Научете да ги пуштите да си заминат
„ОНА што се стрелите во раката на силниот, тоа се младите синови“, напишал библискиот псалмист (Псалм 126:4). Стрелата не ја погодува својата мета случајно. Мора да биде внимателно нанишанета. На сличен начин, децата може нема да ја постигнат целта да бидат одговорни возрасни без родителско водство. „Поучи го момчето во почетокот на патот негов“, советува Библијата, и „тој нема да скршне од него и кога ќе остари“ (Изреки 22:6).
Промената од зависност во детството до независност во полнолетството не може да се направи преку ноќ. Затоа, кога треба родителите да почнат да ги обучуваат своите деца да бидат независни? Апостол Павле го потсетил младиот човек по име Тимотеј: „Уште како мал [од периодот на доење, NW] ги знаеш Светите Писанија, што можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христа Исуса“ (2. Тимотеј 3:15). Замислете, мајка му на Тимотеј почнала да му дава духовно обучување кога тој сѐ уште бил доенче!
Тогаш, ако на доенчињата може да им користи духовното обучување, зарем не е разумно на децата да им се даде обучување за полнолетството колку што е можно порано? Еден начин да се направи ова е да се поучат да бидат одговорни, да донесуваат свои одлуки.
Обучување на децата да бидат одговорни
Како можете да ги охрабрите своите деца да бидат одговорни? Една брачна двојка, Џек и Нора, се присетуваат на својата ќерка: „Уште кога едвај можеше да оди, таа научи да носи чорапчиња или мали предмети до својата спална соба и да ги става во соодветната фиока. Таа научи и да ги раздигнува играчките и книгите на свое место“. Тоа се мали почетоци, но детето веќе учело да донесува одговорни одлуки.
Додека детето станува поголемо, можеби ќе можат да му се доверат некои поголеми одговорности. Затоа, Абра и Анита ѝ дозволиле на својата ќерка да чува куче како домашно милениче. Девојчето било одговорно да се грижи за кучето, па дури давало и пари од својот џепарлак за неговото одржување. Воспитувањето на децата да ги исполнат своите одговорности бара стрпливост. Но, тоа се исплати и придонесува за нивниот емоционален раст.
Задачите низ домаќинството даваат уште една прилика да се поучат децата на одговорност. Некои родители дословно ги исклучуваат своите деца од семејните одговорности, сметајќи дека нивната вклученост повеќе смета отколку што помага. Други сметаат дека на нивните деца треба ‚да им биде подобро отколку на нив самите кога биле деца‘. Тоа е погрешно расудување. Писмото вели: „Ако ласкаво држиш слуга од детството, подоцна ќе посака да ти стане син [неблагодарник, NW]“ (Изреки 29:21). Начелото од овој текст сигурно се однесува на децата. Жално е кога еден младинец ќе влезе во полнолетството не само како „неблагодарник“ туку и како неспособен да се справува дури и со наједноставни задачи во домот.
На младите во библиските времиња често им биле доделувани задачи во домаќинството. На пример, на кревка возраст од 17 години, младиот Јосиф учествувал во одговорноста за грижата околу семејните стада (1. Мојсеева 37:2). Тоа не била мала задача, бидејќи стадата на татко му биле големи (1. Мојсеева 32:13—15). Со оглед на фактот дека Јосиф израснал во моќен водач, не е тешко да се поверува дека ова рано обучување многу придонело за обликувањето на неговиот карактер на еден позитивен начин. И на идниот цар на Израел, Давид, му биле доверени семејните стада додека бил младинец (1. Царства 16:11).
Лекција за родителите денес? Доделувајте им на своите деца смисловни задачи во домаќинството. Со време, труд и стрпливост можете да ги поучите младите да имаат удел во чистењето, готвењето, одржувањето на дворот и во поправките дома и на возилото. Точно е тоа дека многу зависи од возраста и способноста на детето. Но, дури и малите деца обично можат да имаат некаков удел во тоа ‚да му помогнат на тато да го поправи автомобилот‘ или ‚да ѝ помогнат на мама да зготви јадење‘.
Учењето на задачите низ домаќинството исто така бара родителите да им дадат на децата еден многу скапоцен подарок — своето време. Една брачна двојка, родители на две деца, биле запрашани која е тајната на едно успешно воспитување на детето. Тие одговориле: „Време, време, време!“
Исправање со љубов
Кога децата добро ги извршуваат своите задачи, или барем се трудат во тоа, ободрете ги со великодушна и искрена пофалба! (Спореди Матеј 25:21.) Се разбира, децата ретко ги извршуваат задачите со способност на еден возрасен. И кога на децата ќе им се допушти да донесуваат сопствени одлуки, тие често ќе прават грешки. Но, внимавајте да не реагирате претерано! Зарем и Вие не сте правеле доволно грешки како возрасен? Затоа, зошто не покажете стрпливост кога Вашето дете ќе згреши? (Споредете Псалм 102:13.) Дајте простор за грешки. Сметајте ги за дел од процесот на учење.
Авторите Мајкл Шулман и Ева Меклер забележуваат: „Децата со кои се постапува на еден пријателски начин не се плашат од тоа дека ќе бидат казнети што презеле независна постапка“. Меѓутоа, „децата на ладнокрвни или груби родители се плашат да преземат речиси каква и да било спонтана постапка, вклучувајќи и нешто корисно, бидејќи се плашат дека нивните родители ќе најдат некаква грешка во она што го направиле и дека ќе ги критикуваат или ќе ги казнат“. Овој коментар е во склад со библиското предупредување за родителите: „Татковци, не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот“ (Колосјаните 3:21). Затоа, кога напорите на детето нема да ги исполнат очекувањата, зошто не го пофалите барем за тоа што се потрудило? Охрабрете го да биде подобар следниот пат. Дајте му до знаење дека неговиот напредок е извор на радост за Вас. Уверете го во Вашата љубов.
Се разбира, понекогаш е неопходно исправање. Ова може да биде очигледно особено за време на адолесцентните години, кога младите луѓе се борат да го докажат својот личен идентитет, да бидат прифатени како поединци по сопствена заслуга. Затоа, родителите ќе бидат мудри ако на таквите обиди да се постигне независност гледаат со разбирање наместо секогаш да ги толкуваат како побуна.
Точно е дека младите се склони да постапуваат импулсивно или да попуштаат на „желбите на младоста“ (2. Тимотеј 2:22). Затоа, пропустот да се постават граници на младешкото однесување може да го оштети детето емоционално; нема да научи самосовладување и самодисциплина. Библијата предупредува: „Момче, оставено без грижа, ги посрамува своите родители“ (Изреки 29:15). Но, соодветната стега, дадена со љубов, е корисна и го подготвува младинецот за барањата и притисоците на полнолетството. Библијата опоменува: „Кој ја жали прачката своја, го мрази синот свој; а кој го сака, го казнува за да го поправи“ (Изреки 13:25). Сепак, запомнете дека суштината на стегата е поучување и воспитување — не казнување. „Прачката“ спомната овде веројатно се однесува на стапот што го користеле пастирите за да ги насочуваат своите стада (Псалм 22:4). Тој е симбол на водство полно со љубов — а не на груба бруталност.
Животно образование
Родителското водство е особено потребно кога станува збор за образованието на детето. Заинтересирајте се за образованието на Вашето дете. Помогнете му да одбере исправни школски насоки и да донесе одговорна одлука за тоа дали ќе биде потребно некакво дополнително образование.a
Се разбира, најважното образование е духовното образование (Исаија 54:13). На децата ќе им бидат потребни божествени вредности за да преживеат во светот на возрасните. Нивната „моќ на согледување“ мора да биде школувана (Евреите 5:14, NW). Родителите можат да сторат многу за да им помогнат во овој поглед. Семејствата меѓу Јеховините сведоци се охрабрени да имаат редовна библиска студија со своите деца. Следејќи го примерот на мајка му на Тимотеј, која го поучувала за Писмото уште од доенче, родителите кои се Сведоци исто така ги поучуваат своите мали деца.
Една самохрана родителка по име Барбара ја прави семејната библиска студија едно многу пријатно доживување за нејзините деца. „Таа вечер се погрижувам да им дадам на децата убаво јадење, дополнето со десерт што го сакаат. Ги пуштам лентите на Мелодии на Царството за да се создаде вистинска атмосфера. Потоа, откако ќе започнеме со молитва, обично го проучуваме списанието Стражарска кула. Но, ако има некоја посебна потреба, можам да користам публикации како што се Младите прашуваат — делотворни одговори“.b Според Барбара, проучувањето на Библијата им помага на нејзините деца „да го добијат Јеховиното гледиште за работите“.
Да, на едно дете не може да му се даде поголем подарок од спознанието и разбирањето на Божјата Реч, Библијата. Таа може „да им даде на неискусните остроумност, на младиот човек спознание и способност за размислување“ (Изреки 1:4, NW). Така опремена, младата личност влегува во полнолетството способна да се сретне со нови притисоци и ситуации.
Сепак, заминувањето на децата значи една голема промена во начинот на живот на повеќето родители. Како можат успешно да излезат на крај со празното гнездо, се дискутира во нашата следна статија.
[Фусноти]
a Видете ја серијата „Родители — и вие имате домашна задача!“ во изданието на Разбудете се! од 8 септември 1988 (англ.).
b Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Истакната мисла на страница 6]
„Децата на ладнокрвни или груби родители се плашат да преземат речиси каква и да било спонтана постапка, вклучувајќи и нешто корисно, бидејќи се плашат дека нивните родители ќе најдат некаква грешка во она што го направиле и дека ќе ги критикуваат или ќе ги казнат“ (Bringing Up a Moral Child од Мајкл Шулман и Ева Меклер).
[Рамка на страница 6]
Самохрани родители — предизвикот на заминувањето
Една самохрана родителка по име Ребека забележува: „Многу е тешко за самохраните родители да ги пуштат своите деца да си одат. Ако не пазиме, склони сме претерано да ги заштитуваме и да ги гушиме“. Книгата Тајната на семејната среќаc‚ страници 106 и 107, ги нуди следниве корисни забелешки:
„Природно е самохраните родители да бидат особено блиски со своите деца, но сепак, мора да се внимава да не се срушат границите што Бог ги поставил меѓу родителите и децата. На пример, можат да се појават сериозни тешкотии ако една самохрана мајка очекува син ѝ да преземе одговорности на маж во куќата или ако се однесува кон својата ќерка како кон доверливо лице, оптоварувајќи го девојчето со лични проблеми. Таквото постапување е неумесно, предизвикува стрес, а можеби и го збунува детето.
Увери ги своите деца дека ти, како родител, ќе се грижиш за нив — а не обратно. (Спореди 2. Коринтјаните 12:14.) Одвреме навреме можеби ќе ти треба некаков совет или поддршка. Тоа барај го од христијанските старешини или можеби од зрелите христијанки, а не од твоите малолетни деца (Тит 2:3)“.
Кога самохраните родители ќе постават исправни граници и ќе задржат здрав однос со своите деца, обично им е полесно да ги пуштат да си заминат.
[Фуснота]
c Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слики на страница 7]
Практичното обучување може да им помогне на децата да станат поодговорни возрасни лица
[Слики на страница 8]
Семејната библиска студија може да им ја даде на децата мудроста што е потребна за да се справат со животот на возрасен човек