Четири факти за разводот за кои треба да си свесен
Откако ќе ја проценат штетата, сопствениците на куќата стојат пред една важна одлука — дали да ја урнат или не.
ДАЛИ и ти стоиш пред една ваква одлука во врска со твојот брак? Дали те изневерил брачниот другар? Дали постојаните несогласувања ти ја одзеле радоста во бракот? Ако да, можеби си велиш: ‚Повеќе не се сакаме‘, ‚Едноставно, не сме еден за друг‘, ‚Кога сме се венчале, не сме биле свесни што правиме‘, па дури и ‚Можеби е најдобро да се разведеме‘.
Но, не избрзувај! Пред да решиш да го прекинеш бракот, добро размисли. Разводот нема да ти ги реши сите проблеми во животот. Напротив, тој само ќе ти донесе нови во замена за старите. Во својата книга Тинејџер на место (The Good Enough Teen), д-р Брад Сакс предупредува: „Паровите кои се разведуваат си замислуваат совршен развод — дека одеднаш и трајно ќе ги снема непријатните и бурни конфликти, и наместо нив ќе завладее блажена состојба на мир и спокој. Но, таквите замисли се исто толку неостварливи колку и замислата за совршен брак“. Според тоа, многу е важно да се биде целосно информиран и да се има реалистична слика за разводот.
Библијата и разводот
Библијата не го претставува разводот како мала работа. Таа вели дека Јехова Бог го смета за неверен и злобен секој што лекомислено го остава брачниот другар, можеби со намера да стапи во брак со друго лице (Малахија 2:13-16). Бракот е трајна врска (Матеј 19:6). Многу бракови кои се распаѓаат поради ситници можеле да бидат спасени доколку брачните партнери биле спремни да си простат (Матеј 18:21, 22).
Сепак, Библијата дозволува некој да се разведе и повторно да стапи во брак, но само од една причина — сексуални односи надвор од бракот (Матеј 19:9). Значи, ако дознаеш дека твојот партнер те изневерува, имаш право да го прекинеш бракот. Другите не треба да ти ги наметнуваат своите гледишта, а ни целта на оваа статија не е да ти каже што да правиш. Впрочем, ти си тој што ќе живее со последиците, па затоа и одлуката треба да биде твоја (Галатите 6:5).
Меѓутоа, Библијата вели: „Паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). Затоа, дури и да имаш библиска основа за развод, би било мудро добро да размислиш што би значел таквиот чекор (1. Коринќаните 6:12). „Некои можеби мислат дека треба брзо да донесат одлука“, вели Дејвид од Британија. „Но, бидејќи и самиот сум разведен, можам од лично искуство да кажам дека е потребно време за внимателно да размислиш што да направиш.“a
Да разгледаме четири важни факти што треба да ги земеш предвид. Додека читаш понатаму, забележи дека никој од интервјуираните лица што се разведени не вели дека донел погрешна одлука. Меѓутоа, нивните коментари покажуваат какви проблеми настануваат во првите неколку месеци, па дури и години од разводот.
1. Финансии
Даниела од Италија била во брак 12 години кога дознала дека маж ѝ ја изневерува со некоја колешка. Таа вели: „Кога разбрав за тоа, таа жена веќе беше во шестиот месец од бременоста“.
Некое време Даниела живеела одвоено од маж ѝ, но на крајот решила да побара развод. „Се обидов да го спасам бракот“, вели таа, „но маж ми и понатаму ме изневеруваше.“ Иако смета дека донела исправна одлука, таа раскажува: „Веднаш откако се одвоив од него, западнав во тешка финансиска криза. Понекогаш дури немав што да јадам за вечера. Пиев само по една чаша млеко“.
Марија од Шпанија имала сличен проблем. „Мојот бивш сопруг не ни дава никаква издршка“, вели таа, „и уште морам напорно да работам за да ги отплатам долговите што ни ги остави. Освен тоа, морав од убава куќа да се преселам во мало станче кое се наоѓа во една озлогласена населба.“
Како што покажуваат овие искуства, разводот честопати им носи на жените сериозни финансиски проблеми. Едно европско 7-годишно истражување покажува дека, по разводот, приходот на мажите се зголемува за 11 отсто, а приходот на жените се намалува за 17 отсто. Мике Јансен, кој раководеше со ова истражување, вели: „На некои жени им е тешко затоа што сега мора да се грижат за децата, да најдат работа и да се справат со емоционалните трауми од разводот“. Лондонскиот весник Daily Telegraph пишува дека, според некои адвокати, ваквите фактори „ги присилуваат луѓето добро да размислат пред да побараат развод“.
Што би можело да се случи: Ако се разведеш, можеби ќе имаш помал приход. Освен тоа, можеби ќе треба да се селиш. Ако добиеш старателство, можеби ќе ти биде тешко да се издржуваш себеси и да им го обезбедиш на децата она што им е потребно (1. Тимотеј 5:8).
2. Проблеми околу воспитувањето на децата
„Бев шокирана кога дознав дека маж ми оди со друга жена“, вели Џејн од Британија. „Бев скршена од помислата дека тој всушност избрал да нѐ напушти.“ Џејн се развела од својот сопруг. Таа сѐ уште мисли дека донела исправна одлука, но признава: „Еден проблем беше тоа што морав да бидам и мајка и татко. Секогаш морав сама да донесувам одлуки“.
Во слична ситуација се нашла и една разведена мајка од Шпанија по име Грасиела. „Добив целосно старателство на мојот 16-годишен син“, вели таа. „Но, тинејџерските години се тежок период, а јас не бев спремна сама да го воспитувам син ми. Плачев со денови. Се чувствував како неспособна мајка.“
Родителите што го делат старателството имаат уште еден проблем — мора да се договараат со својот поранешен брачен другар за осетливи прашања како што се термините за посета, издршката на децата и воспитувањето. Кристин, разведена мајка од САД, вели: „Не е лесно да задржиш стриктно службени односи со својот бивш маж. Вклучени се многу емоции и, ако не внимаваш, би можел своето дете да го користиш како средство за да манипулираш со ситуацијата“.
Што би можело да се случи: Можеби нема да ти се допадне одлуката за старателство што ќе ја донесе судот. Ако го делиш старателството, твојот поранешен брачен партнер можеби нема да биде доволно разумен кога станува збор за посетите, издршката и за слични прашања кои беа спомнати погоре.
3. Како ќе влијае разводот врз тебе
Жена му на Марк од Британија го изневерила повеќе од еднаш. Тој вели: „Вториот пат не можев да се помирам со помислата дека истото може уште еднаш да се повтори“. Марк се развел од неа, но сѐ уште ја сакал. „Луѓето се во заблуда кога мислат дека ми помагаат така што ја критикуваат“, вели тој. „Љубовта е чувство кое останува долго време.“
Дејвид, кого го цитиравме претходно, поминал низ слична ситуација кога дознал дека жена му го изневерува со друг маж. „Не можев да верувам“, вели тој. „Имав искрена желба да останам со неа и со децата до крајот на мојот живот.“ Тој одлучил да се разведе, но во него останале и извесни сомнежи. „Не сум сигурен дали некоја жена може вистински да ме сака и дали ќе ми се случи истото ако решам повторно да се оженам“, вели тој. „Изгубив секаква доверба.“
Ако си разведен, сосема е нормално да ти се јават најразлични емоции. Од една страна, можеби сѐ уште го сакаш лицето со кое некогаш сте биле едно тело (1. Мојсеева 2:24). Но, од друга страна, можеби си огорчен поради она што се случило. Грасиела, која беше цитирана претходно, вели: „Дури и по неколку години, се чувствуваш збунето, понижено и беспомошно. Кога ќе се потсетиш на среќните моменти од бракот, си мислиш: ‚Ми кажуваше дека без мене не може да живее. Дали ме лажеше? Зошто се случи ова?‘“
Што би можело да се случи: Можеби долго ќе чувствуваш гнев и огорченост поради она што ти го направил брачниот другар. Понекогаш, може да те обземе и неподносливо чувство на осаменост (Изреки 14:29; 18:1).
4. Како влијае разводот врз децата
„Катастрофа!“ — вели еден разведен татко од Шпанија по име Хозе. „Најтешко беше кога дознав дека жена ми оди со зет ми. Посакував да умрам.“ Хозе сфатил дека и неговите два сина, на возраст од две и четири години, се погодени од постапките на мајка им. „Не можеа да ја прифатат ситуацијата“, вели тој. „Не можеа да сфатат зошто мајка им живее со тетин им и зошто се преселивме во иста куќа со сестра ми и со мајка ми. Кога требаше некаде да одам, ќе ме прашаа: ‚Кога ќе се вратиш дома?‘ Или ќе кажеа: ‚Тато, не оставај нѐ!‘“
Децата се честопати заборавени жртви на разводот. Но, што ако родителите едноставно не можат да најдат заеднички јазик? Дали во таквите случаи со разводот навистина „ќе им биде подобро на децата“? Таквата идеја неодамна почна да се оспорува — особено ако станува збор за бракови во кои проблемите не се толку крупни. Книгата Неочекуваните последици од разводот (The Unexpected Legacy of Divorce) вели: „Голем број возрасни лица кои имаат многу лош брак би се изненадиле од фактот дека нивните деца се релативно задоволни со ваквите околности. Ним не им е важно дали мама и тато спијат во посебни кревети. Важно им е само семејството да биде заедно“.
Точно е дека, во најголем број случаи, детето знае за расправиите на своите родители, а затегнатите брачни односи можат негативно да се одразат на неговото психичко и емоционално здравје. Меѓутоа, би било погрешно да се заклучи дека разводот е секогаш најдоброто решение за децата. „Изгледа дека бракот е институција која им помага на родителите да го воспитуваат своето дете на еден доследен и урамнотежен начин кој детето го прифаќа, дури и ако бракот не е баш најидеален“, велат Линда Џ. Вејт и Меги Галагер во својата книга Во полза на бракот (The Case for Marriage).
Што би можело да се случи: Разводот може многу лошо да се одрази врз твоите деца, посебно ако не ги поттикнуваш да имаат добри односи со твојот поранешен брачен партнер. (Види ја рамката „Меѓу два огна“.)
Во оваа статија беа разгледани четири факти кои би било добро да ги земеш предвид ако размислуваш за развод. Како што беше спомнато претходно, ако твојот брачен другар те изневерува, одлуката треба да ја донесеш самиот. Што и да одлучиш, биди свесен за последиците, односно за проблемите што ќе настанат, и биди спремен да се соочиш со нив.
Откако добро размисли за целата работа, можеби заклучи дека би било подобро да се трудиш да го подобриш вашиот брак. Но, дали е тоа воопшто можно?
[Фуснота]
a Имињата во оваа статија се сменети.
[Рамка на страница 6]
„ПРАВОТО ШТО ГО ИМА СЕКОЕ ДЕТЕ“
„Кога имав пет години, татко ми имаше кратка афера со неговата секретарка, и моите родители се разведоа. Што се однесува до грижата за мене, направија сѐ што во тоа време се сметаше за исправно. Ме уверуваа дека, иако повеќе не се сакаат меѓу себе, ме сакаат мене. Откако татко ми се пресели да живее сам во својот стан на другиот крај од градот, и двајцата продолжија да се грижат за моите материјални потреби.
Две години подоцна, мајка ми се премажи и се преселивме во странство. Оттогаш со татко ми се гледав на неколку години. Во последниве девет години сме се виделе само еднаш. Не беше со мене додека растев, а не ги знае ни моите три деца — неговите внуци — освен од писмата и од сликите. Тие, пак, не го познаваат својот дедо.
Како дете на разведени родители, пораснав без некои видливи лузни. Но, длабоко во себе се борев со гнев, депресија и несигурност, без да знам зошто. Воопшто немав доверба во мажите. Дури откако навлегов во третата деценија од животот, една зрела пријателка ми помогна да откријам на што се должат таквите чувства и почнав да се трудам да го надминам овој проблем.
Разводот на моите родители ме лиши од правото што го има секое дете — да се чувствува сигурно и заштитено. Светот е едно студено и страшно место, но ми се чини дека семејството е заштита од него — топло катче каде што детето е згрижено и безбедно. Со распадот на семејството исчезнува и заштитата која тоа ја нуди“ (Дајен).
[Рамка на страница 7]
„МЕЃУ ДВА ОГНА“
„Моите родители се разведоа кога имав 12 години. На некој начин ми олесни бидејќи дома завладеа мир и повеќе не морав да им ги слушам кавгите. Сепак, чувствата превираа во мене.
По разводот, сакав да останам во добри односи и со мајка ми и со татко ми, и вложував големи напори да бидам колку што е можно понеутрална. Но, што и да правев, постојано се наоѓав меѓу два огна. Татко ми мислеше дека мајка ми ме наведува да се свртам против него. Без престан морав да го убедувам дека тоа не е точно. Мајка ми исто така имаше свои стравови. Ми велеше дека се плаши оти татко ми зборува против неа. Дојдов до степен кога не можев да разговарам со ниеден од нив за она низ кое минував јас, бидејќи не сакав да ги повредам. Значи, во основа, уште од 12-годишна возраст ги криев во себе своите чувства за разводот“ (Сандра).