ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • be тема 4 стр. 93-стр. 96 пас. 3
  • Течно изнесување

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Течно изнесување
  • Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Сличен материјал
  • Како да се справиш со пелтечењето
    Разбудете се! 2010
  • Природност
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Да се разбере стравот од пелтечење
    Разбудете се! 1998
  • Рубрика прашања
    Нашата служба за Царството 1996
Повеќе
Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
be тема 4 стр. 93-стр. 96 пас. 3

СТУДИЈА 4

Течно изнесување

Што треба да правиш?

Читај и зборувај на таков начин што твоите зборови и мисли ќе течат непречено. Кога изнесувањето е течно, тогаш говорот не е испрекинат ниту претерано бавен и нема запнување на зборови ниту тапкање во место додека се бараат мисли.

ЗОШТО Е ВАЖНО?

Кога на еден говорник му недостига течност, умовите на слушателите можат да лутаат; можно е да пренесе погрешни идеи. На она што е речено ќе му недостига убедливост.

КОГА читаш наглас, дали запнуваш кај некои изрази? Или, кога застануваш да држиш говор пред публика, дали честопати не можеш да ги најдеш вистинските зборови? Ако да, можеби имаш проблем со течноста. Човек на кого тоа не му е проблем, чита и зборува на таков начин што зборовите и мислите му протекуваат непречено, очигледно со леснотија. Ова не значи дека тој постојано зборува, дека зборува многу брзо или без да размислува. Неговиот говор е пријатен и привлечен. Во Теократската школа за служба посебно внимание ѝ се обрнува на течноста.

За недостиг на течност можат да придонесат различни фактори. Дали треба да обрнеш посебно внимание на некој од следниве? 1) Кога читаш пред други, непознавањето извесни зборови може да предизвика колебање. 2) Мали паузи на премногу места можат да имаат за резултат испрекинато изнесување. 3) За проблемот може да придонесе и недоволната подготовка. 4) Кога се зборува пред група, вообичаен фактор за немање течност е пропустот материјалот да се организира на логичен начин. 5) Ограничениот вокабулар може да предизвика некое лице да се колеба додека ги бара вистинските зборови. 6) Ако се нагласат премногу зборови, може да се намали течноста. 7) За проблемот може да придонесе непознавањето на граматичките правила.

Ако ти недостига течност, присутните во Салата на Царството нема буквално да излезат надвор, но нивните умови ќе лутаат. Како последица од тоа, може да пропуштат голем дел од она што го кажуваш.

Од друга страна, пак, мора да се води сметка да не се случи едно говорење, кое е испланирано да биде силно и течно, да стане арогантно, и можеби да ги доведе присутните во непријатна состојба. Ако поради разлика во културната заднина, луѓето гледаат на твојот начин на говорење како на дрзок или како на недоволно искрен, ќе биде осуетена твојата цел. Вредно е да се забележи дека апостол Павле, иако бил искусен говорник, им пристапил на коринќаните „во слабост и во страв и во голем трепет“ за да не привлече непотребно внимание кон себеси (1. Кор. 2:3).

Практики што треба да ги избегнуваш. Особеност на многу луѓе е кога зборуваат да вметнуваат изрази како што е „а-мм“. Други, често ја започнуваат мислата со „значи“ или, пак, на сѐ што кажуваат прилепуваат некоја фраза како што е „нели“ или „разбираш“. Можеби не си ни свесен колку често користиш такви изрази. Би можел да пробаш да вежбаш со некого, кој ќе те слуша и ќе ги повтори овие изрази секојпат кога ќе ги кажеш. Може да се изненадиш.

Некои луѓе читаат и зборуваат со чести навраќања. Тоа значи, тие започнуваат една реченица, потоа се прекинуваат без да ја довршат истата и повторуваат барем дел од она што веќе го рекле.

Други, пак, зборуваат доста брзо, но почнуваат со една мисла и потоа, сред реченица, се префрлуваат на друга мисла. Иако зборовите протекуваат слободно, ненадејните промени во мислата ја намалуваат течноста.

Како да се подобриш. Ако ти е тебе чест проблем да не можеш да го најдеш вистинскиот збор, треба да вложиш сериозен напор да го збогатиш својот вокабулар. Посебно забележи ги непознатите зборови во Стражарска кула, Разбудете се! и во другите публикации што ги читаш. Побарај ги во некој речник, провери го нивното значење и додај некои од тие зборови во својот вокабулар. Ако немаш речник, побарај помош од некој што добро го зборува јазикот.

Ако редовно вежбаш гласно читање, ќе се подобриш. Забележи ги тешките зборови и неколкупати кажи ги наглас.

За да читаш течно, потребно е да разбереш како зборовите во една реченица функционираат заедно. Обично, тие треба да се читаат во групи за да се пренесе мислата така како што ја изразил писателот. Посебно внимавај на овие зборовни групи. Ако ти е од помош, означи ги. Твојата цел не е само исправно да ги прочиташ зборовите туку и јасно да ги пренесеш мислите. Откако ќе проанализираш една реченица, префрли се на следната, и така сѐ додека не го проучиш целиот пасус. Запознај се со текот на мислата. Потоа, вежбај да читаш наглас. Читај го пасусот секогаш одново сѐ додека не го правиш тоа без запнување и без да правиш пауза на погрешни места. Тогаш, премини на следните пасуси.

Како следно, зголеми го темпото. Ако си сфатил како зборовите во една реченица функционираат заедно, ќе можеш да гледаш по повеќе од еден збор истовремено и да го очекуваш она што следи. Ова многу ќе придонесе за делотворноста на твоето читање.

Ако редовно вежбаш читање на текст што првпат го гледаш, тоа може да биде вредна обука. На пример, без однапред да се подготвуваш, наглас читај го дневниот стих и коментарот; прави го тоа редовно. Навикни се окото да ти ги фаќа зборовите како групи што изразуваат цели мисли, а не да ги гледа само збор по збор.

Во разговор, течноста бара да размислуваш пред да кажеш нешто. Нека ти биде тоа пракса во секојдневните активности. Одлучи кои идеи сакаш да ги пренесеш и по кој редослед да ги изразиш; потоа почни да зборуваш. Не брзај. Настојувај да изразиш една цела мисла без да запираш или да го менуваш идеите пред да ги довршиш. Можеби ќе ти биде од помош ако користиш кратки, едноставни реченици.

Доколку знаеш точно што сакаш да кажеш, зборовите ќе ти доаѓаат природно. Општо говорејќи, не е потребно да ги бираш зборовите што ќе ги користиш. Всушност, заради вежбање, подобро е само да си сигурен дека идејата ти е јасна во умот, а потоа, додека зборуваш, да мислиш на зборовите. Ако го правиш тоа и ако умот ти биде на идејата наместо на зборовите што ги кажуваш, тие повеќе или помалку ќе дојдат автоматски, а мислите ќе ги изразуваш така како што навистина ги чувствуваш. Но, штом ќе почнеш да мислиш на зборовите, а не на идеите, твојот говор ќе почне да запнува. Со вежбање, ќе успееш да развиеш течност, важна особина во делотворното говорење и читање.

Кога му била дадена задача да го претставува Јехова пред нацијата Израел и пред египетскиот фараон, Мојсеј сметал дека не е способен. Зошто? Не зборувал течно; можеби имал говорна мана (Изл. 4:10; 6:12). Мојсеј наоѓал изговори, но Бог не прифатил ниеден од нив. Јехова го испратил Арон со него како говорник, но му помагал да зборува и на самиот Мојсеј. Честопати и делотворно, Мојсеј зборувал не само пред поединци и мали групи туку и пред целата нација (Втор. 1:1-3; 5:1; 29:2; 31:1, 2, 30; 33:1). Ако го сториш својот дел совесно, додека истовремено имаш доверба во Јехова, и ти ќе можеш да го користиш својот говор за да му искажеш чест на Бог.

ДА СЕ ИЗЛЕЗЕ НА КРАЈ СО ПЕЛТЕЧЕЊЕТО

За пелтечењето можат да придонесат многу фактори. Терапиите што им донесуваат олеснување на едни луѓе можеби не функционираат баш добро кај други. Но, за да се доживее радоста на успехот, важно е и понатаму да се прават обиди.

Дали самата помисла да дадеш коментар на состанок кај тебе создава страв, па дури и паника? Моли му се на Јехова за помош (Фил. 4:6, 7). Сосредоточи ги мислите на тоа да му искажеш чест на Јехова и да им помогнеш на другите. Не очекувај проблемот сосема да исчезне, туку набљудувај на кој начин ти се помага да излезеш на крај со него. Додека го доживуваш Јеховиниот благослов и охрабрувањето од твоите браќа, ќе сакаш да сториш уште повеќе.

Теократската школа за служба ти дава прилика да стекнеш искуство во говорењето пред група. Можеби ќе се изненадиш колку добро ти оди пред една мала група која те поддржува и сака да успееш. Ова може да ти помогне да стекнеш доверба за да зборуваш и под поинакви околности.

Ако треба да држиш говор, добро подготви се. Внеси се во твоето изнесување. Зборувај со соодветно чувство. Ако почнеш да пелтечиш во текот на говорот, тогаш, колку што е можно, задржи смирен глас и однесување. Олабави ги мускулите на вилицата. Користи кратки реченици. Минимизирај го користењето извици, како што се „а-мм“ и „ааа“.

Откако идентификувале кои зборови порано им биле проблем, некои што излегуваат на крај со пелтечењето ги избегнуваат таквите и, наместо нив, користат зборови со слично значење. Други повеќе сакаат да ги идентификуваат говорните гласови што им задаваат најголема тешкотија и секогаш одново ги вежбаат.

Ако пелтечиш додека разговараш со некого, не откажувај се од напорите да комуницираш. Можеби ќе сакаш да го охрабриш другото лице да зборува додека ти не бидеш во состојба да продолжиш. Ако е потребно, едноставно напиши белешка, или покажи му на лицето нешто во печатен облик.

КАКО ДА СЕ ПОСТИГНЕ ТОА

  • Кога читаш списанија и книги, означи ги новите зборови, откриј што значат точно, а потоа користи ги.

  • Вежбај читање наглас најмалку по пет до десет минути секој ден.

  • Темелно подготвувај се за задачите што вклучуваат читање. Посебно забележи ги зборовните групи што ги пренесуваат мислите. Запознај се со текот на мислата.

  • Во секојдневниот разговор, научи првин да размислиш, а потоа да кажеш цели реченици, без да застануваш.

ВЕЖБА: Внимателно разгледај го Судии 7:1-25, проучувајќи ги пасусите еден по еден. Погрижи се да разбереш што се кажува таму. Користејќи речник, провери ги непознатите зборови. Кажи го наглас секое лично име. Потоа, наглас прочитај го пасусот; внимавај да го сториш тоа точно. Кога ќе бидеш задоволен од тој пасус, премини на следниот, итн. Потоа, прочитај го целото поглавје. Повторно направи го тоа, овојпат малку побрзо. Стори го тоа уште еднаш, читајќи ги уште побрзо оние делови каде што е тоа пригодно — но не толку брзо што ќе запнеш.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели