Шест начини да го заштитите своето здравје
Предизвик во земјите во развој
МНОГУ луѓе денес мораат да вложуваат голем труд за да одржуваат чистота, особено во земјите каде што нема доволно чиста вода и соодветна канализација. Сепак, вреди да се вложи напор за да се одржува чистота. Се проценува дека повеќе од половина од сите болести и смртни случаи кај децата се предизвикани од микроби што ги внесуваат во устата со валкани раце или преку загадена храна или вода. Многу болести, особено дијарејата, можат да се спречат ако се применат следниве предлози што се изнесени во Facts for Life (Факти за животот), публикација што ја издава Детскиот фонд при Обединетите нации.
1. Отстранете го изметот
Во изметот има многу микроби. Кога патогените микроби ќе дојдат до водата и храната или, пак, до рацете, приборот или површините што се користат за да се подготви и послужи храната, можат да влезат во устата и да се проголтаат, и така да предизвикаат болест. Најдобар начин да се спречи ширењето на таквите микроби е да го отстраните изметот. За човечкиот измет треба да се користи тоалет или полски клозет. Погрижете се да нема животински измет во близина на домот, на патеките или на местата каде што си играат децата.
Онаму каде што нема тоалети или полски клозети, веднаш закопајте го изметот. Не заборавајте дека во секој измет, па дури и во изметот на децата, има микроби што можат да предизвикаат болести. И детскиот измет треба да се фрли во полски клозет или да се закопа.
Чистете ги често полските клозети и тоалетите. Полските клозети нека бидат покриени, а во тоалетите пуштајте вода по секоја употреба.
2. Мијте си ги рацете
Редовно треба да си ги миете рацете. Микробите се отстрануваат ако се миете со сапун и вода или со пепел и вода. Не е доволно само да ги исплакнете рацете со вода — двете раце треба да ги истриете со сапун или со пепел.
Неопходно е да ги измиете рацете откако сте биле во тоалет или откако сте го избришале газето на бебе или на дете кое штотуку извршило нужда. Исто така, мијте си ги рацете откако ќе допирате животни, пред да допирате храна и пред да ги храните децата.
Со тоа што ги мијат рацете, луѓето се заштитуваат од паразити што предизвикуваат болести. Овие паразити се премногу мали за да се видат без микроскоп. Тие живеат во изметот и во урината, во површинските води и во почвата, како и во сировото или недовареното месо. Главен начин да не дозволите паразитите да навлезат во телото е да ги миете рацете. Исто така, со тоа што ќе носите чевли кога сте во близина на полски клозет, можете да спречите паразитите што се таму да навлезат во телото преку кожата на нозете.
Децата често ги ставаат рацете во устата, па затоа често мијте им ги рацете, особено откако биле по нужда и пред да јадат. Научете ги сами да си ги мијат рацете и да не си играат во близина на полски клозет, тоалет или место каде што се врши нужда.
3. Секој ден мијте си го лицето
За да спречите инфекција на очите, секој ден мијте го лицето со сапун и вода. И децата треба да го мијат лицето. Нечистото лице привлекува муви, кои пренесуваат микроби. Овие микроби можат да предизвикаат очни инфекции, па ури и слепило.
Редовно проверувајте ги очите на Вашите деца. Здравите очи се влажни и сјајни. Ако очите се суви, црвени или воспалени или, пак, ако од нив се лачи секрет, детето треба да го прегледа здравствено лице или лекар.
4. Користете само чиста вода
Во семејствата се јавуваат помалку болести кога користат чиста вода и внимаваат во неа да не навлезат микроби. Водата веројатно е чиста ако доаѓа од исправно изграден и одржуван водовод или од незагадени бунари и извори. Водата од вештачките езерца, реките и отворените резервоари или бунари веројатно не е чиста, но може да се прочисти со вриење.
Бунарите треба да бидат покриени. Кофите, јажињата и бокалите што се користат за да се собира и складира водата треба редовно да се мијат и да се чуваат на чисто место и не на земја. Животните треба да се чуваат подалеку од изворите на вода за пиење и од местата каде што живее семејството. Во близина на извор на вода не користете пестициди или хемикалии.
Во домот, водата треба да се чува во чист, покриен сад. Најдобро е да се има сад за вода со чеп. Ако нема чеп, водата треба да се вади од садот со помош на чиста црпалка или чаша. Водата за пиење никогаш не треба да се допира со валкани раце.
5. Заштитете ја храната од микроби
Ако добро ја варите храна, можете да ги уништите микробите. Храната, особено пилешкото и секое друго месо, треба добро да се свари. Микробите брзо се размножуваат во топлата храна. Затоа, храната треба да се изеде колку што е можно побрзо откако ќе се зготви. Ако треба да ја чувате подолго од два часа, погрижете се да ја чувате на место што е или многу жешко или многу студено. Исто така, ако треба да ја чувате за следниот оброк, покријте ја. На овој начин ќе ја заштитите од муви и од инсекти. Пред да се изеде, храната треба повторно да се згрее.
Мајчиното млеко е најдобро и најбезбедно млеко за доенчињата и за малите деца. Тазе свареното или пастеризирано млеко од домашни животни е посигурно отколку несвареното млеко. Избегнувајте да користите шишенца со цуцла, освен ако не ги миете со врела вода пред секоја употреба. На шишенцата со цуцла честопати има микроби што можат да предизвикаат дијареја. Подобро е децата да се дојат или да се хранат со чиста, отворена чаша.
Овошјето и зеленчукот мијте ги со чиста вода. Тоа е особено важно ако им се даваат свежи на бебињата и на малите деца.
6. Фрлете го сето ѓубре од дома
Мувите, лебарките, стаорците и глувците пренесуваат микроби. Тие брзо се размножуваат на места каде што има ѓубре. Ако онаму каде што живеете не е организирано да се собира ѓубрето, ставајте го ѓубрето од дома во дупка каде што може да се затрупа или да се пали секој ден. Одржувајте го својот дом чист и не чувајте ѓубре и отпадна вода.
Ако редовно ги применувате овие предлози, брзо ќе откриете дека станале дел од вашата секојдневна рутина. Тие не се тешки и не треба многу пари за да се применат, а ќе го заштитат како Вашето здравје така и здравјето на Вашето семејство.
[Слика на страница 11]
Онаму каде што нема тоалети или полски клозети, веднаш закопајте го изметот
[Слика на страница 11]
Редовно мијте си ги рацете
[Слика на страници 12 и 13]
Во семејствата се јавуваат помалку болести кога користат чиста вода и внимаваат во неа да не навлезат микроби
[Слики на страница 12]
Секој ден мијте си го лицето со сапун и вода
[Слика на страница 13]
Ако треба да ја чувате зготвената храна за следниот оброк, покријте ја
[Слика на страница 13]
Ѓубрето од дома треба да се закопува или да се пали секој ден