Гледиште на Библијата
Дали науката и Библијата се согласуваат?
ОД АВИОНИ и атомски бомби до генетско манипулирани клетки и клонирање на овци, нашиот 20 век е ера во која доминира науката. Научниците ги спуштиле луѓето на Месечината, ги истребиле големите сипаници, извршиле револуција во земјоделството и воспоставиле инстантна комуникација за милијарди низ целиот свет. Затоа, не е изненадувачки кога научниците зборуваат, а луѓето слушаат. Но, што има да кажат научниците, ако и воопшто имаат, за Библијата? И што од своја страна Библијата ни кажува за науката?
Дали чудата се ненаучни?
„Научно настроените луѓе веруваат во односот ‚причина и последица‘. Тие веруваат дека постои совршено природно објаснување за сѐ“, наведува една современа енциклопедија. Студентите на Библијата, исто така, ги прифаќаат утврдените научни начела. Меѓутоа, тие признаваат дека Библијата честопати дискутира за чудесни настани кои не можат научно да се објаснат според сегашново спознание. Примери се застанувањето на Сонцето во времето на Исус Навин и Исусовото одење по вода (Исус Навин 10:12, 13; Матеј 14:23—34). Меѓутоа, тие чуда се претставени како чуда кои произлегуваат од Божјата моќ која дејствува на еден натприроден начин.
Таа мисла е пресудна. Кога Библијата би тврдела дека луѓето можат да одат по вода без божествена помош или дека видливото движење на Сонцето по небото може да се прекине без никаква причина, би можело да изгледа дека противречи на научните факти. Меѓутоа, кога таквите настани ги припишува на Божјата моќ, тогаш таа не ѝ противречи на науката, туку ја води дискусијата во едно подрачје кое науката сѐ уште не може да го сфати.
Дали Библијата ѝ противречи на науката?
Од друга страна, што е со оние случаи каде што Библијата дискутира за обичните настани од животот на луѓето или патем зборува за растенија, животни или природни феномени? Интересно, не постои докажан пример дека Библијата противречи на познатите научни факти во таквите случаи кога ќе се земе предвид контекстот на забелешките.
На пример, Библијата честопати користи поетски јазик кој ги одразува согледувањата на луѓето кои живееле пред илјадници години. Кога книгата Јов зборува за Јехова како го чука или кове небото „цврсто како излеано огледало“, многу добро го опишува небото како метално огледало кое дава блескав отсјај (Јов 37:18). Нема потреба илустрацијата да се сфати дословно, како што не би ја сфатиле дословно ни илустрацијата дека Земјата има ‚основи‘ или ‚аголен камен‘ (Јов 38:4—7).
Тоа е важно затоа што голем број коментатори дословно ги сфатиле таквите илустрации. (Видете 2. Царства 22:8; Псалм 77:23, 24.) Тие заклучиле дека Библијата учи нешто што е слично на следново, цитирано од The Anchor Bible Dictionary.
„Земјата на која престојува човечкиот род се смета за тркалезен, цврст објект, можеби диск, кој плови над неограничено пространство вода. Паралелно со таа долна водена маса се наоѓа втора одозгора, на сличен начин безгранична, од која се спушта вода во вид на дожд преку дупки и канали кои го продупчуваат небесниот резервоар. Месечината, Сонцето и другите светилки се сместени во една свиткана структура која е засводена над Земјата. Таа структура е познатиот ‚небесен свод‘ (rāqîa) од свештеничкиот извештај.“
Јасно, оваа слика не се согласува со современата наука. Но, дали е тоа чесно проценување на библиското учење во врска со небото? Никако. The International Standard Bible Encyclopaedia наведува дека таквите описи на хебрејскиот универзум се „темелат всушност повеќе на идеите кои биле раширени во Европа во текот на средниот век отколку на некакви вистински изјави во С[тариот] З[авет]“. Од каде дошле тие средновековни идеи? Како што објаснува Дејвид К. Линдберг во The Beginnings of Western Science, тие во голема мера се темелеле на космологијата на древниот грчки филозоф Аристотел, чии дела биле основа на голем дел од средновековното учење.
Би било бесмислено и збунувачко Бог да ја изразел Библијата на јазик кој би бил привлечен за еден научник од 20 век. Наместо научни формули, Библијата е преполна со живописни илустрации земени од секојдневниот живот на луѓето кои први ги запишале — слики кои блескаат со безвременска моќ дури и денес (Јов 38:8—38; Исаија 40:12—23).
Спознание од еден повисок извор
Меѓутоа, интересно е што некои библиски референции се чини дека одразуваат научно спознание кое не им било достапно на луѓето кои живееле во тоа време. Јов го опишува Бог како „го послал . . . северот над празнината, ја закачил земјата на ништо“ (Јов 26:7). Идејата дека Земјата е обесена „на ништо“ била далеку поразлична од митовите на повеќето древни народи, кои ја ставале врз слонови или морски желки. Мозаитскиот закон содржи барања за хигиена кои се далеку понапредни од медицинското спознание од тоа време. Прописите за ставање во карантин луѓе за кои се претпоставувало дека имаат лепра и забраната да се допираат мртви луѓе, без сомнение, спасиле многу израелски животи (3. Мојсеева 13; 4. Мојсеева 19:11—16). Во остра спротивност со тоа, медицинските практики на Асирците се опишани како „мешавина од религија, гатање и демонологија“ и вклучувале лекување со кучешки измет и човечка урина.
Како што би можел некој да очекува од една книга инспирирана од Творецот, Библијата содржи научно точни информации кои јасно дека биле пред нејзиното време, иако никогаш не заглавува во научни објаснувања кои би биле бесмислени или збунувачки за древните луѓе. Библијата не содржи ништо што противречи на познатите научни факти. Од друга страна, Библијата содржи многу работи кои не се согласуваат со недокажаните теории, како што е теоријата на еволуција.
[Истакната мисла на страница 17]
Јововиот коментар дека Земјата ‚е закачена на ништо‘ укажува на спознание кое не им било достапно на неговите современици
[Извор на слика на страница 16]
NASA