СТУДИЈА 2
Јасно да се кажат зборовите
ЗА ДА комуницираш делотворно, мораш да зборуваш јасно. Можеби она што сакаш да го кажеш е интересно, па дури и важно, но голем дел од него ќе се изгуби ако твоите зборови не се разбираат лесно.
Луѓето не се мотивирани од говор кој не можат вистински да го разберат. Дури и човек да има силен глас и може лесно да се чуе, ако зборовите му се слеани, нема да ги поттикне другите на акција. Тоа е исто како да зборува на странски јазик, неразбирлив за слушателот (Ерем. 5:15). Библијата нѐ потсетува: „Ако трубата огласи нејасен повик, кој ќе се подготви за битка? Исто така, ако со јазикот не изговарате лесно разбирлив говор, како ќе се знае што се зборува? Всушност, ќе зборувате во воздух?“ (1. Кор. 14:8, 9).
Што го прави говорот нејасен? Тоа може да биде пропустот доволно да се отвора устата. Крути вилични мускули и усни кои едвај се движат можат да бидат причина за придушен говор.
Пребрзото зборување може исто така да има за последица говорот тешко да се сфати. Тоа е како да се пушти снимка на говор побрзо отколку што треба. Зборовите се тука, но голем дел од користа се губи.
Во некои случаи, нејасниот говор е поврзан со дефект во структурата на говорните органи. Но, дури и оние што мораат да се справат со таков проблем можат многу да сторат за да се подобрат, ако ги применуваат предлозите од оваа студија.
Меѓутоа, нејасниот говор честопати е последица од слевање на зборовите — од нивно спојување, така што стануваат тешки за разбирање. Проблемот може да вклучува прескокнување слогови или значајни букви или испуштање на завршоците на зборовите. Кога еден човек непребирливо ги спојува, неговите слушатели можеби ќе фатат некои идеи и фрази, но за другите ќе мораат да претпоставуваат. Кога некое лице не се изразува јасно, може да ја ослаби делотворноста на своето учење.
Како да зборуваш јасно. Еден од клучевите за јасно изговарање на зборовите е да го разбираш составот на зборовите во твојот јазик. Во повеќето јазици, зборовите се составени од слогови. Слоговите се составени од една или од повеќе букви, кои се изговараат како една единка. Во тие јазици, кога се зборува, обично се изговараат сите слогови, иако нема сите да бидат нагласени во иста мера. Ако сакаш да ја подобриш јасноста на твојот говор, забави и направи го најдоброто за да го изразиш секој слог. Во почетокот ова може да звучи премногу прецизно, но со вежбање, постепено пак ќе добиеш фин тек на говорот. Заради течноста, некои зборови несомнено ќе ги споиш, но ако постои опасност да се замагли смислата на зборовите, ова треба да се избегнува.
Збор на предупредување: За да го негуваш јасното изразување, можеш да вежбаш зборување и читање на премногу прецизен начин. Но, не дозволувај тоа да ти стане вообичаен начин на зборување. Ќе звучи вештачки и неприродно.
Ако твојот говор звучи некако придушено, научи главата да ја држиш исправено, а брадата да ја поместиш подалеку од градниот кош. Кога читаш од Библијата, држи ја доволно високо за да може префрлањето на твојот поглед од публиката на Библијата да бара само лесно да погледнеш надолу. Ова ќе овозможи зборовите да течат непречено.
Ако научиш да ја олабавуваш напнатоста, ќе го подобриш и говорењето. Добро е познато дека напнатоста на мускулите на лицето или на мускулите што го контролираат дишењето може неповолно да влијае врз механизмот за говор. Таквата напнатост ја попречува хармоничната координација која треба да постои меѓу умот, говорните органи и контролата на дишење — операција која треба да биде лесна и природна.
Виличните мускули треба да бидат олабавени за да реагираат спремно на упатството од мозокот. Усните исто така мораат да бидат олабавени. Тие мораат да бидат спремни брзо да се шират и стегаат за да се направат завршните потези потребни за да се изразат многуте гласови што настануваат во устата и гркланот. Ако вилицата и усните се затегнати, устата нема правилно да се отвора и гласот ќе мора да оди низ забите. Ова ќе има за последица груб, придушен, нејасен говор. Меѓутоа, олабавувањето на вилицата и на усните не значи немарност во изговорот на зборовите. Ова треба да се урамнотежи со навиката гласовите да се формираат на таков начин што изразувањето ќе биде јасно.
Додека ја анализираш твојата ситуација, ќе ти биде од помош ако читаш наглас. Внимавај како ги користиш чудесните говорни органи. Дали ја отвораш устата доволно за говорните гласови да излегуваат непречено? Мораш да запомниш, јазикот не е единствениот говорен орган, иако е еден од најактивните. Вратот, долната вилица, усните, мускулите на лицето и на грлото, сите тие си играат своја улога. Додека зборуваш, дали изгледа дека го правиш тоа без да го движиш лицето? Ако да, тогаш голема е веројатноста твојот говор да биде нејасен.
Ако имаш касетофон, сними го својот глас додека зборуваш природно, како кога би зборувал со некого во служба на теренот. Снимај неколку минути разговорен говор. Слушањето на таа снимка може да ти помогне точно да одредиш каков проблем имаш во јасното изнесување на извесни зборови. Барај примери за слевање, придушување или кратење на зборовите, и обиди се да одредиш која е причината за тоа. Слабостите обично можат да се исправат со работење на точките за кои е дискутирано погоре.
Дали имаш говорна мана? Вежбај устата да ја отвораш малку повеќе отколку што си го правел тоа во минатото и пробај да се изразуваш уште повнимателно. Кога ќе вдишиш воздух, наполни ги белите дробови и зборувај полека. Тоа им овозможило на многумина кои имаат говорни мани да зборуваат многу појасно. Ако ги изговараш буквите шушкаво, оддалечи го јазикот од предните заби кога во зборовите ги изговараш звуците с и з. Иако можеби твојот проблем нема целосно да се реши, не очајувај. Сети се дека Јехова го избрал Мојсеј, човек кој можеби имал говорна мана, да им пренесе животоважни пораки на израелскиот народ и на египетскиот фараон (Изл. 4:10-12). Ако си спремен, тој ќе те користи и тебе, и ќе ја благослови твојата служба со успех.