2. Грижи се за чистотата
ИСТО како што еден хирург ги заштитува своите пациенти со тоа што си ги мие рацете, ги стерилизира инструментите и се грижи за чистотата на операционата сала, и ти можеш да го заштитиш своето семејство со тоа што ќе одржуваш лична хигиена, ќе се грижиш за чистотата на кујната и на храната.
● Миј си ги рацете
Од Јавната агенција за здравство на Канада велат дека „отприлика 80 отсто од најчестите заразни болести, како што се настинката и грипот, се пренесуваат преку допир“. Затоа, темелно миј си ги рацете со сапун и вода пред да јадеш, по употреба на тоалет и кога приготвуваш храна.
● Одржувај ја кујната чиста
Едно истражување покажа дека обично бањата е најчистото место во домот и дека „местата на кои биле најдени најмногу фекални бактерии биле сунѓерчето за садови и кујнските крпи“.
Затоа, редовно менувај ги кујнските крпи и чисти ги работните површини во кујната со топла вода и детергент или со средство за дезинфекција. Точно, ова не е секогаш лесно. Една жена по име Бола нема вода дома. „Тешко е“, вели таа, „но гледаме секогаш да имаме доволно сапун и вода за да може домот и кујната да ги одржуваме чисти.“
● Миј ја храната
Пред да купиш некој производ, можеби бил загаден од нечиста вода, животински и фекални материи или други состојки од сурова храна. Затоа, дури и ако планираш да го лупиш овошјето или зеленчукот, прво измиј го убаво за да ги отстраниш штетните бактерии. За ова треба време. „Кога правам салата“, вели Дајана, мајка од Бразил, „гледам да не брзам за да можам добро да го измијам зеленчукот.“
● Свежото месо чувај го одвоено
За да не се шират бактерии, месото и рибата чувај ги во посебни садови или ќеси и одвоено од другата храна. Користи посебна даска и нож за сечење месо или убаво измиј ги даската и ножот со топла вода и детергент пред и откако на неа ќе ставиш месо или риба.
Откако ќе се погрижиш за твојата чистота и за чистотата на приборот и состојките што ги користиш, како е најдобро да ги приготвуваш оброците?
[Рамка на страница 5]
НАУЧИ ГИ ДЕЦАТА: „Ги учиме децата да си ги мијат рацете пред јадење и да ја измијат или да ја фрлат храната што ќе им падне на земја“ (Хои, Хонгконг)