СТУДИЈА 14
Природност
ИЗРАЗУВАЊЕТО на природен начин ќе ти помогне да ја стекнеш довербата на другите. Дали би имал доверба во нешто што ти кажал некој што зборува зад маска? Зарем би се променило нешто ако ликот прикажан на маската би бил поубав отколку лицето на говорникот? Веројатно не. Затоа, наместо да користиш маска, биди тоа што си.
Природноста не треба да се меша со негрижата. Не е во ред слаба граматика, погрешен изговор и нејасно говорење. Треба да се избегнува и сленг. Ние сакаме секогаш да покажуваме соодветно достоинство, како во нашиот говор така и во држењето. Некој што покажува таква природност не е ни премногу формален ни претерано загрижен дали ќе ги импресионира другите.
Во службата на теренот. Кога приоѓаш кон некоја куќа или му пристапуваш некому на јавно место со цел да му дадеш сведоштво, дали имаш трема? Повеќето од нас имаат, но тоа чувство кај некои останува подолго. Напнатоста може да предизвика гласот да звучи некако затегнато или растреперено или, пак, тремата може да се манифестира во невешто движење на рацете или главата.
Објавителот може да наиде на овој проблем од неколку причини. Можеби размислува за впечатокот што ќе го остави или се прашува дали неговата презентација ќе биде успешна. Ниту една од овие работи не е необична, но проблемите се јавуваат кога им се обрнува претерано внимание. Ако имаш трема пред да учествуваш во службата, што може да ти помогне? Грижливата подготовка и горливата молитва до Јехова (Дела 4:29). Мисли на Јеховината голема милост во тоа што ги повикува луѓето да уживаат совршено здравје и вечен живот во Рајот. Размислувај и за оние на кои настојуваш да им помогнеш и за нивната потреба да ја чујат добрата вест.
Исто така, запомни дека луѓето имаат слободна волја, така што можат или да ја прифатат или да ја отфрлат пораката. Истото било случај кога Исус сведочел во древниот Израел. Твоја задача е само да проповедаш (Мат. 24:14). Дури и кога луѓето не ти дозволуваат да зборуваш, самото твое присуство ќе даде сведоштво. Ќе имаш успех бидејќи дозволуваш Јехова да те користи за да ја изврши својата волја. Во приликите кога имаш можности да зборуваш, што ќе го карактеризира твојот говор? Ако научиш да ги сосредоточуваш мислите на потребите на другите, твојот говор ќе биде привлечен и природен.
Кога даваш сведоштво, ако постапуваш и зборуваш така како што правиш секој ден, тоа ќе ги опушти твоите слушатели. Можат да бидат дури и поприемливи за библиските мисли кои сакаш да ги споделиш со нив. Наместо да им држиш формално предавање, разговарај со нив. Биди пријателски настроен. Покажувај интерес за нив и срдечно прими ги нивните коментари. Се разбира, таму каде што јазикот или локалната култура бараат извесни протоколи за да се покаже почит кога се разговара со непознати, ќе сакаш да се држиш и за нив. Но, можеш секогаш да бидеш спремен опуштено да се насмевнеш.
На подиумот. Кога зборуваш пред група, обично еден природен, разговорен стил на изнесување е најдобар. Се разбира, кога публиката е голема, треба да имаш поголема проекција на гласот. Ако се обидуваш да го научиш говорот напамет или ако имаш премногу детални забелешки, веројатно си претерано загрижен за прецизниот состав на зборовите. Соодветниот состав на зборовите е важен, но кога му се обрнува преголемо внимание, изнесувањето станува круто и формално. Се губи природноста. Треба однапред грижливо да размислиш за твоите идеи, но најголемо внимание обрни им на идеите, а не на прецизниот состав на зборовите.
Истото е случај и кога си интервјуиран на состанок. Биди добро подготвен, но немој да ги читаш ниту да ги учиш напамет одговорите. Изнеси ги со природна модулација, така што твоите коментари ќе имаат привлечна спонтаност.
Дури и пожелните говорни особини, кога се претерани, можат да им звучат на присутните како неприродни. На пример, треба да зборуваш јасно и да користиш правилен изговор, но не до таа мера што говорот ќе звучи круто или вештачки. Кога гестовите за нагласување или описните гестови се добро изведени, можат да внесат живост во твојот говор, но крути или претерани гестови ќе го одвлечат вниманието од она што го кажуваш. Користи доволна јачина на гласот, но гледај да не бидеш премногу гласен. Добро е повремено да внесеш жар во изнесувањето, но треба да избегнуваш бомбастичност. Модулацијата, одушевеноста и чувството треба да се користат на таков начин што нема да привлекуваш внимание кон себеси ниту да предизвикаш публиката да се чувствува непријатно.
Некои луѓе природно имаат прецизен начин на изразување, па дури и кога не држат говор. Други зборуваат поразговорно. Она што е важно е секој ден да зборуваш добро и да се однесуваш со христијанско достоинство. Тогаш, кога ќе бидеш на подиумот ќе зборуваш полесно и ќе постапуваш со привлечна природност.
Кога читаш јавно. Природноста во јавното читање бара напор. За да ја постигнеш, идентификувај ги главните идеи во материјалот што ќе го читаш и забележи како се развиваат. Имај ги јасно на ум; во спротивно, ќе читаш само зборови. Провери го изговорот на непознатите зборови. Вежбај да читаш наглас за да направиш правилна промена во висината на тонот и да ги групираш зборовите на начин кој јасно ќе ги пренесе мислите. Прави го тоа секогаш одново сѐ додека не читаш течно. Запознај се доволно добро со материјалот, така што, кога ќе го читаш наглас, читањето да звучи како еден жив разговор. Тоа е природност.
Се разбира, нашето јавно читање претежно се состои од читање на нашите публикации темелени на Библијата. Освен читањето на задачите во Теократската школа за служба, читаме стихови во службата на теренот и кога држиме говори од подиумот. Браќата добиваат задачи да го читаат материјалот што се разгледува на Студијата на Стражарска кула и на Собраниската студија на книга. Некои квалификувани браќа добиваат задачи да читаат манускрипти пред конгресна публика. Сеедно дали ја читаш Библијата или друг материјал, деловите кои содржат цитати читај ги на таков начин што ќе го оживееш материјалот. Ако се цитираат повеќе ликови, менувај го некако гласот за секој од нив. Збор на предупредување: Не биди претерано драматичен, но внеси живот во читањето на еден природен начин.
Природното читање е разговорно. Тоа не звучи вештачки, туку е уверливо.