СТУДИЈА 28
Разговорен стил
ЛУЃЕТО, општо земено, се опуштени кога разговараат со пријателите. Тогаш се изразуваат спонтано. Некои поединци се живи; други се порезервирани. Сепак, природноста во таквиот говор е привлечна.
Меѓутоа, кога му пристапуваме на непознат, не е умесно да зборуваме со претерано присен или претерано лежерен стил. Всушност, во некои култури сите разговори со непознати започнуваат во многу формален стил. Откако ќе се покаже должната почит, со помошта на доброто просудување, можеби ќе биде пожелно да се користи помалку формален јазик и поразговорен стил.
Кога зборуваш од подиум, мораш исто така да внимаваш. Премногу лежерен стил одзема од достоинството на христијанскиот состанок и од сериозноста на она што се кажува. На некои јазици се бараат извесни изрази кога некој се обраќа на постара личност, на наставник, на службеник или на родител. (Забележи ги термините употребени во Дела 7:2 и 13:16.) Поинакви изрази се користат при обраќање на брачен партнер или на близок пријател. Иако нашиот стил на говорење од подиумот не треба да биде претерано формален, сепак, треба да биде со почит.
Меѓутоа, некои фактори можат да предизвикаат нечие изнесување да звучи претерано круто или формално. Еден од нив е структурата на речениците, односно изразувањето. Се појавува проблем кога говорникот се обидува да ги повтори изразите токму така како што се напишани во печатениот текст. Обично, пишаниот збор е прилично поинаков од кажаниот. Точно, кога некој подготвува говор, истражувањето го прави со помошта на веќе објавен материјал. Можеби темел за говорот е некој отпечатен нацрт. Но, ако во текот на говорот ги изразуваш мислите токму така како што се појавуваат во печатениот текст или ги читаш директно од објавениот нацрт, твојот говор веројатно нема да звучи како разговор. За да задржиш разговорен стил, изразувај ги мислите со сопствени зборови и избегнувај комплицирана структура на речениците.
Друг фактор се варијациите во темпото. Крут и формален говор честопати вклучува тек на зборови меѓу кои има премногу изедначен простор и премногу константно темпо. Во нормален разговор има промени во темпото и чести паузи со различна должина.
Се разбира, кога зборуваш пред голема публика, разговорниот стил на говор треба да го комбинираш со зголемена јачина на гласот, интензитет и одушевеност за да го задржиш вниманието.
За да користиш разговорен стил пригоден за службата, треба да ти биде навика да зборуваш добро секој ден. Ова не значи дека мораш да бидеш високо образован. Но, добро е да негуваш говорни навики кои ќе ги наведат другите да го слушаат со почит она што го кажуваш. Имајќи го тоа на ум, размисли дали треба во секојдневниот разговор да работиш на следниве точки.
Избегнувај изрази што не се во склад со добрата граматика или имаат тенденција да те идентификуваат со луѓе чиј начин на живот им пркоси на побожните мерила. Во согласност со советот во Колошаните 3:8, избегнувај прост или вулгарен јазик. Од друга страна, пак, говорниот јазик не е за приговор. Колоквијализмите, односно секојдневните изрази се неформални, но се повинуваат на прифатените стандарди за говор.
Избегнувај постојано да повторуваш исти изрази и фрази за да ја пренесеш секоја различна мисла што можеби ја имаш. Научи да користиш зборови што јасно го изразуваат она што го мислиш.
Избегнувај непотребно да се навраќаш на она што си го кажал со тоа што јасно ќе имаш на ум што сакаш да кажеш; потоа почни да зборуваш.
Избегнувај да ги засенуваш добрите мисли со премногу зборови. Нека ти биде обичај точката што треба да се запомни да ја кажеш јасно, со една едноставна реченица.
Зборувај на начин што покажува почит кон другите.