ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g98 8/4 стр. 19-24
  • „Муштеријата секогаш е во право“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Муштеријата секогаш е во право“
  • Разбудете се! 1998
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Позадина на сиромаштија
  • Тажно детство
  • Бракот ми го менува животот
  • Сериозни проблеми и покрај богатството
  • Одговор на моите молитви
  • Ја сфаќам вистинската среќа
  • Верен сѐ до смртта
  • Задржување на духовните цели
  • Благодарна сум што слушав
  • Сиромашен почеток — богат завршеток
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2018
  • Приближувањето до Бог ми помогна да се борам
    Разбудете се! 1993
  • Радосна што и покрај тешкотиите воспитав осум деца да му служат на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Најпосле едно обединето семејство!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
Повеќе
Разбудете се! 1998
g98 8/4 стр. 19-24

„Муштеријата секогаш е во право“

РАСКАЖАЛА ВАИ ЧУЊ ЧИН

Мојот сопруг ми велеше да немам никаква работа со „оние религиозни луѓе кои ѕвонат на вратите“. Затоа, кога Јеховините сведоци ќе дојдеа на нашата врата, јас велев дека не сме заинтересирани. Но, тој исто така ми рече дека „муштеријата секогаш е во право“, па затоа кога една жена Сведок дојде во нашиот ресторан Црвениот змеј и сакаше да ми каже нешто за нејзината религија, јас сметав дека морам да ја сослушам.

МОЈОТ сопруг, Тоњ Ј., беше сопственик на Црвениот змеј, кинески ресторан на авенијата Св. Клар, во Кливленд (Охајо). Откако се венчавме, таму ме поучи за мотото: „Муштеријата секогаш е во право“.

Т. Ј. дошол во Америка за да студира на Њујоршкиот универзитет. Откако дипломирал во 1927 година, отишол да работи во еден ресторан во Њујорк, во пределот на Тајмс Сквер. Ги набљудувал луѓето како јадат на шанковите во драгсторите, каде што биле ограничени просториите за приготвување храна. Затоа дошол на идеја да продава топол кинески гулаш со резанки.

Наскоро, малиот ресторан што го отворил во Гринич Вилиџ станал успешен бизнис. Во 1932, го преселил своето претпријатие во Кливленд (Охајо) и го отворил Црвениот змеј, кој сместуваше 200 лица. Во септември 1932 еден кливлендски весник известил: „Навлегувајќи во регионот на Големите Езера, откако го задоволуваше апетитот на милиони луѓе на Истокот, Тоњ Ј. Чин го донесе во Кливленд своето прво среднозападно претставништво на индустријата на свеж кинески гулаш со резанки, која за пет години ја разви во бизнис од милион долари годишно“.

Пред да објаснам како се запознавме Т. Ј. и јас, да Ви кажам за тоа како израснав во Кина, што многу придонесе за обликувањето на мојот живот.

Позадина на сиромаштија

Моите рани сеќавања се од времето кога ја гледам мајка ми како заминува од нашето мало село на кинеското копно во потрага по храна. Моите родители беа толку сиромашни што мораа да дадат некои од своите деца на посвојување. Еден ден, кога имав само две или три години, татко ми се врати дома со познат поглед во очите. Си помислив: ‚Ова ќе биде нешто лошо за мене‘.

Кратко после тоа, мајка ми ме фати за рака и одевме по еден тесен, каллив пат меѓу оризовите полиња, внимавајќи да не паднеме во водата од двете страни. Запревме во еден дом каде што мајка ми зборуваше со една насмеана девојка, потоа во еден друг дом каде што младата девојка изгледаше намуртена и ненасмеана. Не помнам дека претходно сум ги видела овие девојки. Тие биле мои постари сестри. Додека се збогуваа со мене, чувствував дека никогаш повторно нема да се видиме.

Додека одевме, мајка ми постојано ми зборуваше, кажувајќи ми некои работи за себеси, за татко ми и за моите браќа и сестри. Сѐ уште можам да ги видам љубезните, тажни очи на мајка ми. Кога пристигнавме на нашето одредиште, нешто не ми изгледаше во ред. Куќата имаше тмурен и тажен изглед. Тоа беше мојот нов дом. Јас не сакав да задремам, но на тоа ме натераа мајка ми и родителите кои ме посвоија. Наскоро заспав, а кога се разбудив, мајка ми ја немаше. Никогаш повторно не ја видов.

Тажно детство

Иако сега имаше доволно храна за јадење, имаше малку љубов и моето срце беше полно со солзи. Секое утро се будев плачејќи. Ми недостигаше мајка ми и мојот постар брат, кој остана со неа. Често размислував на самоубиство. Кога потпораснав, копнеев да одам на училиште, но моите родители кои ме посвоија ме задржаа дома за да работам.

Кога имав девет години, се преселивме далеку во Шангај. „Сега си доволно голема за да купуваш и готвиш“, ми рекоа. Така, овие должности беа додадени кон моите секојдневни задачи. Секој ден родителите кои ме посвоија ми даваа доволно пари за да си купам храна за три оброка. На патот кон пазарот минував покрај просјаци и ми паѓаше жал за нив бидејќи беа гладни. Затоа успевав да им давам по една или две монети и сепак да имам доволно за да купам храна колку што ми требаше.

Колку само сакав да одам на училиште и да учам! „За шест месеци ќе те запишеме“, ми ветија родителите кои ме посвоија. Кога одмина времето, ми рекоа: „Шест месеци од сега“. Со текот на времето сфатив дека никогаш нема да ме пратат на училиште. Срцето ми беше скршено. Почнав да го мразам секого во куќата. Честопати се заклучував во бањата и се молев. Иако верувавме во многу богови, некако знаев дека постои еден главен Бог, помоќен од сите други. Затоа го молев: „Зошто има толку многу болка и тага?“ Така гласеше мојата молитва многу години.

Бракот ми го менува животот

Во тоа време договорените бракови беа вообичаени во Кина. Еден од универзитетските пријатели на Т. Ј. кој се врати во Кина, му напишал: „Имаш повеќе од 30 години и сѐ уште не си женет“. Потоа му зборувал за мене, и додал: „Таа има 18 години; на лице е прекрасна, по карактер ништо помалку . . . Јас би размислил сериозно, Тоњ Ј. Чин“. Пријателот му пратил и една фотографија.

Т. Ј. им напишал на моите родители кои ме посвоија: „Ја видов фотографијата на Вашата уважена ќерка. Јас би се оженил со неа ако, откако се сретнеме и бидеме заедно, откриеме дека во нашите срца цвета љубов“. Т. Ј. дојде во Шангај и ние се сретнавме. Иако мислев дека тој е премногу зрел за мене, сметав дека бракот барем ќе ми овозможи да се иселам од куќата. Затоа се венчавме во 1935 и веднаш отпловивме за Америка. Така дојдов во Кливленд.

Сериозни проблеми и покрај богатството

За почеток имав проблеми во комуникацијата со мојот сопруг. Тој зборуваше еден кинески дијалект, кантонски, а јас зборував друг, шангајски. Тоа беше како да зборуваме два различни јазика. Морав да го учам и англискиот јазик, како и нови обичаи. А мојата нова работа? Требаше да бидам шармантна, љубезна домаќинка која секогаш настојува да им удоволи на муштериите. Да, требаше да запомнам дека „муштеријата секогаш е во право“.

Секој ден работев со мојот сопруг по 16 или повеќе долги, тешки часови, а поголемиот период бев трудна. Нашата прва ќерка, Глорија, се роди во 1936. Потоа родив шест деца за девет години — три машки и уште три женски, од кои едното ми умре кога имаше само една година.

Во меѓувреме Т. Ј. почна да управува со многу ресторани и ноќни клубови. Некои забавувачи кои таму ги започнаа своите кариери, како што се Кај Лук, Џек Су и Кај Балард, станаа добро познати славни личности. Исто така, нашите производи на кинеска храна беа нашироко продавани и станаа прочуени.

До средината на 1930-тите, Т. Ј. беше познат како крал на кинескиот гулаш. Тој беше и претседател на Кинеското трговско здружение и предавач по кинески. Јас се вклучив во бројни добротворни, социјални, граѓански и општествени активности. Појавувањето во јавноста и марширањето на парадите стана дел од мојот живот. Нашите слики и имиња беа вообичаена глетка во кливлендските весници; изгледа дека се известуваше сѐ што ќе направевме или ќе речевме — од деловни потфати до годишни одмори, па дури и бројот на моите чевли!

Во 1941, кога јапонското воздухопловство го бомбардираше Перл Харбор, Соединетите Држави влегоа во војна со Јапонија. Бидејќи ние бевме ориенталци, осетивме предрасуди. Дури и пред војната добивавме пишани смртни закани додека ја градевме нашата голема куќа во едно убаво соседство. Но, таа беше завршена и во неа ги подигнавме нашите деца.

Така, јас имав еден прекрасен, простран дом, почитуван сопруг и семејство, да — дури и прекрасна облека и накит. Сепак, среќата продолжи да ме избегнува. Зошто? Како прво, немавме некаков голем семеен живот. Иако секое утро успевав да станувам за да ги испратам децата на училиште, обично работевме кога тие ќе си легнеа. За нивните секојдневни потреби се грижеше една домашна прислужничка.

Ние бевме будисти, но сепак боговите на нашата религија не ми дадоа никаква утеха. Т. Ј., придружен од нашиот најстар син, одеше низ куќата палејќи свеќи и ставајќи храна пред идолите за да јадат боговите. Но, тие никогаш не ја јадеа храната, па затоа децата подоцна уживаа јадејќи ја самите.

На крајот, страдајќи од исцрпеност и не гледајќи никаков излез, резонирав дека на моето семејство ќе му биде подобро без мене. Доживеав потполн слом и се обидов да си го одземам животот. За среќа, брзо бев однесена в болница и се опоравив.

Одговор на моите молитви

Нешто подоцна, во 1950 година, една госпоѓа со прекрасна бела коса влезе во ресторанот заедно со својот сопруг. Кога ги пречекав и се погрижив за нивната удобност, таа ми зборуваше за Бог. Јас не бев заинтересирана. Јеховините сведоци доаѓаа во нашата куќа и се обидуваа да разговараат со мене, но јас секогаш отсечно ги одбивав. Меѓутоа, во ресторанот ситуацијата беше поинаква — „Муштеријата секогаш е во право!“

Таа госпоѓа, Хелен Винтерс, праша дали верувам во Библијата. „Која Библија?“ одговорив јас. „Има толку многу!“ Секогаш кога ќе дојдеше пак, ќе си помислев: ‚Еве ја повторно онаа досада!‘ Но таа беше љубезна и упорна. А она што го кажуваше за една рајска Земја во која повеќе нема да има болка ниту страдање навистина звучеше добро (2. Петрово 3:13; Откровение 21:3, 4).

При една од нејзините посети, таа остави покана за состаноците во Салата на Царството и посочи на кратката порака на задната страница, која ги опишуваше благословите на Божјето Царство. Се сеќавам како подоцна гледав во неа и си мислев: ‚Само кога ова би можело да биде вистинито!‘ Таа ми понуди да ја проучува Библијата со мене дома, и на крајот јас се согласив.

Секоја седмица се собиравме околу масата за да проучуваме — Хелен и јас заедно со моите шест деца, кои беа на возраст од 5 до 14 години. Честопати ми беше жал за неа бидејќи децата понекогаш изгледа го губеа интересот. Во 1951 почнавме да присуствуваме на состаноците во Салата на Царството. Не помина долго време кога сфатив дека она што го учам е одговорот на моите молитви. Затоа решив навистина да научам добро да читам англиски, што беше тежок предизвик за мене.

Ја сфаќам вистинската среќа

Наскоро почнав брзо да напредувам во спознанието и му го предадов својот живот на Јехова Бог. Потоа, на 13 октомври 1951 година, на еден голем конгрес во Вашингтон, Д. К., се крстив заедно со моите две најстари деца, Глорија и Том. Прв пат мојот живот доби значење. Тоа беше почеток на моите најсреќни години.

Целиот свој живот им служев на други луѓе, но сега бев решена да му служам пред сѐ на нашиот Создател! Почнав да ја делам пораката за Царството со сите што слушаа. Исто така, се обидував во моите деца да ја врежам потребата да присуствуваат на христијанските состаноци и важноста да им зборуваат на другите за прекрасните работи во Божјата Реч.

Во 1953 година почнавме да ја одржуваме собраниската студија на книга во нашиот дом. Речиси 45 години подоцна, студијата сѐ уште се одржува овде. Низ годините таа беше огромна духовна помош за нашето семејство.

Вистински предизвик беше да останеме духовно активни, а покрај тоа да го одржиме и нашиот бизнис со ресторанот. Сепак, јас бев во можност да ја проучувам Библијата со многумина. Некои од тие луѓе ја прифатија библиската вистина и подоцна станаа пионери, како што се наречени полновремените министри. Во текот на 1950-тите, нашите четири помали деца му ги предадоа своите животи на Јехова и се крстија. Т. Ј. не беше заинтересиран за Библијата, но сепак нѐ возеше на состаноците и назад. Одлучивме да не му проповедаме, туку само додека се возиме дома да си кажуваме меѓусебе по некоја мисла во која сме уживале на состанокот.

Во тоа време Т. Ј. одеше на чести деловни патувања во градовите низ Соединетите Држави. Јас телефонирав во главното седиште на Watch Tower Society во Бруклин (Њујорк) и ја објаснив нашата ситуација. Грант Сјутер, тогашен секретар-благајник на Заедницата, нѐ покани да ги разгледаме објектите кога ќе бидеме во Њујорк. Т. Ј. беше многу импресиониран, особено од чистотата во кујната, која тогаш хранеше околу 500 души.

За време на нашата посета се запознавме со Расел Курцен, кој подоцна му испрати на Т. Ј. Библија, која тој ја читаше секоја вечер сѐ додека не ја заврши. Подоцна, во 1958 година, на меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци во Њујорк, мојот сопруг се крсти! На наше изненадување, нашиот најстар син, кој тогаш служеше како член на фамилијата на главното седиште, имаше кратко учество во програмата.

Верен сѐ до смртта

Т. Ј. и јас честопати заедно учествувавме во службата од куќа до куќа. Кога почна да му слабее видот, редовно се ангажиравме во сведочењето на улица. The Cleveland Press го носеше ударниот наслов „Разговор кај Црвениот змеј“, со една слика од нас како на еден минувач му ги нудиме списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Приказната раскажуваше за тоа како сме станале Сведоци. Патем речено, на Црвениот змеј му беше променето името и стана Ресторанот Чин.

Низ годините, во нашиот ресторан мојот сопруг и јас гоштевавме многу христијански браќа и сестри од целиот свет. Добро го запомнавме советот од брат Фред Франц, кој служеше како претседател на Watch Tower Bible and Tract Society. Кога нѐ посети, тој нѐ поттикна: „Бидете верни и цврсто држете се за Јеховината организација“.

Т. Ј. доживеа неколку мозочни удари во раните 1970-ти и умре на 20 август 1975. Еден локален весник објави опширен некролог заедно со една негова слика како во службата нуди Стражарска кула. Нашите последни заеднички години беа најубави. После повеќе од 60 години работа, во април 1995 Ресторанот Чин се затвори за последен пат. За некои тоа изгледаше како крај на една ера.

Задржување на духовните цели

Едно време имавме желба нашите три сина да го преземат семејниот бизнис. Меѓутоа, таа желба се промени; сакавме тие да ги следат Исусовите стапки и да станат полновремени министри. Секое од децата го прашавме дали сака да пионери во Хонгконг и да им помага на други Кинези да го научат тоа што го научивме ние. За таа цел им понудивме финансиска поддршка. Иако никој од нив не научи течно да зборува кинески, Винифред, Викторија и Ричард одбраа да се преселат во Хонгконг.

Нашата ќерка Винифред пионереше таму повеќе од 34 години! Викторија се омажи за Маркус Гам, и подоцна се вратија во Соединетите Држави. Тие подигнаа три деца — Стефани и Сереј кои се во полновремена служба во Кливленд, и Симеон кој заедно со својата сопруга Морфид служи на фармите на Watchtower во Волкил (Њујорк). Викторија и Маркус сега живеат во близина за да помагаат во грижата за мене. Тој е претседавачки надгледник на собранието Ковентри во Кливленд.

Нашата најстара ќерка, Глорија, е прикована за инвалидска количка откако беше погодена од детска парализа во 1955 година. Таа и нејзиниот сопруг, Бен, живеат во Ескондидо (Калифорнија), каде што таа и понатаму редовно служи во проповедничкото дело. Том е полновремен министер повеќе од 22 години. Тој и неговата сопруга, Естер, моментално работат во образовниот центар на Watchtower во Патерсон (Њујорк). Ричард и неговата сопруга, Еми, се вратија од Хонгконг за да помогнат во грижата за Т. Ј. пред неговата смрт. Сега и тие служат во Патерсон. Нашиот најмлад, Волден, мина повеќе од 30 години во полновремена служба. Во последниве 22 години, тој и неговата сопруга, Мери Лу, служеа во покраинското и обласното дело во разни собранија низ Соединетите Држави.

Тоа не значи дека нашите деца никогаш не ни правеле проблеми. Како тинејџер, едно од нив избега од дома и не се јави цели три месеци. Некое време, едно друго беше позаинтересирано за спортот отколку за духовните работи, пропуштајќи ја нашата седмична семејна библиска студија со цел да се натпреварува. Доби дури и понуди за спортски стипендии. Кога одлучи да започне со полновремена служба наместо да прифати некоја од тие универзитетски стипендии, почувствував како од рамениците да ми падна товар од еден тон!

Благодарна сум што слушав

Иако моите деца се дословно распрснати низ светот, ми олеснува на срцето сознанието дека тие верно му служат на Јехова. Сега имам 81 година, а артритисот и некои други болести го забавија мојот чекор, но мојата ревност за Јехова не попушти. Се трудам да водам грижа за себе за да не мора ниедно од моите деца да ја напушти полновремената служба за да се грижи за мене.

Желно ја очекувам иднината кога Божјите намери потполно ќе се остварат и повторно ќе ги видам моите сакани кои умреле, вклучувајќи го мојот сопруг, моите вистински родители и Хелен Винтерс, која проучуваше со нас (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Колку само сум радосна што ја сослушав таа прекрасна седокоса госпоѓа пред повеќе од 46 години! Навистина, таа муштерика беше во право!

[Слика на страница 21]

Кога се венчавме

[Слика на страница 23]

Нашето семејство во 1961. Од лево на десно: Викторија, Ваи, Ричард, Волден, Том, Т. Ј., Винифред и Глорија однапред

[Слика на страница 24]

Ваи Чин денес

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели