ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • be тема 27 стр. 174-стр. 178 пас. 2
  • Спонтано изнесување

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Спонтано изнесување
  • Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Сличен материјал
  • Користење нацрт
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Подготвување предавања за јавност
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Одушевеност
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Правење нацрт
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
Повеќе
Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
be тема 27 стр. 174-стр. 178 пас. 2

СТУДИЈА 27

Спонтано изнесување

Што треба да правиш?

Зборувај на начин што е карактеризиран со спонтан избор на зборови, како и со грижлива подготовка на идеите.

ЗОШТО Е ВАЖНО?

Спонтаното изнесување е најделотворниот начин да го задржиш интересот на публиката и да ја мотивираш.

МОЖЕБИ напорно си работел на својот говор. Можеби имаш информативен материјал. Можеби во него има цврста логика. Можеби си во состојба течно да го изнесеш. Но, ако вниманието на присутните е поделено — слушаат само делчиња од она што го кажуваш, бидејќи умовите често им лутаат на други работи — колку е делотворна твојата презентација? Ако им е проблем мислите да ги задржат сосредоточени на говорот, дали постои веројатност дека ќе ги достигнеш нивните срца?

Што може да биде корен на еден таков проблем? Различни фактори. Најчесто, станува збор за пропустот говорот да се изнесе на спонтан начин. Со други зборови, говорникот премногу често гледа во своите белешки или неговиот стил на изнесување е премногу формален. Меѓутоа, овие проблеми се директно поврзани со начинот на кој говорот е подготвен.

Ако најпрвин го напишеш говорот и потоа се обидеш да го претвориш во нацрт, веројатно ќе ти биде тешко да го изнесеш на спонтан начин. Зошто? Затоа што точно си избрал кои зборови ќе ги употребиш. Макар и да го користиш нацртот при изнесувањето, ќе се обидуваш да се сетиш на зборовите што си ги употребил во првобитната верзија. Кога нешто е напишано, јазикот е поформален и структурата на речениците е посложена отколку во секојдневниот говор. Тоа ќе се одрази во твоето изнесување.

Наместо да го запишеш говорот од збор до збор, пробај вака: 1) Избери тема и главните аспекти на предметот што ќе ги користиш при развивањето на таа тема. За краток говор можеби се доволни две главни точки. Подолг говор може да има четири до пет точки. 2) Под секоја главна точка забележи ги главните стихови што планираш да ги употребиш во нејзиното развивање; исто така прибележи ги илустрациите и клучните аргументи. 3) Размисли како ќе го воведеш говорот. Можеш дури и да запишеш една до две реченици. Исто така, испланирај го и заклучокот.

Многу е важна подготовката на изнесувањето. Но, не повторувај го говорот збор по збор со цел да го научиш напамет. Во спонтаното говорење, при подготовката на изнесувањето не треба да се нагласуваат зборовите, туку идеите што ќе се изразат. Идеите треба да ги повторуваш сѐ додека да можат лесно да следат една по друга во твојот ум. Ако е логично развиена и добро испланирана структурата на твојот говор, ова не треба да биде тешко, а при изнесувањето, идеите треба да ти доаѓаат слободно и лесно.

Размисли за користите. Една важна предност на спонтаното изнесување е тоа што ќе зборуваш на реалистичен начин на кој луѓето најдобро реагираат. Твоето изнесување ќе биде поживо, а со тоа и поинтересно за публиката.

Оваа метода на говорење ти овозможува максимален визуелен контакт со слушателите, а тоа ја подобрува комуникацијата со нив. Со оглед на тоа што не се потпираш на забелешките за да ја изразиш секоја реченица, слушателите ќе бидат посклони да мислат дека добро го знаеш предметот и дека искрено веруваш во она што го кажуваш. Според тоа, ваквото изнесување е погодно за една срдечна, разговорна презентација, за еден вистински отворен и искрен говор.

Спонтаното изнесување дозволува и флексибилност. Материјалот не е толку круто поставен, па да не можеш да правиш преиначувања во него. Да претпоставиме дека утрото во денот кога треба да го одржиш говорот, е дадена некоја извонредна вест што директно се однесува на твојот предмет. Зар нема да биде пригодно да ја спомнеш? Или, можеби, додека зборуваш, гледаш дека во публиката има многу деца на училишна возраст. Колку би било убаво да ги преиначиш илустрациите и нивната примена со цел да им помогнеш да сфатат како материјалот се однесува на нивниот живот!

Една друга предност на спонтаното изнесување е тоа што го стимулира твојот ум. Кога имаш публика полна со ценење и приемлива, се загреваш и потоа ги прошируваш идеите или одвојуваш време за да повториш извесни точки заради нагласување. Ако забележиш дека интересот на публиката попушта, можеш да преземеш чекори за да го совладаш проблемот наместо само да им зборуваш на луѓето чии умови се некаде на друго место.

Избегнувај ги стапиците. Треба да бидеш свесен дека спонтаното говорење има и потенцијални стапици. Една од нив е склоноста да се пречекори времето. Ако во текот на говорот внесеш премногу додатни идеи, времето може да стане проблем. Со ова можеш да се справиш ако во нацртот си направиш прибелешки за тоа колку време ти е дозволено за секој дел од говорот. Потоа, тесно држи се за овој распоред.

Една друга опасност, особено за искусните говорници, е прекумерната самоувереност. Навикнати јавно да говорат, некои можеби увидуваат дека не е проблем ако скрпат на брза рака некои идеи и го пополнат предвиденото време. Но, понизноста и ценењето на фактот дека учествуваме во програма на образование во која самиот Јехова е Величествен Поучувач, треба да нѐ мотивираат да ѝ пристапиме на секоја задача во молитва, и добро да се подготвиме (Иса. 30:20; Рим. 12:6-8).

Многу говорници, кои не се искусни во спонтаното изнесување, повеќе се грижат да не го заборават она што сакале да го кажат. Не дозволувај тоа да биде причина да се воздржуваш од овој напреден чекор во делотворното говорење. Добро подготви се и потпри се на Јехова за помош од неговиот дух (Јован 14:26).

Други говорници дозволуваат да ги кочи претераната грижа за составот на зборовите. Точно, спонтаниот говор можеби нема избран состав на зборови и граматичка точност, како што има еден говор по манускрипт, но привлечниот разговорен стил во голема мера го надоместува тоа. Луѓето поспремно реагираат на идеи што се презентирани со зборови кои тие можат лесно да ги разберат и со реченици кои не се комплицирани. Ако се подготвуваш добро, соодветното изразување ќе си дојде природно, не затоа што си го научил напамет, туку затоа што доволно си ги повторил идеите. И ако користиш добар говор во секојдневните разговори, тој ќе ти доаѓа природно и кога си на подиум.

Какви белешки да користиш. Со текот на времето и со вежбање, нацртот ќе можеш да го сведеш на само неколку зборови за секоја точка од говорот. Нив, како и белешките за стиховите што планираш да ги употребиш, можеш да ги запишеш на една картичка или на лист хартија во кој ќе можеш лесно да погледнеш. За службата на теренот, во најголем број случаи ќе запомниш еден едноставен нацрт. Ако си истражувал на некоја тема за повторна посета, можеш да имаш куси белешки на едно парче хартија вметнато меѓу страниците на Библијата. Или, како основа за твојата дискусија едноставно можеш да користиш нацрт од „Библиски теми за разговор“ или материјал што се наоѓа во Резонирање на темел на Писмото.

Меѓутоа, ако во рок од неколку седмици ти се доделени неколку точки на состаноците, а можеби и јавно предавање, веројатно ќе ти бидат потребни поопширни белешки. Зошто? За да го освежиш умот за материјалот пред да ја обработиш секоја од тие задачи. Сепак, при изнесувањето ако за составот на зборови премногу се потпираш на белешките — погледнувајќи накратко во нив речиси за секоја реченица — ќе ги изгубиш користите што го карактеризираат спонтаното изнесување. Ако користиш опширни белешки, означи ги за да ти биде згодно да се осврнеш само на оние неколку подвлечени зборови и на библиските цитати што го сочинуваат твојот нацрт.

Иако изнесувањето на говорот од страна на еден искусен говорник обично треба да биде претежно спонтано, предности може да донесе и воведувањето други облици на изнесување. Во воведот и во заклучокот, каде што добриот контакт со публиката треба да се спои со силни, внимателно изразени изјави, можат да бидат делотворни неколку напамет научени реченици. Таму каде што се користат факти, бројки, цитати или стихови, во ред е да се чита, и тоа може да има и делотворен ефект.

Кога другите бараат објаснување. Понекогаш сме повикани да ги објасниме своите верувања без да имаме можност за претходна подготовка. Ова може да се случи кога некој што сме го сретнале во службата на теренот ќе изнесе приговор. Слични ситуации можат да настанат кога сме со роднините, на работното место или на училиште. Државните службеници можат исто така да бараат објаснување за нашите верувања и за нашиот начин на живот. Писмото поттикнува: „Секогаш [бидете] спремни да дадете одбрана пред секого кој ви бара причина за надежта која е во вас, но тоа правете го со благ нарав и со длабока почит“ (1. Петр. 3:15).

Забележи како Петар и Јован одговориле пред еврејскиот Синедрион, според она што е запишано во Дела 4:19, 20. Тие јасно го кажале својот став само со две реченици. Тоа го сториле на начин пригоден за нивната публика — истакнувајќи дека со спорното прашање со кое се соочувале апостолите, се соочувал и судот. Подоцна, против Стефан биле изнесени лажни обвиненија и тој бил одведен пред истиот суд. Прочитај го неговиот силен импровизиран одговор во Дела 7:2-53. Како го организирал тој својот материјал? Ги изнел настаните по историски редослед. Во пригоден момент, почнал да го нагласува бунтовничкиот дух што го покажала нацијата Израел. Во заклучокот покажал дека Синедрионот го покажал истиот дух со тоа што го погубил Божјиот Син.

Кога си повикан да дадеш импровизирани објаснувања за своите верувања, што може да ти помогне да дадеш делотворни коментари? Имитирај го Неемија кој, пред да одговори на прашањето што му го поставил цар Артаксеркс, се помолил во себе (Неем. 2:4). Потоа, брзо формулирај нацрт во мислите. Основните чекори би можеле да се набројат на следниов начин: 1) Избери една до две точки што ќе бидат вклучени во објаснувањето (можеби ќе одлучиш да користиш точки што се наоѓаат во Резонирање на темел на Писмото). 2) Одреди кои стихови ќе ги употребиш како поддршка на тие точки. 3) Испланирај како да го почнеш тактично своето објаснување за да може оној што ти го поставил прашањето да биде спремен да те слуша. Потоа почни да зборуваш.

Дали, кога си под притисок, ќе се сетиш што да правиш? Исус им рекол на своите следбеници: „Немојте тегобно да се грижите како или што ќе зборувате; зашто во тој час ќе ви се даде што да зборувате; зашто не сте само вие тие кои зборувате, туку духот на вашиот Татко е тој кој зборува преку вас“ (Мат. 10:19, 20). Ова не значи дека ќе го имаш чудесниот „збор на мудрост“ што им бил даден на христијаните во првиот век (1. Кор. 12:8). Но, ако се служиш редовно со образованието што Јехова им го обезбедува на своите слуги во христијанското собрание, светиот дух ќе те потсети на потребните информации кога ќе биде потребно (Иса. 50:4).

Без сомнение, спонтаното изнесување може да биде многу делотворно. Ако го практикуваш редовно кога имаш задачи во собранието, тогаш давањето импровизирани одговори, кога е потребно, нема да ти биде тешко, со оглед на тоа што важат процедури слични како за нацрт. Не воздржувај се. Ако научиш да зборуваш спонтано, тоа ќе ти помогне да бидеш поделотворен во службата на теренот. И доколку имаш предност да држиш говори во собранието, поголема е веројатноста дека ќе го задржиш вниманието на присутните и ќе допреш до нивното срце.

КАКО СЕ ПОСТИГНУВА ТОА

  • Врежи си ги во умот користите од спонтаното изнесување.

  • Наместо да го запишуваш говорот, направи си едноставен нацрт.

  • Подготви го изнесувањето на тој начин што во мислите посебно ќе ја повториш секоја главна точка. Наместо да бидеш претерано загрижен за составот на зборови, нагласи го логичниот развој на идеите.

ВЕЖБИ: 1) Кога се подготвуваш за Студија на Стражарска кула, нека ти биде обичај да ги подвлекуваш само клучните изрази наместо цели реченици. Одговарај со сопствени зборови. 2) Кога ќе го подготвуваш изнесувањето на твојата следна задача во школата, почни на тој начин што напамет ќе ја повториш темата и двете или трите главни точки.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели