Да се разбере стравот од пелтечење
ДАЛИ можете да направите разлика помеѓу говорник кој течно зборува и оној кој се плаши од пелтечење? ‚Па, се разбира‘, можеби ќе одговорите. Но размислите што пишува Питер Лоу во својата книга на африканс Hhhakkel (Пппелттечи): „На секој ‚неприкриен‘ пелтек, можеби постојат десет кои сакаат да останат колку што е можно понезабележани и кои ја кријат својата тешкотија во говорот на разновидни начини“. Да ја кријат тешкотијата во говорот? Како е можно тоа?
Некои кои пелтечат успеваат да ја сокриваат тешкотијата со тоа што ги предвидуваат зборовите кои им предизвикувале проблем во минатото. Тогаш, наместо да го кажат тој збор, реченицата ја формираат на поинаков начин или користат друг збор со слично значење. Еден сопруг 19 години во брак го сокривал своето пелтечење. Кога вистината ѝ станала јасна на неговата сопруга, таа прашала еден терапевт за говор: „Дали мислите дека затоа ме тера мене да телефонирам некаде и затоа секогаш јас нарачувам во рестораните, и затоа никогаш не коментира на . . . состаноците?“
Размислете и за Герард и Марија, среќно венчана двојка од Јужна Африка.a Во неколку прилики, Марија се обидела да му објасни на својот сопруг дека се воздржувала да коментира на состаноците за проучување на Библијата поради нејзиниот страв од пелтечење. „Глупости“, догматично ѝ велел, „ти не си пелтек.“ Герард го темелел своето просудување на обично зборливата природа на својата сопруга. Само одредени говорни ситуации предизвикуваат да се плаши од пелтечење. Првпат, после пет години брак, Герард станал свесен за тоа и признал: „Бев неупатен и безобѕирен“. Сега, наместо да ја критикува, тој ја пофалува тогаш кога собира храброст да зборува пред голема публика.
Разбирливо е тоа што многу луѓе кои пелтечат се измачувани од „страв . . . понекогаш непопустлив, а честопати силен“, објаснува Дејвид Комптон во својата книга Stammering (Тепкање), кој и самиот пелтечи. „Во својот најранлив момент, својата најнеопходна точка на контакт со другите човечки суштества, кога посегнува кон нив во говорот, било да е секојдневен или интимен, во такви прилики тепкачот можеби очекува да биде ранет, исмејуван . . . Дури и оние кои многу успешно излегуваат на крај сѐ уште признаваат дека биле обликувани од нивниот страв и дека никогаш во потполност не ги остава.“
Ситуации кои можат да подбудат страв
Кога ќе се повика еден пелтек да одговори на едно прашање пред публика, како што е во школска училница, на деловен состанок или на религиозен собир, тоа може да предизвика вознемиреност што доведува до силен напад на пелтечење. „Дали има прилики кога мислиш дека едноставно е многу полесно да молчиш?“ — во едно радио-интервју била запрашана 15-годишната Росан, од Јужна Африка, која пелтечи. Таа одговорила: „На пример, честопати в училиште кога го знам одговорот за кој сум сигурна дека ќе добијам добра оценка, но знам дека тоа е преголем напор за вистински да зборувам“.
Еден бизнисмен по име Сајмон, исто така, бил интервјуиран на радио-програмата спомената горе. Како Росан, Сајмон се подобрил со помош на терапија за говор. Но, сѐ уште понекогаш има лоша епизода на пелтечење. Тоа може да се влоши од ставот на неговата публика. „Ако сте на состанок на управен одбор каде што морате прилично да зборувате и тешко ви оди, луѓето околу таа маса стануваат многу, многу нестрпливи“, објаснува тој.
Стравот кој го има оној кој пелтечи не треба да се помеша со стравот кој можеби го има едно срамежливо лице да разговара со непознати. Земете ја предвид Лиса која во изминатите две години присуствува на состаноците на Јеховините сведоци. Во обичен разговор со пријателите, таа честопати успева да зборува доста течно. Исто така, учествува ревносно во делото на евангелизација кое изискува неповикано да им се пристапува на непознати луѓе. Но, таа има страв кој е вообичаен за многу кои пелтечат — да зборува пред голема публика. „На нашите состаноци“, објаснува Лиса, „ретко успевам да кренам рака и да одговорам на некое прашање. Ако и воопшто одговорам, тоа е максимум еден збор или една кратка реченица. Иако можеби е малку, тоа е моето најдобро. Честопати, одговорите ми се во главата и на усните затоа што секогаш се подготвувам однапред. Но, мојот јазик едноставно одбива да соработува.“
Полошо искуство за некои кои пелтечат е да читаат гласно. Тоа ги присилува да користат зборови кои обично би ги избегнувале. „На еден од нашите состаноци“, продолжува Лиса, „понекогаш сме замолени по ред да читаме библиски текстови за кои дискутираме. Во такви прилики седам во страв, мрдам и чекам да ми дојде редот, не знаејќи дали ќе успеам да го прочитам текстот или не. Понекогаш читам, но не можам да изговорам одреден збор. Тогаш, само го прескокнувам и продолжувам да читам.“
Очигледно, потребно е внимателно да се размисли пред да се охрабри лицето кое пелтечи да чита гласно. Таквото „охрабрување“ би можело да предизвика уште полошо да се чувствува оној кој пелтечи. Наместо тоа, таквото лице заслужува да биде срдечно пофалено поради тоа што го прави своето најдобро.
Кога се обидувате да помогнете
Пелтечењето е многу комплексно растројство. Она што дејствува кај еден можеби нема да дејствува кај друг. Всушност, многу пелтеци кои доживуваат период на „излеченост“ подоцна претрпуваат повторување на состојбата. Повеќе истражувања се направени на пелтечењето отколку на кое било друго растројство на говорот. Сепак, стручњаците не откриле определена причина. Всушност, повеќето се согласуваат дека многу фактори може да придонесат за пелтечење. Според неодамнешните проучувања, една теорија е дека тоа е поврзано со нередовното организирање на мозочните клетки уште рано во животот на оној кој пелтечи. Според учебникот на докторите Теодор Џ. Питерс и Бери Гитар, Stuttering—An Integrated Approach to Its Nature and Treatment (Пелтечење — интегриран пристап кон неговата природа и лекување), текуштите гледишта во врска со причините „ќе бидат застарени како што повеќе студии ги исполнуваат огромните празнини во нашето спознание за пелтечењето“.
Поради тоа што човекот знае толку малку за пелтечењето, постои потреба од претпазливост кога се предлага една од бројните терапии за оние кои се измачувани од ова растројство. „Повеќето од оние кои многу пелтечат“, додава горенаведениот учебник, „само делумно ќе оздрават. Ќе научат да зборуваат побавно или побезгрижно да пелтечат и помалку да им смета тоа . . . Од причини кои не ги разбираме, кај малкумина кои пелтечат едноставно нема значителни промени при лекувањето.“b
Кога лекувањето не успева да дејствува, некои терапевти го обвинуваат пелтекот дека доволно не се трудел. Еден тврдел: „Единствената веројатност за неуспех лежи во безволниот став од страна на тепкачот“. Во врска со таквите тврдења, авторот Дејвид Комптон рекол: „Немам зборови да ја изразам лутината која ваквиот коментар може да ја предизвика кај тепкачите. Прво, затоа што тоа очигледно не е вистина. Не е можно една терапија да биде ефективна за сите тепкачи, па дури и ефективната за одреден тепкач далеку од тоа да е непогрешлива. Второ, поради тоа што тепкачите живеат со неуспех . . . сѐ што непотребно и неоправдано го зголемува [нивниот неуспех] е злосторство“.
Олеснување на нивниот товар
Оние кои пелтечат обично не сакаат да бидат сожалувани. Меѓутоа, може многу да се стори за да се олесни нивниот товар. Кога пелтечат, немојте да погледнувате настрана поради непријатност. Наместо да ги гледате во нивната уста, гледајте ги в очи. Обично се осетливи на говорот на телото на своите слушатели. Ако изгледате опуштени, тоа ќе помогне да се намалат нивните стравови. „Покажете му на лицето дека сте подготвени да го ислушате како што би биле подготвени да ислушате кој и да било друг“, рекол еден терапевт за говор.
Наставниците кои имаат пелтек меѓу своите ученици можат многу да сторат за да ги олеснат неговите стравови. Во јужноафриканскиот образовен журнал Die Unie, им бил даден следниов совет на наставниците: „Повеќето пелтеци многу помалку пелтечат кога знаат дека оној кој ги слуша не очекува течност“.
Според горенаведениот журнал, исто така, важно е наставникот да се запознае со чувствата на ученикот. Наместо да ги избегнува таквите ученици поради непријатност, наставниците се советувани да разговараат со нив и да ги охрабрат да ги изразуваат своите чувства за проблемот. Наставникот може на тој начин да открие од кои говорни ситуации ученикот најмногу се плаши. „Неговата течност на зборување 80 проценти зависи од Вас“, известува журналот. Неговата течност ќе се подобри ако знае дека тој е прифатен и покрај проблемот. Журналот понатаму објаснува: „Една опуштена атмосфера ориентирана кон учење во училницата ќе биде од корист не само за оној кој пелтечи туку и за остатокот од класот“.
Секако, овие предлози можат успешно да бидат приспособени во ситуациите на поучување во кои се вклучени возрасни.
Нашиот Творец разбира
Нашиот Творец, Јехова Бог, во потполност ја разбира човечката несовршеност. Тој го овластил Мојсеј да му биде говорник во водењето на Израелците од Египет. Го сторил тоа со потполно знаење дека Мојсеј имал говорна маана која му отежнувала да комуницира. Исто така, Бог знаел дека Мојсеевиот брат, Арон, за разлика од него бил говорник кој течно зборувал. ‚Знам дека е способен да зборува‘, рекол Бог (2. Мојсеева 4:14). Меѓутоа, Мојсеј имал други далеку поважни особини, како што се лојалност, љубезност, вера и блага нарав (4. Мојсеева 12:3; Евреите 11:24, 25). И покрај Мојсеевите приговори, Бог останал при својот избор Мојсеј да биде водач на Неговиот народ. Во исто време, Бог ги зел предвид стравовите на Мојсеј поставувајќи го Арон како Мојсеев говорник (2. Мојсеева 4:10—17).
Можеме да го имитираме Бог покажувајќи разбирање. Постапувајте со оние кои пелтечат со достоинство и немојте да дозволите една говорна маана да Ве заслепи за вистинската вредност на лицето. Тоа го илустрира искуството на едно мало девојче и нејзиниот татко кој пелтечи. Таткото научил еден метод како потечно да чита. Една вечер го испробал тоа на својата шестгодишна ќерка, читајќи ѝ приказна и многу се гордеел со својата течност.
„Тато, зборувај правилно“, рекла таа кога татко ѝ завршил.
„Јас зборувам многу правилно“, одговорил со лутина.
„Не“, инсистирала таа, „зборувај како што зборуваш секогаш.“
Да, тоа малечко девојче го сакало својот татко онаков каков што бил, дури и со неговата говорна маана. Затоа, следниот пат кога ќе имате работа со некој кој пелтечи, запомнете дека лицето може да има скапоцени мисли и пожелни особини. Секако дека има чувства. Бидете стрпливи и покажете му разбирање.
[Фусноти]
a Некои имиња во статијава се изменети.
b Прогнозата за децата е подобра отколку за возрасните. Искусниот терапевт за говор, Ен Ирвин, во својата книга Stammering in Young Children (Тепкање кај малите деца), објаснува: „Три од секои четири деца спонтано го надраснуваат своето тепкање. Ако Вашето дете е едно од дваесет и петте проценти кое спонтано не го надраснува, шансите се многу големи дека ќе го надрасне со превентивна терапија“.
[Слика на страница 17]
Оној кој пелтечи може да се плаши да зборува во јавност
[Слика на страница 18]
Бидете стрпливи ако на оној кој пелтечи му е тешко кога разговара со Вас
[Слика на страница 19]
Оние кои пелтечат обично се плашат од телефонот