СТУДИЈА 25
Користење нацрт
САМАТА помисла да зборуваат од нацрт создава трема кај многу луѓе. Тие се чувствуваат посигурни ако сѐ што имаат да кажат им е напишано на хартија или ако го запомнат.
Сепак, во стварноста, сите ние секој ден зборуваме без манускрипт. Тоа го правиме додека разговараме со семејството и со пријателите. Го правиме тоа кога учествуваме во службата на теренот. Го правиме и кога упатуваме срдечни молитви, било да е тоа насамо било од името на некоја група.
Кога изнесуваш говор, менува ли нешто дали користиш манускрипт или нацрт? Иако читањето од подготвен текст може да ти помогне да бидеш сигурен дека сѐ е точно и дека користиш најдобар состав на зборови, тоа си има и свои ограничувања кога станува збор за достигнување на срцата. Откако ќе прочиташ неколку реченици, обично усвојуваш едно темпо и образец во промената на модулацијата што се разликува од твојот спонтан разговорен стил. Ако е твоето внимание повеќе фокусирано на хартиите отколку на публиката, многумина можеби нема да те слушаат толку внимателно како кога би чувствувале дека навистина размислуваш за нив и го приспособуваш материјалот кон нивните околности. За еден говор да биде навистина мотивирачки, најдобро е да биде изнесен спонтано.
Теократската школа за служба е предвидена да ни помогне во секојдневниот живот. Кога се среќаваме со пријателите, не вадиме некое парче хартија, па да им ги прочитаме своите мисли за да бидеме сигурни дека најдобро сме се изразиле. Во службата на теренот, не носиме со себе манускрипт за да читаме, од страв дека можеби ќе заборавиме некои мисли што сакаме да ги споделиме со луѓето. Кога во школата прикажуваш како се сведочи под такви околности, вежбај да зборуваш колку што можеш поприродно. Со добра подготовка ќе откриеш дека нацрт, било да е во мислите било напишан, обично е доволен за да се потсетиш на главните точки за кои сакаш да дискутираш. Но, како да развиеш самодоверба, која е потребна за да работиш по нацрт?
Организирај си ги мислите. За да користиш нацрт кога зборуваш, треба да си ги организираш мислите. Ова не значи да ги избереш зборовите што планираш да ги употребиш. Тоа едноставно значи да размислуваш пред да зборуваш.
Во секојдневниот живот, едно непромислено лице може да издрдори работи за кои подоцна ќе зажали. Друг може да зборува некако бесцелно, лутајќи од една идеја до друга. Со овие две склоности ќе можеш делотворно да се справиш ако направиш пауза за да составиш еден едноставен нацрт во мислите пред да почнеш да зборуваш. Најпрвин, постави си цел во мислите; како следно, избери кои чекори треба да ги направиш за да ја постигнеш; и потоа, почни да зборуваш.
Дали се подготвуваш за служба на теренот? Одвој си време не само да ја спакуваш торбата за сведочење туку и да си ги организираш мислите. Ако решиш да користиш некоја од предложените презентации од Наша служба за Царството, прочитај ја неколкупати за јасно да ги имаш на ум главните идеи. Кажи ја нивната суштина со една до две кратки реченици. Приспособи ги зборовите кон својата личност и кон околностите на твоето подрачје. Ќе ти биде од корист да имаш нацрт во мислите. Што би можел да вклучува тој? 1) Како вовед, би можел да спомнеш нешто што е од интерес за многу луѓе во твојата средина. Замоли го станарот да даде коментар. 2) Имај на ум нешто конкретно што ќе го кажеш на таа тема, вклучувајќи еден до два стиха кои покажуваат што ветил Бог дека ќе направи за да донесе олеснување. Ако ти се укаже прилика, нагласи дека Јехова ќе го стори тоа преку своето Царство, својата небесна влада. 3) Охрабри го лицето да стори нешто во врска со она за кое сте дискутирале. Би можел да понудиш литература и/или библиска студија и да направиш конкретни договори за да ја продолжите дискусијата.
Единствениот нацрт што веројатно ќе ти биде потребен за една таква презентација е нацртот во мислите. Ако сакаш пред својата прва посета да погледнеш некој пишан нацрт, тој веројатно нема да содржи повеќе од неколку збора што ќе ги користиш во воведот, забелешка за еден до два стиха и кратка белешка за тоа што да вклучиш во заклучокот. Подготовката и користењето таков нацрт нѐ спречува бесцелно да развлекуваме; ни помага да оставиме јасна порака што лесно може да се запомни.
Ако на твоето подрачје честопати се јавува некое прашање или приговор, можеби ќе ти биде од корист да направиш истражување на таа тема. Обично, сѐ што ти е потребно се две до три основни точки, како и стихови на кои се темелат. ,Библиските теми за разговор‘ или поднасловите со масни букви во Резонирање на темел на Писмото можат да ти го дадат потребниот нацрт. Можеби ќе сакаш да вклучиш и некој добар цитат што си го нашол во друг извор. Состави краток пишан нацрт, прикачи фотокопија од цитатот и чувај ги во опремата за службата на теренот. Кога некој станар ќе ти постави прашање или приговор, кажи му дека ти е драго што имаш прилика да наведеш причина за твоето верување (1. Петр. 3:15). Како темел за твојот одговор употреби го нацртот.
Кога треба во молитва да го претставуваш твоето семејство, некоја група за студија на книга или собранието, и тогаш е корисно да си ги организираш мислите. Според Лука 11:2-4, Исус им дал на своите ученици едноставен нацрт за смисловна молитва. При посветувањето на храмот во Ерусалим, Соломон долго се молел. Очигледно однапред размислувал за темата. Вниманието го сосредоточил најпрвин на Јехова и на ветувањето што му го дал на Давид, потоа на храмот и, подоцна, едно по едно, на конкретни ситуации и групи луѓе (1. Цар. 8:22-53). Можеме да извлечеме корист од тие примери.
Имај едноставен говорен нацрт. Дали твојот нацрт е наменет за држење говор? Што сѐ треба да опфаќа?
Запомни дека нацртот е наменет да ти помогне да се сетиш на идеите. Можеби за тебе ќе биде корисно да напишеш неколку реченици што ќе ги користиш како вовед. Но, потоа, сосредоточи се на идеите, а не на зборовите. Ако ги запишуваш тие идеи во облик на реченици, претпочитај кратки реченици. Неколкуте главни точки што планираш да ги развиеш треба да ти бидат јасно издвоени во нацртот. Ова ќе го постигнеш ако ги запишеш со големи букви, ако ги подвлечеш точките или ако ги означиш со боја. Под секоја главна точка, наведи ги идеите што сакаш да ги употребиш кога ја развиваш. Наведи ги стиховите што планираш да ги прочиташ. Обично е најдобро да ги прочиташ директно од Библијата. Прибележи си ги илустрациите што сакаш да ги кажеш. Исто така, можеби имаш и некој значаен световен цитат што е соодветен. Забелешките нека ти бидат доволно опширни за да ги презентираш конкретните факти. Нацртот ќе биде полесен за користење ако е уреден.
Некои користат доста едноставни нацрти. Нацртот може да се состои од неколку клучни збора, забелешка за стихови што говорникот ќе ги цитира напамет и цртежи или слики што ќе му помогнат да се сети на идеите. Со вакви едноставни забелешки, говорникот ќе може да го презентира материјалот по логичен редослед и на еден разговорен начин. Тоа е и целта на оваа лекција.
На страниците 39 до 42 од оваа книга ќе ја најдеш дискусијата „Правење нацрт“. Ќе биде многу корисно да го прочиташ тој материјал додека работиш на оваа студија „Користење нацрт“.
Како се користи нацртот. Твојата цел во овој момент, меѓутоа, не е само да го подготвиш говорот во облик на нацрт. Целта е нацртот да го употребиш делотворно.
Првиот чекор во користењето на нацртот е да се подготвиш за изнесувањето. Погледни ја темата, прочитај ја секоја главна точка и објасни си ја врската што секоја од тие главни точки ја има со темата. Прибележи колку време треба да ѝ посветиш на секоја главна точка. Сега врати се и проучи ја првата главна точка. Разгледај ги аргументите, стиховите, илустрациите и примерите што планираш да ги употребиш за да ја развиеш таа точка. Помини го материјалот неколкупати сѐ додека да го имаш јасно на ум тој дел од говорот. Истото стори го и со сите други главни точки. Размисли што би можел да испуштиш, ако е потребно, за да завршиш навреме. Потоа, повтори го целиот говор. Сосредоточи се на идеите, а не на зборовите. Немој да го учиш говорот напамет.
При изнесувањето на говорот, треба да бидеш во состојба да задржиш добар визуелен контакт со публиката. Откако ќе прочиташ некој стих, обично треба да можеш да резонираш за него користејќи ја својата Библија, но без да погледнуваш во забелешките. На сличен начин, ако користиш илустрација, кажи ја како што би им ја кажал на пријатели, наместо да ја читаш од забелешките. Додека зборуваш, не гледај во забелешките за да ја фатиш секоја реченица. Зборувај од срце и ќе допреш до срцата на оние што те слушаат.
Кога ќе ја совладаш уметноста да говориш по нацрт, ќе имаш преземено еден многу важен чекор напред за да станеш делотворен јавен говорник.