СТУДИЈА 10
Одушевеност
ОДУШЕВЕНОСТА му дава живот на говорот. Иако е важно да се има информативен материјал, всушност, живото, одушевено изнесување е тоа што ќе го плени вниманието на присутните. Сеедно какво е твоето културно потекло или каква е твојата личност, можеш да негуваш одушевеност.
Зборувај со чувство. Кога разговарал со една Самарјанка, Исус рекол дека оние што го обожаваат Јехова мораат тоа да го прават „со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Нивното обожавање мора да биде мотивирано од срца полни со ценење и да биде во согласност со вистината што се наоѓа во Божјата реч. Кога едно лице има такво длабоко ценење, тоа ќе се одрази во начинот на којшто зборува. Ќе има голема желба да разговара со другите за Јеховините љубезни подготовки. Изразите на неговото лице, гестовите и гласот ќе бидат одраз на неговите вистински чувства.
Тогаш, зошто на говорник што го љуби Јехова и верува во она што го кажува тој да му недостига одушевеност кога зборува? Не е доволно само да подготви што ќе каже. Тој мора да ја доживее својата тема, да биде емоционално внесен во неа. Да претпоставиме дека му е доделено да зборува за откупната жртва на Исус Христос. Кога говорникот го изнесува својот говор, неговите мисли не само што мораат да бидат полни со детали, туку и со ценење за значењето на Исусовата жртва како за самиот говорник така и за неговата публика. Тој треба да ги оживее своите чувства на благодарност кон Јехова Бог и кон Христос Исус за оваа прекрасна подготовка. Треба да мисли на величествениот изглед за живот кој таа го отвора за човештвото — вечна среќа во совршено здравје во еден обновен рај на Земјата! Значи, треба да го вклучи своето срце.
Во врска со книжникот Езра, учител во Израел, Библијата вели дека ,настојувал, со сето свое срце [го подготвил своето срце, NW], да проникне во Господовиот Закон, да го извршува и да го поучува Израел‘ (Езра 7:10). Ако го правиме истото и ние — го подготвуваме и срцето, а не само информациите — ќе зборуваме од срце. Таквото срдечно изнесување на вистината може многу да им помогне на оние на кои им зборуваме да развијат вистинска љубов кон вистината.
Размисли за твојата публика. Друг важен фактор за покажувањето одушевеност е да бидеш уверен дека твојата публика треба да го чуе она што имаш да ѝ го кажеш. Ова значи дека кога ја подготвуваш својата презентација, не треба само да собереш материјал што има вредност, туку и да му се молиш на Јехова да те води за да го употребиш тој материјал во корист на оние пред кои ќе зборуваш (Псал. 32:8; Мат. 7:7, 8). Анализирај зошто е потребно твојата публика да ги чуе информациите, како ќе ѝ користат и како ќе можеш да ги презентираш на таков начин што таа ќе ја цени нивната вредност.
Работи на материјалот сѐ додека не најдеш нешто што ќе ти биде возбудливо. Тоа не треба да биде нешто ново, но твојот пристап кон темата може да биде свеж. Ако подготвуваш нешто што навистина ќе им помогне на присутните да го зајакнат својот однос со Јехова, да ги ценат неговите подготовки, успешно да излезат на крај со животните притисоци во овој стар систем или да бидат делотворни во нивната служба, тогаш ги имаш сите причини да бидеш одушевен во врска со твојот говор.
Што ако твојата задача е јавно читање? За да го направиш тоа одушевено, потребно е повеќе отколку само да можеш правилно да ги кажеш зборовите и исправно да ги групираш. Проучи го материјалот. Ако треба да прочиташ дел од Библијата, направи истражување за него. Увери се дека го разбираш неговото основно значење. Размисли на кој начин е корисен за тебе и за твојата публика, и прочитај го со желба да им го пренесеш на оние што ќе те слушаат.
Дали се подготвуваш за служба на теренот? Разгледај ја твојата тема за дискусија и стиховите што планираш да ги употребиш. Исто така, земи предвид за што размислуваат луѓето. Што било кажано на вестите? На какви проблеми наидуваат? Кога ќе бидеш опремен да им покажеш на луѓето дека Божјата реч ги содржи решенијата токму за проблемите што нив ги загрижуваат, тогаш ќе чувствуваш горливост да го сториш тоа, и одушевеноста природно ќе си дојде.
Покажи одушевеност со живо изнесување. Одушевеноста најјасно ќе ја покажеш со живост во своето изнесување. Ова треба да се види во изразот на твоето лице. Мораш да звучиш уверено, а не догматично.
Потребна е рамнотежа. Можеби некои се склони да се возбудуваат за сѐ. На таквите треба да им се помогне да сфатат дека, кога едно лице станува бомбастично или претерано емотивно, присутните ќе мислат на него, а не на пораката. Од друга страна, пак, на оние што се срамежливи им треба охрабрување да бидат поекспресивни.
Одушевеноста е заразна. Ако имаш добар контакт со публиката и си одушевен во врска со говорот, публиката ќе ја почувствува таа одушевеност. Аполо покажал живост во зборувањето, и бил опишан како речовит говорник. Ако зрачиш со Божјиот дух, твоето живо изнесување ќе ги поттикне на акција оние што те слушаат (Дела 18:24, 25; Рим. 12:11).
Одушевеноста соодветна на материјалот. Погрижи се одушевеноста да не ја држиш низ целиот говор на толку високо ниво што присутните ќе се исцрпат. Секој твој поттик да постапуваат според она за кое дискутираш нема да наиде на одек. Ова ја нагласува потребата да подготвиш материјал што ќе ти дозволи разноликост во изнесувањето. Обиди се да не западнеш во некој стил што одразува рамнодушност. Ако внимателно го избереш материјалот, ќе бидеш длабоко заинтересиран за него. Но, некои точки природно ќе бараат поголема одушевеност во изнесувањето од други, и нив треба вешто да ги испреплетеш низ говорот.
Особено главните точки треба да ги изнесеш одушевено. Твојот говор мора да има кулминации врз кои ќе градиш. Бидејќи тие се врвните точки на твојот говор, тоа обично ќе бидат точките предвидени да ги мотивираш присутните. Откако си ги уверил, треба да ги поттикнеш, да им покажеш кои се користите од примената на она за кое дискутираш. Одушевеноста ќе ти помогне да ги достигнеш срцата на слушателите. Живото изнесување никогаш не треба да биде присилено. Треба да постои причина за него, а причината ќе ти ја даде твојот материјал.