Што е во најдобар интерес на детето?
ДА СЕ разведат или да не се разведат? Тоа е големо прашање во мислите на многу несреќно венчани луѓе. Пред многу години, на разводот се гледало напоречки, ако не и осудувачки од морални и религиозни причини. И сите несреќно венчани родители обично останувале заедно поради децата. Меѓутоа, во поново време мерилата на овој свет радикално се промениле. Денес, разводот нашироко е прифатен.
Сепак, и покрај прифатеноста на разводот, повеќе родители, судии, научници по општествени науки и некои други изразуваат загриженост поради лошите ефекти на разводот врз децата. Сега се слушаат повеќе гласови на предупредување. Сѐ поголемиот доказ покажува дека разводот може да има катастрофално влијание врз детето. Родителите се поттикнати да размислат за последиците од разводот врз самите себе и врз своите деца. Социологот Сара Мекланахан од Универзитетот Принстон, наведува дека „од две третини до три четвртини од семејствата кои се разведуваат веројатно би требало да си дадат повеќе време и повеќе да размислат за тоа дали она што го прават е исправно“.
Поновите студии покажуваат дека децата на развод имаат поголем ризик од тинејџерска бременост, од напуштање на училиштето, депресија, развод во сопствените бракови и од приклучување во редовите на примателите на социјална помош. Во западниот свет, секое 6-то дете е погодено со развод. Историчарката Мери Ен Мејсон, во својата книга за старателство на деца во Соединетите Држави, забележала: „Дете родено во 1990 година имало околу 50 проценти шанса да падне под судската надлежност во случај во кој е вклучено каде и со кого ќе живее детето“.
За жал, непријателствата секогаш не завршуваат со разводот бидејќи родителите може да продолжат да се борат во судниците за старателство и права на посетување, нанесувајќи им натамошен стрес на своите деца. Овие средби набиени со емоции во непријателската атмосфера на судската сала ја испитуваат лојалноста на децата кон нивните родители и честопати ги оставаат со чувство на немоќ и страв.
Една семејна советничка рекла: „Разводот не ги спасува децата. Понекогаш ги спасува возрасните“. Реално е дека со разводот можеби родителите ги решаваат сопствените дилеми но, во исто време, можат да им нанесат удар на своите деца кои можеби остатокот од животот ќе го поминат обидувајќи се да надоместат за штетата.
Избори на старателство на деца
Во непријателството и емоционалниот стрес на брачното раскинување, крајно тешко е на еден смирен и разумен начин да се преговара за идното старателско сместување на децата. За да се намали конфронтацијата на родителите и да се избегне непријателско парничење, некои јурисдикции нудат алтернативен начин за решавање на споровите, како што е вонсудското посредување.
Кога исправно се постапува, посредувањето им дозволува на родителите да направат еден договор наместо на судијата да му ги препуштат одлуките за сместувањето. Ако посредувањето не е возможно, родителите би можеле да направат подготовка за старателство и за посетување преку своите адвокати. Штом родителите ќе дојдат до договор и писмено ќе го изразат тоа, судијата може да потпише налог кој ги содржи нивните желби.
Кога родителите не можат да се согласат околу старателската спогодба, правниот систем во повеќето земји ќе обезбеди средства во обидот да осигури дали се заштитени најдобрите интереси на децата. Најважната грижа на судијата ќе бидат децата, а не родителите. Судијата ќе разгледа многу релевантни фактори, како што се желбите на родителите, односот на детето спрема секој родител, склоностите на детето и способноста на секој родител да обезбеди секојдневна грижа. Потоа судијата ќе одреди каде и со кого детето ќе живее, а и на кој начин родителите ќе ги решаваат важните одлуки во врска со иднината на детето.
Во спогодбата со еден старател, едниот родител може да има авторитет да донесува одлуки. Во спогодбата со заедничко старателство, двајцата родители мораат да се согласат со значајните одлуки, како што се здравствената грижа и образованието на детето.
Прашања со кои би се соочиле
Кога се соочени со парничење во врска со старателство на деца, родителите кои се Јеховини сведоци, исто така, мораат да земат предвид што е во најдобар интерес за духовноста на децата. На пример, што ако родителот кој не е Сведок е против секакво библиски темелено поучување на децата? Или, што ако родителот кој не е Сведок е исклучен од христијанското собрание?
Тие сценарија можат да предизвикаат донесувањето одлуки да биде покомпликувано за христијанските родители. Тие сакаат да постапуваат на еден мудар и разумен начин, но сакаат да задржат и чиста совест пред Јехова додека молитвено ги земаат предвид најдобрите интереси на децата.
Во следните статии ќе разгледаме прашања како следниве: Кога се доделува старателство на деца, како законот гледа на религијата? Како можам успешно да се справам со предизвикот на старателскиот случај? Како да излезам на крај со губењето старателство над моите деца? Како да гледам на договорот за заедничко старателство со исклучен родител?