Судењето и погубувањето на еден „еретик“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
НА ЕДНАТА страна од стушната судница стои возвишениот, импресивен судски стол на судиите. Столот на претседавачот во средината е покриен со балдахин од темна ткаенина, над кој виси огромен дрвен крст кој доминира во целата одаја. Пред него стои обвинителната клупа.
Така честопати биле опишувани судниците на мрачната католичка инквизиција. Страшната оптужба донесена против несреќните обвинети била „ерес“, збор кој во мислите повикува слики на тортура и погубување со горење на клада. Инквизицијата (од латинскиот глагол инквиро, „да врши испитување за“) била специјален црковен суд кој бил воспоставен за да го задуши ересот, односно мислењата или доктрините кои не биле во согласност со ортодоксното римокатоличко учење.
Католичките извори наведуваат дека била воспоставувана во етапи. Папата Луциус III ја основал инквизицијата на Концилот во Верона во 1184, а нејзината организација и процедура биле усовршувани — ако може да се употреби таков збор за да се опише таквата стравотна институција — од други папи. Во XIII век, папата Григориј IX основал инквизиторски судници во различни делови од Европа.
Озлогласената шпанска инквизиција била основана во 1478 со папска була издадена од папата Сикстус IV по барање на владејачките суверени Фердинанд и Исабела. Била воспоставена за да се бори против Мараните — Евреи кои се правеле дека се преобратиле во католицизмот за да избегнат прогонство, Морисците — следбеници на исламот преобратени во католицизмот од истата причина и шпанските еретици. Поради неговата фанатична ревност, првиот главен инквизитор во Шпанија, Томас де Торкемада, доминикански фратар, станал симбол за најлошите особености на инквизицијата.
Во 1542, Папата Павле III ја воспоставил римската инквизиција, која имала јурисдикција над целиот католички свет. Тој поставил еден централен суд од шест кардинали, наречен Собрание на Светата римска и универзална инквизиција, црковно тело кое станало „влада на ужас која го исполнила целиот Рим со страв“ (Dizionario Enciclopedico Italiano). Погубувањето на еретиците ги тероризирало оние земји каде што католичката хиерархија имала превласт.
Судењето и аутодафе
Историјата утврдува дека инквизиторите ги мачеле оние кои биле обвинети за ерес со цел да извлечат признание. Во обидот да ја намалат вината на инквизицијата, католичките коментатори напишале дека, во тоа време, тортурата била секојдневие и во световните судници. Но дали тоа ја оправдува таквата активност од министри кои тврделе дека се претставници на Христос? Зарем не требало да го покажат сочувството кое го покажал Христос спрема своите непријатели? За да гледаме на тоа објективно, би можеле да размислиме за едно едноставно прашање: Дали Христос Исус би употребил тортура над оние кои се разликувале од него по прашање на неговите учења? Исус рекол: „Љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат“ (Лука 6:27).
Инквизицијата не му гарантирала на оптужениот никаква правда. Во пракса, инквизиторот имал неограничена моќ. „Сомневање, обвиненија, дури и гласини биле доволни за инквизиторот да повика некој човек да се појави пред него“ (Enciclopedia Cattolica). Итало Мероу, историчар по право, потврдува дека самата католичка хиерархија била таа која го измислила и присвоила инквизиторскиот систем на правда, напуштајќи го древниот обвинителен систем основан од Римјаните. Римското право барало обвинителот да го докаже своето тврдење. Ако постоело некакво сомневање, подобро било да го ослободи отколку да ризикува да осуди некој невин. Католичката хиерархија го заменила тоа фундаментално начело со идејата дека сомневањето подразбира вина, и обвинетиот бил тој кој требало да ја докаже својата невиност. Имињата на сведоците тужители (поткажувачи) биле чувани во тајност, а адвокатот на одбраната, кога имало таков, се изложувал на опасност да биде озлогласен или да ја изгуби својата положба ако успешно го одбранел наводниот еретик. Како резултат на тоа, признава Enciclopedia Cattolica, „оптужените всушност биле без одбрана. Сѐ што можел адвокатот да стори е да го советува виновникот да признае!“
Судењето кулминирало во аутодафе, португалски израз што значи „чин на верата“. Што било тоа? Цртежите од извесни временски периоди покажуваат дека несреќните обвинети кои биле оптужени за ерес станале жртви на стравотен спектакл. Dizionario Ecclesiastico го дефинира аутодафе како „јавен чин на помирување извршен од страна на осудените и покајнички еретици“ откако нивната пресуда била прочитана.
Пресудата и погубувањето на еретиците биле одложувани за да можеле неколку еретици да бидат комбинирани во еден ужасен спектакл два или повеќе пати годишно. Долга поворка еретици парадирала пред набљудувачите кои учествувале со мешавина на ужас и садистички занес. Осудениците ги терале да се качат на платформата во средината на големиот плоштад и нивните пресуди се читале гласно. Оние кои се откажувале, то ест кои се одрекувале од еретичките доктрини, биле помилувани од судбината на екскомуникација и биле осудувани на различни казни, вклучувајќи и доживотна робија. Оние кои не се откажувале но кои во последен момент се исповедале на свештеник, биле предадени на граѓанските власти за да бидат задавени, обесени или обезглавени, а потоа да бидат изгорени. Закоравените биле живи спалувани. Самото погубување се одвивало нешто подоцна, после уште еден јавен спектакл.
Активноста на римската инквизиција била опкружена со најголема тајност. Дури и денес, на научниците не им е дозволено да се консултираат со нејзините архиви. Меѓутоа, стрпливото истражување изнело на виделина неколку судски документи од римскиот суд. Што откриваат тие?
Судењето на еден прелат
Пјетро Карнесеки, роден во Фиренца на почетокот од XVI век, брзо напредувал во својата црковна кариера при дворот на папата Клемент VII, кој го именувал за свој личен секретар. Меѓутоа, кариерата на Карнесеки нагло дошла до својот крај кога папата умрел. Подоцна, се запознал со благородништвото и свештенството кои, како него, прифатиле неколку доктрини кои ги поучувала Протестантската реформација. Како резултат на тоа, три пати излегол на судење. Осуден на смрт, бил обезглавен и телото му било изгорено.
Заточеништвото на Карнесеки во затворот коментаторите го опишуваат како жив пекол. Бил измачуван и изгладнуван за да му се скрши отпорот. На 21 септември 1567 било извршено неговото свечено аутодафе во присуство на скоро сите кардинали во Рим. Пресудата на Карнесеки била прочитана на платформата пред толпата. Завршила со вообичаената формула и со молитва до членовите на граѓанскиот суд, на кого требало еретикот наскоро да биде предаден, со цел ‚да му ја ублажат осудата и да не предизвикаат смрт или преобилност на крв‘. Зарем тоа не било крајно лицемерство? Инквизиторите сакале да ги елиминираат еретиците, но истовремено се преправале дека ги молат световните власти да покажат милост, на тој начин обелувајќи си го лицето и префрлувајќи го товарот на вината за крв. Откако му била прочитана пресудата, Карнесеки бил натеран да облече санбенито — жолта наметка од конопен материјал насликана со црвени крстови за покајникот или црна со пламени и ѓаволи за закоравениот. Пресудата била извршена после десет дена.
Зошто овој поранешен папски секретар бил обвинет за ерес? Записникот од неговото судење, кој бил откриен на крајот од минатиот век, открива дека бил најден виновен за 34 оптужби кои се совпаѓаат со доктрините што тој ги оспорувал. Меѓу нив се наоѓале учењата за чистилиште, целибат на свештеници и калуѓерки, транссупстанција, конфирмација, исповедање, забранување на одредена храна, индулгенции и молитви до „светците“. Осмата оптужба е особено интересна. (Види ја рамката на страница 21.) Со оглед на тоа што ги осудувала на смрт оние кои како основа на верувањето ја прифаќале само „Божјата Реч изразена во Светото писмо“, инквизицијата јасно покажала дека Католичката црква не го смета Светото писмо за единствениот инспириран извор. Тогаш не е никакво изненадување тоа што многу од црковните доктрини не се темелат на Писмото, туку на црковната традиција.
Погубувањето на еден млад студент
Кратката и трогателна животна приказна на Помпонијо Алџери, роден во близината на Неапол во 1531, не е добро позната, но се појавила од маглата на времето благодарение на марливите историски истражувања на неколку научници. Преку контакт со професори и студенти од различни делови на Европа, додека студирал на универзитетот во Падова, Алџери се запознал со таканаречени еретици и со доктрините на Протестанската реформација. Неговиот интерес за Писмото растел.
Почнал да верува дека само Библијата е инспирирана и, како резултат на тоа, отфрлил неколку католички доктрини, како што се исповедање, конфирмација, чистилиште, транссупстанција и посредништво со „светци“, како и учењето дека папата е викар на Христос.
Алџери бил уапсен и суден од инквизицијата во Падова. На своите инквизитори им рекол: „Спремно се враќам во затвор, можеби дури во мојата смрт ако тоа е она што Бог го сака. Преку својот сјај, Бог ќе го просветли секој еден уште повеќе. Радосно ќе поднесам секакво мачење поради тоа што Христос, совршениот Утешител на измачените души, кој е мое просветлување и вистинска светлина, може да протера секаква темнина“. После тоа, римската инквизиција извршила негова екстрадиција и го осудила на смрт.
Алџери имал 25 години кога умрел. На денот кога бил убиен во Рим, одбил да се исповеда или да добие причесна. Инструментот на неговото погубување било посурово од обично. Не бил изгорен со снопови дрва. Наместо тоа, еден огромен котел полн со запаливи материи — масло, катран и смола — бил ставен на платформата на целосен видик на толпата. Заврзан, младиот човек бил спуштен во него и содржината била запалена. Полека жив изгорел.
Уште еден извор на тешка вина
Карнесеки, Алџери и други кои биле убиени од инквизицијата имале непотполно разбирање на Писмото. Спознанието допрва требало да стане „изобилно“ во текот на „времето на крајот“ од овој систем на ствари. Сепак, тие биле спремни да умрат дури и за ограничената мера ‚вистинско спознание‘ кое биле во можност да го стекнат од Божјата Реч (Даниил 12:4, НС).
Дури и протестантите, вклучувајќи некои од нивните реформатори, ги елиминирале дисидентите така што ги гореле на клада или ги убивале католиците обраќајќи се кај световните власти. Калвин, на пример, иако повеќе сакал обезглавување, наредил Мигел Сервето да биде жив изгорен како антитринитаријански еретик.
Фактот што прогонувањето и погубувањето на еретиците било вообичаено и за католиците и за протестантите, секако, не ги оправдува тие постапки. Но религиозните хиерархии сносат натамошна тешка одговорност — затоа што тврделе дека Библијата ги оправдува убиствата и дека постапувале така како самиот Бог да дал наредба за тие постапки. Зарем тоа не фрла голем срам врз Божјето име? Неколку научници потврдуваат дека Августин, прочуениот католички „црковен отец“, бил првиот што го поддржал начелото за „религиозно“ присилување, то ест употребата на сила во борба против ересот. Во обидот да ја користи Библијата за да ја оправда таа постапка, тој ги цитирал зборовите во Исусовата парабола, кои се наоѓаат во Лука 14:16—24: „Убеди ги да дојдат“. Очигледно, овие зборови, искривени од Августин, укажувале на дарежливо гостопримство, а не на сурово присилување.
Вредно е да се спомне дека дури и кога инквизицијата била активна, поддржувачите на религиозната толеранција се бунеле против прогонувањето на еретиците, наведувајќи ја параболата со житото и каколот (Матеј 13:24—30, 36—43). Еден од нив бил Дезидериј Еразмо од Ротердам, кој рекол дека Бог, Сопственикот на нивата, сакал еретиците, каколот, да се толерираат. Од друга страна, Мартин Лутер покренал насилство против селските дисиденти и биле убиени скоро 100.000.
Препознавајќи ја тешката одговорност на религиите на христијанскиот свет кои го унапредувале прогонувањето на таканаречените еретици, што треба да бидеме поттикнати да правиме? Секако дека треба да сакаме да го бараме вистинското спознание на Божјата Реч. Исус рекол дека знакот на еден вистински христијанин ќе биде неговата љубов спрема Бог и ближниот — љубов која очигледно не остава место за насилство (Матеј 22:37—40; Јован 13:34, 35; 17:3).
[Рамка на страница 21]
Некои оптужби за кои Карнесеки бил најден виновен
8. „[Не отстапувате од тоа] дека не треба да се верува во ништо друго освен во речта Божја изразена во Светото писмо.“
12. „[Верувате] дека причесната исповед не е de jure Divino [според божествениот закон], дека не била воспоставена од Христос ниту докажана од Писмото, ниту дека е неопходна која и да било исповед освен онаа до самиот Бог.“
15. „Фрливте сомневање врз чистилиштето.“
16. „Ја сметате за апокрифна книгата на Макавејците која зборува за молитвите за мртвите.“
[Извор на слика на страница 18]
The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck