Како се справувам со пелтечењето
Раскажал Свен Сиверс
ПЕЛТЕЧАМ уште од дете. Кога ќе се сетам на тоа време, го ценам пристапот на моите родители кон тој проблем. Кога пелтечев, тие секогаш се трудеа да се сосредоточат на тоа да слушнат што сакам да кажам наместо да го исправат начинот на кој зборував. Според терапевтите за говор, родителите кои постојано свртуваат внимание на пелтечењето на нивното дете, можат да го влошат растројството.a
Мајка ми стана Јеховин сведок кога имав три години. Во моите тинејџерски години одлучив да го следам нејзиниот пример и добив помош целосно да ја проучам Библијата. На 24 јули 1982 се крстив како предаден слуга на Бог на еден конгрес во Нојминстер (Германија). Подоцна се преселив во Јужна Африка, каде што продолжив да учествувам во делото на јавно проповедање, во кое е заповедано да учествуваат сите вистински христијани (Матеј 28:19, 20). Можеби се прашувате како успевам како човек кој пелтечи?
Награди од позитивниот став
Морам да признаам дека понекогаш ми е тешко да задржам позитивен став, но открив дека позитивниот став навистина многу ги менува работите. Факт е дека некако секогаш можам да комуницирам. Ако не преку зборување, тогаш комуницирам запишувајќи пораки или едноставно покажувајќи им на другите библиска литература. Позитивниот пристап ми помага да ја надминам тешкотијата на започнувањето разговор. Се обидувам да задржам многу едноставен увод. На почетокот на разговорот му допуштам на станарот да зборува колку што е можно повеќе. Луѓето сакаат да разговараат и тоа ми дава прилика да го запознаам нивниот начин на размислување. Потоа, го продолжувам разговорот со работи кои ги интересираат, истакнувајќи ја библиската порака. Тоа што се сосредоточувам на она што го велат ми помага да заборавам на мојот говорен проблем и пелтечам помалку.
Позитивниот пристап ми помага да зборувам и на христијанските состаноци. Открив дека колку повеќе учествувам во библиските дискусии толку повеќе слушателите и водителот се навикнуваат на мене и го слушаат она што го велам наместо начинот на кој го велам тоа.
За да ја искусам радоста на успехот, морам постојано да се обидувам. Тоа ме спречува да подлегнам на самосожалување и да се повлечам во себе. Борбата со самосожалувањето е една постојана битка. Се вели дека, ако еден човек биде исфрлен од коњ, важно е повторно да се качи на коњот за да не ја изгуби самодовербата. Затоа, ако морам да престанам да зборувам за време на некој коментар поради тоа што потполно сум се заплеткал, се обидувам повторно да се качам на коњот, така да се рече, коментирајќи во следната прилика.
Како можат другите да помогнат
Кога морам да се јавувам по телефон или да прашувам непознати за некоја информација, ја ценам тактичната помош. Но, некои поединци претеруваат во нивната желба да бидат од помош и се однесуваат со мене како со дете кое не е способно да донесува одлуки.
Исто така, ја ценам помошта на мојата сопруга Трејси која е полна со љубов. Пред да дејствува како моја „уста“, детално дискутираме за ситуацијата и таа знае што би сакал да се постигне. (Спореди 2. Мојсеева 4:10, 14, 15.) На тој начин, таа покажува почитување кон мене како нејзин сопруг и ме остава со чувство дека сѐ уште имам контрола над својот живот.
Друга голема помош беше Теократската школа за служба. На овој седмичен состанок, студентите учествуваат во јавното читање на Библијата и во изнесувањето кратки говори за извесни библиски точки. Бев изненаден кога открив дека честопати можам да читам и да зборувам сосема добро пред слушателите. Да не се запишев во школата, веројатно никогаш немаше да станам свесен за оваа способност.
Кога имав задачи во Теократската школа за служба, ми беше особено охрабрувачки кога водителот се сосредоточуваше на она што го велев а не на начинот на кој го велев тоа. Многу ми користеше книгата Vodič za Teokratsku službu osposobljavanjab‚ иако извесни аспекти од неа им претставуваат многу поголем предизвик на оние кои пелтечат отколку на оние со нормален говор. На пример, понекогаш, поради многу пелтечење, не можам да го завршам мојот говор во доделеното време. Но, многу ме охрабрува кога водителот ги нагласува точките на кои сум способен да работам.
Поголеми предности во службата
Во минатото, имав предност пред публика да читам од христијанските публикации кои ги проучуваме на нашите состаноци. Исто така, имав предност да ја водам студијата кога не беше присутен ниеден друг квалификуван министер, а денес тоа го правам редовно. Иако на почетокот имав трема, ја доживував Божјата помош во извршувањето на таквите задачи.
Меѓутоа, во текот на годините, можностите да читам или да поучувам од собранискиот подиум беа ограничени. Тоа беше разбирливо, бидејќи имаше моменти кога ми требаше премногу време за да се изјаснам. Затоа, со сите мои сили ги извршував другите задачи. На почетокот служев како помошник во грижата за собраниската залиха на списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Потоа, откако бев наименуван за слуга помошник, се грижев за залихите на Библии, книги и друга литература. Подоцна ми беше доделено да ги проверувам картичките на терените кои се користат во нашето јавно дело на сведочење. Сосредоточувањето на овие задолженија во обидот добро да си ја извршам работата, ми донесе голема радост.
Во изминатите осум години, заедно со Трејси служев и како полновремен евангелизатор. Јехова вистински ме благословуваше и во овој поглед. Всушност, понекогаш се прашувам дали Јехова ја користи мојата слабост на пелтечење. Од петте лица на кои имав предност да им помогнам да станат предадени христијани, двајца пелтечат.
Сѐ уште со радост се сеќавам на денот кога бев наименуван да служам како собраниски старешина. Иако мојата способност на поучување од подиумот е ограничена, се трудам да се сосредоточам на тоа лично да им помагам на другите. Пелтечењето не ја ограничува мојата способност да истражувам по Писмото за да им помагам на членовите на собранието кои се соочуваат со сериозни проблеми.
Во изминатите пет години бев повикуван да одржувам сѐ повеќе говорни задачи. Освен што изнесував говори во Теократската школа за служба, можев да изнесувам и кратки известувања на другите состаноци. Полека, мојата течност во говорот се подобри. Но, потоа имав големо влошување. Вознемирен, си помислив: ‚Никогаш повеќе нема да ми доделат задачи‘, но на мое изненадување, моето име се наоѓаше во следниот распоред! Претседавачкиот надгледник во нашето собрание рече дека, ако толку се заплеткам што не ќе можам да продолжам, ќе можам само да го погледнам и тој ќе се качи на подиумот и самиот ќе продолжи. Оваа љубезна подготовка ја искористив еднаш или два пати, но во последниве месеци не морав да го правам тоа. Со подобрувањето на мојот говор, ми беа доделувани подолги делови, вклучувајќи и јавни предавања. Напредокот што го постигнав, целосно го сфатив дури кога неодамна бев замолен да имам учество во два приказа на еден покраински собир на Јеховините сведоци.
Искрено речено, не можам потполно да сфатам зошто се подобри мојот говор. Исто така, тој би можел повторно да се влоши уште утре. Всушност, иако изгледа дека дефинитивно напредувам во говорењето од подиумот, имав големи влошувања кога зборував лично со луѓето. Затоа, ова не е приказна за успех во смисла дека сум го победил пелтечењето. Кога ќе доживеам влошување, се трудам да се потсетам дека треба да ги прифатам моите ограничувања и ‚да одам скромно со Бог‘ (Михеј 6:8, NW).
Што и да донесе иднината, ќе продолжам да се трудам, знаејќи дека во Божјиот нов свет што се приближува, пелтечењето ќе биде потполно надминато. „Јазикот на оние што пелтечат“, вели Библијата, „ќе биде брз во зборувањето јасни работи.“ Уверен сум дека ова ќе се обистини како во дословна така и во духовна смисла и дека дури и „немиот ќе извикува од радост“ (Исаија 32:4; 35:6, обата NW).
[Фусноти]
a Видете ја статијата „Да се разбере стравот од пелтечење“, во изданието од 8 март 1998.
b Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 29]
Со мојата сопруга Трејси