Подготвување ученички задачи за школата
СО СЕКОЈА задача во школата доаѓа и прилика да се расте. Совесно посветувај се на неа и твојот напредок постепено ќе стане видлив и за тебе и за другите (1. Тим. 4:15). Школата ќе ти помогне уште поцелосно да ги развиеш своите способности.
Дали имаш трема кога ќе помислиш дека треба да зборуваш пред собранието? Тоа е нормално, иако можеби веќе извесно време си запишан во школата. Меѓутоа, некои работи можат да ти помогнат да го намалиш немирот. Дома, нека ти стане навика често да читаш наглас. На собраниските состаноци, коментирај често, а ако си објавител, редовно учествувај во службата на теренот. Со тоа ќе стекнеш искуство да зборуваш пред други. Освен тоа, твоите ученички задачи подготвувај ги доволно однапред, а нивното изнесување вежбај го наглас. Запомни дека ќе зборуваш пред пријателски расположена публика. Пред да држиш каков и да е говор, помоли му се на Јехова. Тој радо им го дава светиот дух на оние слуги што го молат (Лука 11:13; Фил. 4:6, 7).
Биди скромен во своите очекувања. Потребно е време за човек да стекне искуство како говорник и да стане делотворен учител (Мих. 6:8, NW). Ако си од скоро запишан во школата, не очекувај веднаш да изнесеш сјајна презентација. Наместо тоа, работи на точките од советот за говор една по една. Проучи го делот од оваа книга во кој се дискутира за тоа. Доколку е можно, направи ја вежбата што е предложена таму. Со тоа ќе добиеш искуство во работите поврзани со точката за совет пред да ја изнесеш задачата во собранието. Ќе напредуваш.
Како да се подготви задача читање
Подготовката за јавно читање вклучува многу повеќе отколку само да можат да се кажат зборовите од доделениот материјал. Настојувај да добиеш јасно разбирање за значењето на материјалот. Штом ќе ја добиеш задачата, веднаш прочитај ја, имајќи ја на ум таа цел. Обиди се да ја разбереш поентата на секоја реченица и идејата што се развива во секој пасус за да можеш точно и со исправно чувство да ги пренесеш мислите. Таму каде што е можно, побарај го во речник правилниот изговор на непознатите зборови. Добро запознај го материјалот. Можеби во тој поглед родителите ќе треба да им помогнат на своите мали деца.
Дали ти е доделено да прочиташ дел од Библијата или можеби пасусите во некоја статија на Стражарска кула? Ако на твојот јазик има на располагање аудиокасети со тој материјал, ќе ти биде од голема помош да го слушаш читањето и да ги забележиш факторите како што се: изговор, начин на изразување, нагласување и модулација. Потоа, обиди се овие особини да ги внесеш во твоето лично читање.
Кога почнуваш да работиш на задачата, погрижи се внимателно да ја проучиш лекцијата во која се дискутира за говорната особина што ти е доделена. Доколку е можно, повтори ја, откако неколкупати наглас си вежбал да го читаш доделениот материјал. Настојувај колку што можеш поцелосно да го примениш пишаниот совет.
Оваа обука добро ќе ти послужи во службата. Додека учествуваш во службата на теренот, имаш многу прилики да им читаш на другите. Со оглед на тоа што Божјата реч има моќ да го менува животот на луѓето, важно е добро да ја читаш (Евр. 4:12). Не очекувај да ги совладаш сите аспекти на делотворното читање со една или две задачи. На еден христијански старешина, кој имал долгогодишно искуство, апостол Павле му напишал: „Посветувај се на јавното читање“ (1. Тим. 4:13).
Работење со тема и рамка
Кога во школата добиваш задача која вклучува работење со рамка, како да почнеш?
Треба да земеш предвид три главни работи: 1) темата што ти е доделена, 2) рамката и лицето со кое ќе разговараш и 3) точката за совет на која ти е доделено да работиш.
Треба да собереш материјал за доделената тема. Но, пред да отидеш предалеку, размисли сериозно за твојата рамка, како и за лицето со кое ќе разговараш, бидејќи овие фактори ќе влијаат врз тоа каков материјал ќе обработиш и врз начинот на кој ќе го презентираш. Каква рамка ќе употребиш? Дали ќе прикажеш како му ја презентираш добрата вест на некого што веќе го знаеш или ќе покажеш што би можело да се случи кога наидуваш на некого за првпат? Дали тоа лице е постаро или помладо од тебе? Каков став можеби има во врска со темата за која планираш да дискутираш? Колку веќе веројатно знае за неа? Каква цел се надеваш да постигнеш со дискусијата? Одговорите на тие прашања ќе ти дадат важни упатства според кои ќе работиш.
Каде да најдеш материјал за доделената тема? На страници 33 до 38 од оваа книга има дискусија за тоа „Како се истражува“. Прочитај ја, а потоа употреби ги алатките за истражување што ги имаш на располагање. Обично, брзо ќе најдеш повеќе материјал отколку што можеш да употребиш. Читај доста за да добиеш претстава за потенцијалот што ти стои на располагање. Меѓутоа, имај ја на ум притоа рамката што ќе ја употребиш за презентацијата, како и лицето со кое ќе разговараш. Означи кои точки се погодни за употреба.
Пред да ја организираш презентацијата и да направиш конечен избор на деталите, одвој си време да ја прочиташ дискусијата за точката за совет која ти е доделена. Примената на тој совет е една од главните причини за твојата задача.
Обработувајќи го материјалот во предвиденото време, ќе го имаш задоволството да го изнесеш и заклучокот, бидејќи ќе биде даден сигнал кога ќе истече доделеното време. Меѓутоа, во нашата служба на теренот, времетраењето не е секогаш фактор. Затоа, додека се подготвуваш, земи го предвид времето што ти е на располагање, но акцентот нека ти биде на делотворното поучување.
Збор-два за рамките. Разгледај ги предлозите на 82. страница и избери предлог што ќе ти биде практичен во службата и ќе ти овозможи доделениот материјал да го употребиш реалистично. Ако веќе извесно време учествуваш во школата, гледај на тоа како на прилика да посегнеш по додатни вештини во твојата служба и истите да ги развиеш.
Доколку надгледникот на Теократската школа за служба ти додели рамка, прифати го тој предизвик. Во повеќето рамки се работи за сведочење. Доколку никогаш не си сведочел под опишаните околности, побарај идеи разговарајќи со објавителите што веќе имале такво искуство. Доколку е можно, обиди се да дискутираш за доделената тема во рамка слична на онаа што ќе ја користиш во школата. Ова ќе ти помогне да постигнеш една важна цел на твоето обучување.
Кога изнесувањето треба да биде во облик на говор
Ако си машко, можеби ќе ти биде доделено да изнесеш краток говор пред собранието. При подготовката за ваквите говори, основните точки што треба да се разгледаат се слични на оние што веќе беа наведени за ученичките задачи во облик на прикази. Главните разлики се публиката и форматот.
Во принцип, пожелно е материјалот да го подготвиш на таков начин што секој присутен ќе може да извлече корист. Повеќето присутни веќе ги знаат основните библиски вистини. Можеби добро се запознати со темата за која ти е доделено да зборуваш. Земи предвид што веќе знаат тие за твојата тема. Настојувај да извлечат на некој начин корист од твојата презентација. Запрашај се: ,Како да ја употребам темата за да го продлабочам моето и ценењето на слушателите за Јехова како личност? Што е тоа во материјалот што ќе ни помогне да ја согледаме Божјата волја? Како може овој материјал да ни помогне да донесуваме здрави одлуки среде свет во кој доминираат телесните желби?‘ (Ефеш. 2:3). Задоволувачките одговори на тие прашања бараат истражување. Кога ја користиш Библијата, настојувај да сториш повеќе отколку само да ги прочиташ стиховите. Резонирај за стиховите што ги користиш и покажи како даваат темел за донесување заклучоци (Дела 17:2, 3). Не обидувај се да опфатиш премногу. Изнеси го материјалот на таков начин што ќе биде лесно да се запомни.
Во подготовката треба да обрнеш внимание и на изнесувањето. Не потценувај го тоа. Вежбај го говорот наглас. Напорот што го вложуваш во проучувањето и во применувањето на советот за различните говорни особини многу ќе придонесе за твојот напредок. Сеедно дали си нов или искусен говорник, добро подготви се за да можеш да зборуваш со уверување и со чувство што одговара на твојот материјал. Додека ја извршуваш секоја задача во школата, имај ја на ум целта да го користиш дарот на говор што ти го дал Бог за да му донесеш чест на Јехова (Псал. 150:6).