели, мрави, оси, пеперутки, лебарки, бубамари, светулки, термити, молци, обични муви, вилино коњче, комарци, сребрени рипки, скакулци, вошки, штурци, болви — само како почеток! Списокот како да е бескраен.
Птици Што можеме да кажеме за птица која тежи помалку од 28 грама? „Замислете ја како мигрира повеќе од 16.000 километри годишно од шумската висинска граница на Алјаска до дождовните шуми на Јужна Америка и назад, прелетувајќи ги пошумените врвови, заобиколувајќи ги урбаните облакодери и преминувајќи го огромното пространство на отворени води во Атлантскиот Океан и Мексиканскиот Залив.“ Која неверојатна птица е тоа? „Црноглавата грмушарка [Dendroica striata], динамо-машина, чие патувачко јунаштво практично е неспоредливо меѓу копнените птици на Северна Америка“ (Book of North American Birds). Повторно го поставуваме прашањето: Дали тоа е резултат на миријади игри на природата кои само случајно излегле добро? Или дали е тоа чудо на интелигентно дизајнирање?
Додадете ги на тие примери и птиците кои навидум имаат бескраен репертоар песни: славејчето, познато низ Европа и делови на Африка и Азија по неговите прекрасни повици; северниот дрозд од Северна Америка, птица која е „вешт имитатор и вклучува напамет научени фрази како дел од својата песна“; извонредната лироопашеста птица на Австралија, со „нејзината високо развиена песна, со елементи на извонредно мудра мимикрија“ (Birds of the World).
Освен тоа, човек останува зинат од зачуденост поради совршенството на бои и дизајнот на крилјата и пердувите на толку многу птици. Кон тоа додајте ги и нивните вештини во плетење и правење гнезда, било на копно, на карпести површини или на дрвјата. Таквата вродена интелигенција мора да го импресионира понизниот ум. Како дошло до нивното постоење? Случајно или намерно?
Човечкиот мозок „Можеби има од десет билиони до сто билиони синапси во мозокот, и секоја работи како ситен калкулатор кој регистрира сигнали што пристигнуваат како електрични импулси“ (The Brain). Склони сме мозокот да го земаме здраво за готово, а сепак тој е сложен универзум кој се наоѓа и кој е заштитен во черепот. Како дошло до тоа да го имаме овој орган кој им допушта на луѓето да размислуваат, да резонираат и да зборуваат на илјадници јазици? Преку милиони среќни коцкања? Или, преку интелигентно дизајнирање?
[Графикон на страници 16 и 17]
Поедноставен дијаграм на мозочна надворешност
Сензорна мозочна кора
Ги анализира сензорните импулси од целото тело
Тилен резен
Ги преработува визуелните сигнали
Мал мозок
Ги контролира рамнотежата и координацијата
Премоторна мозочна кора
Ја контролира мускулната координација
Моторна мозочна кора
Помага да се контролираат свесните движења
Челен резен
Помага да се контролира резонирањето, емоциите, говорот, движењето
Слепоочен резен
Го преработува звукот; ги контролира аспектите на учењето, меморијата, јазикот, емоциите
[Графикон на страница 16]
Аксонски завршеток
Неуротрансмитери
Дендрит
Синапса
[Графикон на страници 16 и 17]
Неурон
Дендрити
Аксон
Дендрити
Синапса
Неурон
Аксон
„Можеби има од десет до сто билиони синапси во мозокот, и секоја работи како ситен калкулатор кој регистрира сигнали што пристигнуваат како електрични импулси“ (THE BRAIN)
[Извор на слика на страница 13]
Месечина и планети: Фотографија на NASA