Шест начини за да го заштитите Вашето здравје
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НИГЕРИЈА
СПОРЕД Светската здравствена организација (WHO), околу 25 проценти од луѓето кои живеат во светот во развој немаат пристап до здрава вода. Повеќе од 66 проценти — најмалку 2,5 милијарди луѓе — немаат адекватни санитарни услови. За многумина последиците се болест и смрт.
Во такви околности, одржувањето добра хигиена е предизвик. Сепак, ако личната хигиена ја направите свој начин на живот, ќе се заштитите од многу болести. Еве шест чекори што можете да ги преземете за да се заштитите себеси и Вашето семејство од микроби кои можат да навлезат во Вашето тело и да предизвикуваат лошо здравје.
1. Измијте ги рацете со сапун и со вода после контакти со фекалии и пред да допирате храна.
Еден важен начин за да спречите болест е да се погрижите секогаш да биде достапен сапун и вода за да може секој во Вашето семејство да си ги мие рацете. Сапунот и водата ги отстрануваат микробите од рацете — микроби кои инаку би можеле да влезат во храната или во устата. Бидејќи малите деца често ги ставаат прстите во устата, важно е често да им ги миете рацете, особено пред да им давате храна.
Особено е важно да ги измиете рацете со сапун после употребата на тоалетот, пред да допирате храна и откако сте го чистеле задникот на бебе или дете кое штотуку извршило дефекација.
2. Користете клозет.
За да се спречи ширењето на микробите, неопходно е правилно да се отстранат фекалиите. Многу болести, особено дијареата, доаѓаат од микробите во човечките фекалии. Овие микроби можат да влезат во питката вода или во храната, на рацете или, пак, на приборот и површините кои се употребуваат за подготвување или сервирање на храната. Кога ќе се случи тоа, луѓето може да ги проголтаат микробите и да се разболат.
За да помогнете да се спречи тоа, користете клозет. Фекалиите од животните треба да бидат подалеку од домовите и од изворите на вода. Можеби ќе се изненадите кога ќе дознаете дека фекалиите од бебињата и од малите деца се поопасни од фекалиите на возрасните. Затоа, дури и децата треба да бидат поучени да користат клозет. Кога децата ќе извршат дефекација на некое друго место, нивните фекалии треба веднаш да се исчистат и да се стават во клозет или да се закопаат.
Клозетите треба да се одржуваат чисти и покриени.
3. Употребувајте чиста вода.
Семејствата кои имаат обилна залиха од чиста вода од чешма поретко се разболуваат отколку семејствата кои немаат. Оние кои немаат вода од чешма можат да го заштитат своето здравје со тоа што ќе ги чуваат бунарите покриени и отпадната вода ќе ја чуваат одвоено од водата што се користи за пиење, капење или миење. Исто така, важно е животните да се чуваат надвор од домот и настрана од питката вода.
Друг начин да се заштитите од болест е да ги чувате колку што е можно почисти кофите, јажињата и бокалите што ги користите за да ја собирате и складирате водата. На пример, подобро е кофата да ја обесите отколку да ја оставите на земја.
Питката вода што се чува дома треба да се чува во чист, затворен сад. Земањето на водата од тој сад треба да се прави со чиста црпалка или чашка. Не допуштајте им на луѓето да ги ставаат рацете во питката вода или, пак, да пијат директно од садот за складирање вода.
4. Извријте ја питката вода, освен ако не доаѓа од безбедна чешма.
Најбезбедната питка вода обично доаѓа од чешма. Водата од другите извори поверојатно содржи микроби, иако можеби изгледа чиста.
Вриењето на водата ги убива микробите. Затоа, кога вадите вода од вештачко езерце, од извори или цистерни, мудро е да ја зовриете и потоа да ја оставите да се излади пред да ја пиете. Питката вода ослободена од микроби е особено важна за бебињата и за малите деца, бидејќи тие се помалку отпорни на микроби отколку возрасните.
Ако не е можно да ја зовриете питката вода, складирајте ја во покриен сад направен од проѕирна пластика или стакло. Потоа, садот нека стои изложен на сончева светлина два дена пред да ја користите водата.
5. Храната чувајте ја чиста.
Суровата храна за јадење треба добро да се исчисти. Другата храна треба целосно да се зготви, особено месото и пилешкото.
Најдобро е храната да се јаде набрзо по готвењето; на тој начин нема да има време да се расипе. Ако треба да ја чувате зготвената храна повеќе од пет часа, тогаш треба или да ја одржувате топла или во фрижидер. Пред да се јаде, треба целосно да се стопли.
Суровото месо обично содржи микроби, па затоа не треба да допуштите да биде во допир со храна што сте ја зготвиле. Откако ќе го спремите суровото месо, исчистете го приборот и сите кујнски површини до кои се допрело.
Површините на кои се подготвува храна треба секогаш да се одржуваат чисти. Храната треба да биде покриена и да се чува вон допирот на муви, стаорци, глувци и други животни.
6. Запалете го или закопајте го куќното ѓубре.
Мувите, кои шират микроби, сакаат да се размножуваат на отпадокот од храната. Затоа, куќното ѓубре не треба да се фрла на земја. Секојдневно треба да се закопува, запалува или да се исфрла на некој друг начин.
Со примена на овие упатства, можете да помогнете да се заштитите себеси и Вашето семејство од дијареа, колера, стомачен тифус, инфекции од глисти, труење од храна и многу други болести.
[Извор на слика]
Извор: Facts for Life, заеднички издадено од Детскиот фонд при Обединетите нации, Образовната, научна и културна организација при Обединетите нации и WHO.