Правење нацрт
КОГА им се доделува говор, многумина се мачат да запишат сѐ, од воведот до заклучокот. Пред да завршат со говорот, можеби подготвиле безброј скици. Тој процес може да трае со часови.
Дали и ти така ги подготвуваш говорите? Дали би сакал да научиш еден полесен начин? Ако научиш да подготвуваш нацрт, повеќе нема да има потреба да запишуваш сѐ. Така ќе добиеш повеќе време за да го вежбаш изнесувањето на говорот. Твоите презентации не само што ќе бидат полесни за изнесување туку и поинтересни за слушање и помотивирачки за публиката.
Се разбира, за јавните предавања што се држат во собранието се дава еден основен нацрт. Меѓутоа, со повеќето други говори не е така. Можеби ти е доделен само предмет или некоја тема. Или, можеби си замолен да обработиш некој конкретен отпечатен материјал. Понекогаш можеби ќе ти бидат дадени само неколку упатства. За сите такви задачи треба самиот да подготвиш нацрт.
Мострата на 41. страница ќе ти даде претстава како би можел да уредиш еден краток нацрт. Забележи дека секоја главна точка започнува на левата маргина и е напишана со големи букви. Под секоја главна точка се наведени мислите што ја поддржуваат. Додатните точки, кои ќе бидат употребени за да ги развијат тие мисли, се наведени под нив и се вовлечени малку повнатре откај левата маргина. Разгледај го внимателно овој нацрт. Забележи дека двете главни точки се поврзани директно со темата. Забележи, исто така, дека потточките не се само некои интересни работи. Напротив, секоја од нив ја поддржува главната точка под која се наоѓа.
Кога ќе подготвуваш нацрт, можеби нема да изгледа токму како во мострата. Но, ако ги сфаќаш начелата што се вклучени, тие ќе ти помогнат да го организираш својот материјал и да подготвиш добар говор во разумен временски период. Како да почнеш?
Анализирај, избери и организирај
Потребна ти е тема. Твојата тема не е само еден општ предмет, кој би можел да се претстави со еден збор. Тоа е централната идеја што сакаш да ја пренесеш и покажува од кој агол планираш да дискутираш за својот предмет. Ако ти е доделена тема, проанализирај го внимателно секој главен збор. Ако треба да ја развиеш доделената тема на темел на веќе објавен материјал, проучи го тој материјал, имајќи ја на ум темата. Ако ти е доделен само предмет, тогаш ти ќе бидеш тој што ќе треба да ја избере темата. Меѓутоа, пред да го сториш тоа, можеби ќе ти биде од помош ако направиш истражување. Доколку умот ти е постојано отворен, често ќе добиваш свежи идеи.
Додека ги преземаш овие чекори, прашувај се: ,Зошто овој материјал е важен за мојата публика? Каква е мојата цел?‘ Таа не би требало да биде само да го обработиш материјалот или да одржиш сликовит говор, туку да постигнеш нешто корисно за твојата публика. Кога твојата цел ќе поприми извесен облик, запиши ја. Потсетувај се на неа додека се подготвуваш.
Откако си ја одредил својата цел и си избрал тема што е во склад со неа (или си анализирал како темата што ти е доделена се вклопува во таа цел), можеш да направиш едно пофокусирано истражување. Побарај материјал што ќе има особена вредност за твојата публика. Не биди задоволен со општи работи, туку барај конкретни точки што се информативни и навистина корисни. Биди реалистичен во тоа колку истражуваш. Во повеќето случаи, за кратко време ќе имаш повеќе материјал отколку што можеш да употребиш, па затоа ќе треба да бидеш избирлив.
Идентификувај ги главните точки за кои треба да дискутираш за да ја развиеш темата и да ја постигнеш својата цел. Тие ќе ти бидат рамка, твој основен нацрт. Колку главни точки треба да има? Можеби за кратка дискусија се доволни две, а за предавање од еден час обично се доволни пет. Колку помалку главни точки има толку е поголема веројатноста публиката да ги запомни.
Штом ги имаш на ум темата и главните точки, организирај го материјалот што си го истражил. Одреди што е директно поврзано со твоите главни точки. Избери детали што ќе ѝ додадат свежина на твојата презентација. Откако ќе избереш стихови што ги поддржуваат главните точки, забележи ги идеите што ќе ти помогнат да резонираш за тие стихови на еден смисловен начин. Секој детаљ стави го под главната точка на која ѝ припаѓа. Ако извесна информација не одговара на некоја од главните точки, исфрли ја — дури и ако е многу интересна — или стави ја во твојата архива за да ја употребиш во некоја друга прилика. Задржи го само најдобриот материјал. Ако се обидуваш да обработиш премногу материјал, ќе мораш да зборуваш пребрзо и она што си го опфатил ќе биде плитко. Подобро е да се изнесат неколку точки, кои имаат вистинска вредност за публиката, и тоа да се изведе добро. Не пречекорувај го времето.
Сега, ако веќе не си го сторил тоа, уреди го својот материјал по логичен ред. Тоа го сторил евангелскиот писател Лука. Откако собрал изобилство факти што се однесувале на неговиот предмет, тој ги изложил „по логичен ред“ (Лука 1:3). Ти би можел својот материјал да го подредиш хронолошки или според тематските целини, можеби во стилот „причина и последица“ или „проблем и решение“, зависно од тоа што е најделотворно за да ја постигнеш целта. Не треба неочекувано да се префрлаш од една идеја на друга. Твоите слушатели треба лесно да бидат водени од една мисла до друга, без провалии кои тешко се премостуваат. Изнесените докази треба да ја водат публиката до логични заклучоци. Додека ги уредуваш точките, размисли како презентацијата ќе им звучи на твоите слушатели. Дали лесно ќе го следат твојот правец на размислување? Ќе бидат ли поттикнати да постапат според она што го слушаат, во склад со целта што ја имаш на ум?
Како следно, подготви вовед што ќе побуди интерес за предметот и кој на слушателите ќе им покаже дека она за кое ќе дискутираш има вистинска вредност за нив. Би можело да биде од помош да ги запишеш првите неколку реченици. На крајот, планирај мотивирачки заклучок што е во склад со твојата цел.
Ако го изработиш нацртот доволно рано, ќе имаш време да го прочистиш пред да го одржиш говорот. Можеби ќе увидиш потреба извесни идеи да поддржиш со неколку статистички податоци, некоја илустрација или искуство. Ако употребиш некој актуелен настан или вест што е од локален интерес, би можел да им помогнеш на слушателите побрзо да увидат како материјалот се однесува на нив. Додека го повторуваш говорот, можеби ќе ти текне за повеќе можности на кои би можел да ги приспособиш информациите кон публиката. Процесот на анализирање и прочистување е неопходен за еден добар материјал да биде обликуван во делотворен говор.
Можеби на некои говорници им се потребни поопширни забелешки отколку на други. Но, ако го организираш својот материјал само под неколку главни точки, го елиминираш она што не ги поддржува вистински и ги ставиш своите идеи во логичен ред, ќе откриеш дека со малку искуство повеќе не ќе треба да запишуваш сѐ. Колку само време можеш да заштедиш така! А квалитетот на твоите говори ќе се подобри. Ќе се види дека ти навистина извлекуваш корист од твоето образование во Теократската школа за служба.