„Симфонија со извонредно темпирање“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈУЖНА АФРИКА
ЧОВЕЧКИОТ говор е чудо. Околу 100 мускули во градите, грлото, вилицата, јазикот и усните работат заедно за да произведат безброј различни гласови. Секој мускул е снопче од стотина до илјадници влакна. Тие мускулни влакна ги контролираат поголем број мозочни клетки отколку што се потребни за да се покренуваат мускулите во нозете на еден атлетичар. Една нервна клетка е доволна за да ги покрене сите 2.000 влакна од мускулниот лист. За споредба, нервните клетки кои ја контролираат гласната кутија, или гркланот, можат да бидат поврзани само со две или три мускулни влакна.
Секој збор или кратка фраза која ја користите има свој образец на мускулни движења. Сета информација која е потребна за да се повтори една фраза, како што е: „Како си?“ е складирана во пределот за говор во Вашиот мозок. Дали тоа значи дека Вашиот мозок користи единствена, нефлексибилна, чекор по чекор мускулна програма за да се повтори секој збор или фраза? Не. Моќта на говорот е далеку позачудувачки. На пример, можеби имате рана во устата која Ви отежнува да ги изговарате зборовите на Ваш единствен начин. Без свесно размислување, мозокот го приспособува движењето на говорните мускули, овозможувајќи Ви да ги изговорите зборовите колку што е можно поблиску до Вашиот нормален начин на зборување. Тоа укажува на еден друг зачудувачки факт.
Еден едноставен вербален поздрав, како што е „здраво“, може да пренесе мноштво значења. Тонот на гласот може да покаже дали говорникот е среќен, возбуден, дали му е досадно, дали му се брза, дали е изнервиран, тажен или исплашен и може да открие различни степени на такви емоционални состојби. Да, значењето на еден единствен израз може да се промени во зависност од степенот на дејствието и од темпирањето во дел од секундата на многу различни мускули.
„При удобна брзина“, објаснува д-р Вилијам Х. Перкинс во својата книга Stuttering Prevented, „изговараме околу 14 гласови во секунда. Тоа е двапати побрзо од она што можеме да го контролираме нашиот јазик, усни, вилица или некој друг дел од нашиот говорен механизам кога ги движиме одвоено. Но, кога ќе се состават сите заедно за говор, тогаш работат како што работат прстите на вешти дактилографи и концертни пијанисти. Нивните движења се преклопуваат во една симфонија со извонредно темпирање.“
До ограничена мера, некои птици можат да имитираат гласови од човечкиот говор. Но ниедно животно нема мозок програмиран да произведе говор како што може човекот. Не изненадува тоа што научниците биле неуспешни во нивните обиди да научат некои мајмуни да создадат јасни говорни гласови. Според неуробиологот Роналд Нетсел, вештината која е потребна за да се зборува може да се спореди со онаа на „необично лице кое свири на пијано сосема ‚по слух‘“. Или, како што заклучил лексикографот Лудвиг Коелер, „човечкиот говор е тајна; тоа е божествен дар, чудо“.