Поделен дом — како влијае разводот врз тинејџерите?
СТРУЧЊАЦИТЕ беа сигурни дека конечно сфатија каков совет треба да дадат. ‚Мисли на сопствената среќа‘, им велеа на родителите кои имаа проблеми во бракот, а потоа брзо додаваа: ‚Немој да мислиш многу на децата. Тие се жилави. Ним им е полесно да се справат со развод отколку да живеат со двајца родители кои воопшто не се слагаат!‘
Но, некои советници, кои со полна уста го фалеа разводот, денес пеат друга песна. ‚Разводот е војна‘, велат сега. ‚Ниту една страна не го напушта бојното поле без рани, а истото е случај и со децата.‘
Разводот не е лесно решение!
Следнава приказна може да личи на сценарио за популарна ТВ-комедија. Таткото и мајката се разведуваат. Мајката го презема старателството над децата, а потоа се мажи за вдовец кој веќе има свои деца. Секоја седмица, ова мешано семејство се соочува со невозможни ситуации — и секоја од нив ја разрешува за половина час, и тоа со многу смеа и досетливост.
Можеби ваквата ситуација е добро сценарио за смешна ТВ-серија, но вистинскиот развод не е никаква комедија. Напротив, тој предизвикува голема болка. „Разводот е мачен судски процес“, пишува М. Гери Нојман во својата книга Емоционална неверност (Emotional Infidelity). „Едниот партнер поднесува тужба против другиот. Во моментот кога се решаваш на развод, ти ја губиш контролата над твоето дете. Веќе не си господар на своите пари, а можеби и на местото на живеење. Можно е да се постигне некаква согласност на суд, но можно е и да не се случи такво нешто. На крајот, еден непознат човек, кој е наречен ‚судија‘, може да ти каже колку често ќе си го гледаш детето и колку пари од твојата плата ќе ти останат. И, за жал, тој непознат човек не размислува како тебе.“
Честопати, разводот само ги менува проблемите од еден вид во друг. Всушност, со него може да ти се смени сѐ — од местото на живеење до финансиската состојба — и тоа, веројатно, на полошо. Но, разводот силно влијае и врз децата.
Разводот и тинејџерите
Разводот може да има погубно влијание врз децата, без оглед на нивната возраст. Некои тврдат дека тинејџерите полесно го пребродуваат. На крајот на краиштата, велат тие, тинејџерите се позрели, а во тоа време и така постепено се оддалечуваат од родителите. Но, истражувачите ја гледаат и другата страна на медалот. Тие сфаќаат дека, токму поради овие фактори, разводот може да биде најтежок за тинејџерите.a Размисли за следново:
◼ Додека си го пробиваат патот кон зрелоста, тинејџерите се чувствуваат многу несигурни, веројатно уште повеќе отколку кога биле деца. Не дозволувај да те излаже нивната наводна „битка за независност“ — ним им е потребно стабилно семејство како никогаш порано.
◼ Токму во периодот од животот кога тинејџерите учат да склопуваат цврсти пријателства, разводот ги учи на спротивното — дека во животот не треба многу да сметаат на довербата, верноста и љубовта. Подоцна, кога ќе станат возрасни, можеби и ќе се плашат да бидат блиски пријатели со некого.
◼ Иако е нормално децата на сите возрасти да ја покажат својата болка, тинејџерите се склони да го прават тоа на поопасни начини, во кои спаѓаат деликвенција, злоупотреба на алкохол и земање дрога.
Ова не значи дека сите тинејџери чии родители ќе се разведат се осудени во емоционален поглед или дека нема да успеат во животот. Тие можат да бидат успешни, особено ако се блиски со двајцата родители.b Сепак, многу е наивно да се мисли дека разводот секогаш ќе биде, како што велат некои, ‚подобар за децата‘ или дека ќе ѝ стави крај на сета затегнатост меѓу сопружниците. Всушност, некои увиделе дека имаат повеќе контакти со својот „неподнослив“ сопружник по разводот отколку пред тоа, и за многу поосетливи работи, како што се алиментацијата или старателството над децата. Во ваков случај, разводот не им става крај на семејните проблеми, туку едноставно битката се префрла на друг фронт.
Трета можност
Што да правиш ако и во твојот брак има проблеми и веќе помислуваш на развод? Во оваа статија беа изнесени уверливи причини зошто треба добро да размислиш пред да направиш таков чекор. Разводот во никој случај не е лек за сите семејни проблеми.
Но, ова не треба да се разбере погрешно: Не е решение ни едноставно да се помириш и да живееш во лош брак. Постои и трета можност — ако имаш проблеми во бракот, зошто не се потрудиш тие да се решат? Немој брзо да ја отфрлиш оваа идеја тврдејќи дека на твојот брак му нема лек. Постави си ги следниве прашања:
◼ ‚Кои особини кај мојот партнер ме привлекоа кон него во почетокот? Зарем сосема ги изгубил тие особини?‘ (Изреки 31:10, 29).
◼ ‚Можат ли кај мене повторно да се разгорат чувствата што ги имав пред да се земеме?‘ (Песна над песните 2:2; 4:7).
◼ ‚И покрај она што го прави мојот партнер, што можам да сторам јас за да ги применам предлозите кои беа дадени на страници 3-9 од ова списание?‘ (Римјаните 12:18).
◼ ‚Можам ли да му објаснам на мојот сопружник (или лице в лице или во писмо) во кои работи би сакал да се подобри нашиот однос?‘ (Јов 10:1).
◼ ‚Може ли да седнеме заедно со некој зрел пријател кој би можел да ни помогне да си поставиме реални цели за да го подобриме нашиот брак?‘ (Изреки 27:17).
Библијата вели: „Паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). Ова начело важи не само кога некој избира доживотен сопатник туку и кога размислува што да прави со својот брак кој стои на стаклени нозе. Всушност, како што беше кажано на 9. страница од ова списание, и среќните семејства имаат проблеми — разликата е во тоа како ги решаваат.
Да ја земеме за пример следнава споредба: Замисли дека си тргнал со кола на далечен пат. Речиси неизбежно е на патот да наидеш на проблеми — можеби лошо време, застој во сообраќајот и други пречки. Понекогаш можеби и ќе се загубиш. Што ќе сториш? Дали ќе ја свртиш колата и ќе се вратиш назад или ќе најдеш начин да се справиш со незгодата и ќе продолжиш напред? На денот кога си се венчал, ти всушност си тргнал на едно патување на кое сигурно ќе наидеш на проблеми, бидејќи Библијата вели дека оние што стапуваат во брак „ќе имаат телесни неволји“ (1. Коринќаните 7:28). Прашањето не е дали ќе дојде до проблеми, туку како ќе ги решиш кога ќе се појават. Можеш ли да најдеш начин да ја совладаш пречката и да продолжиш напред? Дури и ако мислиш дека нема надеж за твојот брак, ќе побараш ли помош? (Јаков 5:14).
Бракот го основал Бог
Бракот го основал Бог, и затоа треба да се сфати сериозно (1. Мојсеева 2:24). Кога ќе ти се чини дека некои пречки се непремостливи, сети се на следниве мисли што беа разгледани во оваа статија.
1. Обиди се да ја разгориш љубовта што си ја чувствувал порано (Песна над песните 8:6).
2. Размисли што можеш ти да сториш за да го подобриш бракот, и потоа спроведи го тоа на дело (Јаков 1:22).
3. Јасно, но со почит, кажи му на твојот сопружник — или лице в лице или во писмо — кои работи мислиш дека би можеле да ги подобрите во бракот (Јов 7:11).
4. Побарај помош. Не мораш сам да си го спасуваш бракот!
[Фусноти]
a Оваа статија главно се задржува на тинејџерите, но разводот влијае и врз помалите деца. Повеќе информации можеш да најдеш во Разбудете се! од 8 март 1998, страници 3-12, и во англиското издание на Разбудете се! од 22 април 1991, страници 3-11.
b Мора да признаеме дека ова не е секогаш можно, особено ако едниот родител го оставил семејството или на некој друг начин е потполно неодговорен, па дури и опасен (1. Тимотеј 5:8).
[Рамка/слика на страница 19]
‚ОВОЈ ПАТ ЌЕ БИДЕ ПОДОБРО‘
Истражувањата откриваат дека вторите бракови си поминуваат полошо од првите, а третите уште полошо. Во својата книга Емоционална неверност, М. Гери Нојман наведува една причина зошто ова е така. Тој пишува: „Ако имаш проблеми во првиот брак, тоа не е затоа што си избрал погрешен брачен другар. Проблемот е во тебе. Ти си се вљубил во таа личност. Ти си се трудел да го постигнеш заедно со неа она што сега го имате — или го немате“. До каков заклучок дошол Нојман? „Подобро е да се ослободиш од проблемот и да го задржиш партнерот отколку да се ослободиш од партнерот, а проблемот да ти остане.“
[Рамка на страница 21]
АКО НА БРАКОТ МУ ДОЈДЕ КРАЈ...
Библијата признава дека некои особено тешки околности можат да бидат причина за развод.c Ако е ова случај и со твоето семејство, како можеш да им помогнеш на твоите деца на тинејџерска возраст да се снајдат во новата ситуација?
Кажи му на твојот тинејџер што се случува. Ако е можно, и двајцата родители треба да го сторат ова. Заедно кажете му на своето дете дека сте донеле конечна одлука да се разведете. Уверете го дека тоа не е виновно за вашиот развод и дека и двајцата и понатаму го сакате.
Тргни се од бојното поле — војната е завршена. Некои родители продолжуваат со расправиите долго откако ќе се разведат. На некој начин, вели еден стручњак, „тие се законски разведени, но сепак се емоционално венчани противници кои сѐ уште не успеале да склучат мировен договор“. Не само што на овој начин тинејџерите се лишени од своите родители — бидејќи се чини дека тие секогаш се расправаат за нешто — туку тоа им дава и можност да ги подбуцнуваат родителите еден против друг за да го добијат она што самите го сакаат. На пример, синот може да ѝ рече на мајка си: „Тато секогаш ми дозволува да излегувам до доцна и да се вратам кога сакам. Зошто ти не ми дозволуваш?“ Од страв синот да не „пребегне“ на „непријателската страна“, мајката попушта.
Пушти го својот тинејџер да се искаже. Тинејџерите можеби си мислат: ‚Ако мајка ми и татко ми престанаа да се сакаат, можеби ќе престанат да ме сакаат и мене‘, или: ‚Ако тие ги прекршија правилата, зошто да не можам и јас?‘ За да му ги смириш стравовите и да го исправиш погрешното размислување, поттикни го твоето дете слободно да ти каже што го мачи. Сепак, внимавај! Немој да си ја заборавиш улогата и да бараш емоционална поддршка од него. Тоа е твое дете, а не твој доверлив пријател.
Охрабри го својот тинејџер да остане во добри односи со твојот поранешен сопружник. Лицето од кое си се развел е твој поранешен брачен другар, но не му е и поранешен родител на твоето дете. Не е убаво да зборуваш лошо за него. Една книга вели: „Ако родителите решат да ги употребат своите деца како оружје при разводот, мора да очекуваат и да го пожнеат она што го посеале“ (Teens in Turmoil—A Path to Change for Parents, Adolescents, and Their Families).
Води сметка за себеси. Понекогаш ќе се чувствуваш исцрпено. Но, не кревај раце! Труди се да водиш здрав живот. Ако си христијанин, продолжи да учествуваш во духовните активности. Доколку го правиш тоа, ќе можете и ти и твојот тинејџер да останете урамнотежени (Псалм 18:2; Матеј 28:19, 20; Евреите 10:24, 25).
[Фуснота]
c Според Библијата, само половите односи надвор од бракот се оправдана причина за развод и повторно стапување во брак со некој друг (Матеј 19:9). Ако некој од партнерите бил неверен, тогаш другиот партнер — а не членовите на семејството или некои други — треба да одлучи дали разводот е најдобро решение (Галатите 6:5).
[Слика на страница 20]
Труди се да го одржиш ветувањето што си го дал на денот на венчавката
[Слика на страница 21]
Ако имате заедничко старателство, охрабри го детето да биде во добри односи со твојот поранешен сопружник