Подготвување говори за собранието
ПРОГРАМАТА во Теократската школа за служба е подготвена за целото собрание да извлече корист. Вредни информации се изнесуваат и на другите собраниски состаноци, како и на собирите и конгресите. Доколку ти е доделена точка на некоја од овие програми, дадена ти е сериозна одговорност. Апостол Павле го поттикнал христијанскиот надгледник Тимотеј да обрнува постојано внимание на своето поучување (1. Тим. 4:16). Оние што се присутни на христијанските собири одвоиле скапоцено време — а некои вложиле и голем напор — за да дојдат и да бидат поучени за работи што се поврзани со нивниот однос со Бог. Да се дава една таква поука е навистина извонредна предност! Како можеш добро да се погрижиш за неа?
Врвни точки од читањето на Библијата
Ова обележје на школата се темели на читањето на Библијата што е доделено за седмицата. Треба да се нагласи како материјалот се однесува на нас денес. Според извештајот во Неемија 8:8 (NW), Езра и неговите придружници јавно читале од Божјата реч, објаснувајќи ја, ,осмислувајќи ја‘ и давајќи разбирање. Обработката на врвните точки ти дава можност и ти да го постигнеш истото.
Како да се подготвиш за една таква задача? Ако е можно, прочитај го доделениот дел од Библијата една седмица или уште повеќе однапред. Потоа, размислувај за твоето собрание и за неговите потреби. Моли се за тоа. Кои совети, кои примери, кои начела во овој дел од Божјата реч ги задоволуваат тие потреби?
Неопходно е истражување. Дали на твојот јазик има на располагање Библиотека Watchtower на CD-ROM или Индекс на публикации на Watch Tower? Ако не, тогаш добро употреби го индексот во Стражарска кула што излегува на крајот од годината. Со истражување на она што е објавено за стиховите на кои си избрал да се сосредоточиш, можеш да пронајдеш појаснителен материјал во врска со заднината, објаснувања за исполнувањето на пророштвата, анализи за тоа што откриваат за Јехова извесни стихови, или дискусии за начела. Не обидувај се да обработиш премногу точки. Сосредоточи се само на неколку избрани стихови. Подобро е да обработиш неколку стиха, но тоа да го сториш добро.
Твојата задача може да бара и да ги поканиш присутните да коментираат за тоа како извлекле корист од седмичното читање на Библијата. Што пронашле, а ќе им користи при личното и семејното проучување, во нивната служба или во животот? Кои особини на Јехова биле видливи во неговите постапки со луѓето и нациите? Што е тоа што присутните го научиле, а ја зајакнало нивната вера и изградило ценење за Јехова? Не задржувај се на технички подробности. Нагласи го значењето и практичната вредност на избраните точки.
Поучен говор
Тој се темели на објавен материјал, како што е некоја статија од Стражарска кула или од Разбудете се!, или можеби на дел од некоја книга. Во повеќето случаи има повеќе материјал отколку што е доволно за предвиденото време. Како да ја обработиш задачата? Како учител, а не како некој што само го поминува материјалот. Надгледникот треба да биде „оспособен да поучува“ (1. Тим. 3:2).
Започни ја подготовката така, што ќе го проучиш доделениот материјал. Побарај ги стиховите. Медитирај. Настојувај да го сториш тоа доволно време пред датумот на говорот. Имај на ум дека браќата се охрабрени однапред да го прочитаат објавениот материјал на кој се темели тој говор. Твоја задача не е само да го повториш или да го збиеш, туку да покажеш како да се примени. Соодветни делови од материјалот употреби на начин што навистина ќе му користи на собранието.
Исто како што секое дете си има своја личност така и секое собрание си има свои карактеристични обележја. Еден родител што делотворно поучува не само му ги рецитира моралните правила на своето дете. Тој резонира со него. Ја зема предвид неговата личност и проблемите со кои се бори. На сличен начин, учителите во собранието настојуваат да се фатат во костец со потребите на групата пред која говорат. Меѓутоа, еден прониклив учител ќе избегнува да користи примери кои би можеле да засрамат некого од присутните. Тој ќе ги нагласи користите што некој веќе ги има како резултат на тоа што оди по Јеховиниот пат и ќе го истакне советот од Писмото, кој на членовите на собранието ќе им помогне успешно да се справат со проблемите со кои се соочуваат.
Доброто поучување ги допира срцата на присутните. Ова не бара само да се наведат факти туку и да се изгради ценење за нивното значење. Тоа бара и вистинска грижа за оние што се поучувани. Духовните пастири треба да го познаваат стадото. Ако со љубов ги имаат на ум проблемите со кои се соочуваат различни поединци, ќе можат да зборуваат охрабрувачки, да покажат разбирање, сожалување и сочувство.
Како што делотворните учители знаат, говорот мора да си има јасно дефинирана цел. Материјалот треба да се изнесе на таков начин што ќе бидат истакнати и запомнети клучните точки. Присутните треба да можат со себе да понесат практични мисли кои ќе влијаат врз нивниот живот.
Состанок за служба
Кога држиш говор темелен на статија од Наша служба за Царството, предизвикот може да биде малку поинаков. Ќе увидиш дека тука честопати си повикан во целост да им го пренесеш на присутните она што е веќе дадено, а не да избереш што е најпригодно. Помогни им на присутните да резонираат за стиховите што претставуваат темел на дадениот совет (Тит 1:9). Времето е ограничено, што во повеќето случаи не дозволува да се внесе додатен материјал.
Од друга страна, пак, можеби си замолен да изнесеш материјал за кој нема статија во Наша служба за Царството. Можеби е посочена некоја статија од Стражарска кула или задачата се состои од неколку кратки забелешки. Ти, како учител, си тој што треба да размисли за потребите на собранието во поврзаност со доделениот материјал. Можеби ќе треба да употребиш некоја кратка, директна илустрација или да раскажеш соодветно искуство. Запомни дека твојата задача не е само да зборуваш за темата, туку да ја обработиш на таков начин што на собранието ќе му помогнеш да го врши делото што Божјата реч го изложува и притоа да најде радост (Дела 20:20, 21).
Додека се подготвуваш за задачата, размисли за околностите на лицата што го сочинуваат собранието. Пофали ги за она што веќе го прават. Како може применувањето на предлозите дадени во доделениот материјал да ја зголеми нивната делотворност и радост во службата?
Дали за твојата задача се бара некој приказ или интервју? Ако да, тоа треба да се испланира доволно однапред. Може да ти биде искушение едноставно да замолиш некого да го подготви тоа, но ова не донесува секогаш најдобри резултати. Ако е можно, пробајте го приказот или интервјуто пред денот кога е состанокот. Погрижи се тој елемент од твојот дел да се обработи на начин кој навистина ќе ја зголеми поуката што ја даваш.
Собири и конгреси
Браќата што развиваат убави духовни особини и стануваат делотворни јавни говорници и учители можеби со текот на времето ќе бидат замолени да учествуваат во програмата на некој собир или конгрес. Тоа се навистина посебни прилики за теократско образование. Таквата задача може да дојде во облик на манускрипт, нацрт, упатства за библиска драма со современа примена или некој пасус со упатства. Ако имаш предност да служиш на таква програма, грижливо проучи го материјалот што ти е даден. Работи на него сѐ додека да ја сфатиш неговата вредност.
Оние на кои им е доделен говор од манускрипт треба да го читаат материјалот од збор до збор. Тие не ги менуваат зборовите ниту го преуредуваат материјалот. Го проучуваат за јасно да увидат кои се главните точки и како се тие развиени. Вежбаат да го читаат наглас сѐ додека да можат говорот да го изнесат со исправен смисловен акцент, одушевеност, топлина, чувство, срдечност и увереност, како и со тон и јачина соодветни за голема публика.
Браќата на кои им е доделен нацрт за говор се одговорни да го развијат својот материјал на начин кој е тесно приспособен кон нацртот. Наместо да чита од нацртот за време на говорот или да го подготви во облик на манускрипт, говорникот треба да го изнесе материјалот спонтано, од срце. Важно е да се придржува за времето предвидено за нацртот со цел јасно да ја презентира секоја наведена главна точка. Говорникот треба добро да ги употреби мислите и стиховите наведени под главните точки. Не треба да внесува додатни точки по личен вкус, со што би го исфрлил она што е дадено во нацртот. Се разбира, темел на поуката е Божјата реч. Христијанските старешини имаат одговорност да ,ја проповедаат речта‘ (2. Тим. 4:1, 2). Затоа говорникот треба да посвети посебно внимание на стиховите во нацртот — да резонира за нив и да ја покаже примената.
Не одлагај
Дали служиш во собрание каде што има многу прилики за говорење? Како да обрнеш соодветно внимание на сите нив? Избегнувај своите точки да ги подготвуваш во последна минута.
Говорите што навистина му користат на собранието бараат адекватно размислување однапред. Затоа, нека ти стане навика материјалот да го прочиташ веднаш штом ќе ја добиеш секоја задача. Ова ќе ти овозможи да размислуваш за него додека ги вршиш другите активности. Во деновите или седмиците пред да го одржиш говорот, можеби ќе чуеш коментари кои ќе ти помогнат да увидиш како најдобро да ги примениш информациите. Може да настанат ситуации што ќе откријат колку тие се навремени. Читањето и размислувањето за задачата веднаш откако ќе ја добиеш бара време, но тоа е добро потрошено време. Кога конечно ќе седнеш за да го разработиш нацртот, ќе ги пожнееш користите од тоа што доволно однапред си размислувал внимателно за него. Обработувањето на задачите на ваков начин прилично ќе го намали стресот и ќе ти помогне да го изнесеш материјалот на начин што ќе биде практичен и ќе ги допре срцата на оние во собранието.
До онаа мера до која го цениш дарот што ти е доверен во врска со Јеховината програма за образование на својот народ до таа мера и ќе му донесеш чест нему, а ќе се докажеш и како благослов за оние што го љубат (Иса. 54:13; Рим. 12:6-8).