СТУДИЈА 42
Информативно за публиката
ЗА ДА биде твојата презентација информативна за публиката, треба да направиш повеќе отколку само да зборуваш на некоја корисна тема. Запрашај се: ,Зошто оваа публика треба да ја чуе оваа тема? Што ќе кажам, а ќе придонесе таа да има чувство дека навистина извлекла корист од дискусијата?‘
Ако ти е доделено во школата да прикажеш како сведочиш некому, публика ќе ти биде станарот. Во други случаи, можеби ќе зборуваш пред собранието како целина.
Што знае публиката. Запрашај се: ,Што знае публиката за темата?‘ Тоа треба да ја одреди твојата појдовна точка. Ако зборуваш пред собрание што се состои претежно од зрели христијани, немој само да ги повторуваш основните работи, кои повеќето од нив ги знаат. Гради врз овие фундаментални вистини. Се разбира, ако во публиката има и многу новозаинтересирани лица, треба да ги земеш предвид потребите на обете групи.
Темпото на твоето изнесување приспособи го кон она што публиката веќе го знае. Ако вклучиш и некои детали што на повеќето веројатно им се познати, помини ги прилично брзо. Но, презентирај ги побавно идеите што можеби им се нови на повеќето твои слушатели за да можат јасно да ги сфатат.
Што ќе информира. Да се биде информативен не значи секогаш да се кажува нешто ново. Некои говорници имаат начин познатите вистини да ги наведат толку едноставно што многумина во публиката за првпат ќе ги разберат целосно.
Не е доволно во службата на теренот само да спомнеме некоја новинска вест за да го илустрираме фактот дека живееме во последните денови. Користи ја Библијата за да го покажеш значењето на тој настан. Ова ќе биде навистина информативно за станарот. Слично на тоа, кога спомнуваш детаљ за некој природен закон или, пак, за растителниот или животинскиот свет, твојата цел не треба да биде да презентираш некој фасцинантен научен факт што станарот никогаш порано не го чул. Наместо тоа, целта треба да ти биде да ги комбинираш доказите од природата со изјавите во Библијата за да покажеш дека постои Творец, кој нѐ љуби. Ова ќе му помогне на станарот да ги гледа работите од нова перспектива.
Да се презентира пред публика една тема која веќе ја чула многупати порано, може да биде предизвик. Но, за да бидеш делотворен учител, треба да научиш како успешно да го сториш ова. Како можеш да го постигнеш тоа?
Од помош ќе биде истражувањето. Наместо во говорот да вклучиш само факти кои брзо ти паднале на памет, користи ги алатките за истражување за кои беше дискутирано на страници 33 до 38. Имај ги на ум предлозите што се таму дадени во врска со целите што треба да настојуваш да ги постигнеш. Можеби во твоето истражување ќе откриеш дека некој помалку познат историски настан е директно поврзан со твојата тема. Или, можеби ќе наидеш на некоја понова изјава на вестите, која ќе ја илустрира точката за која планираш да дискутираш.
Додека го испитуваш материјалот, поттикни го сопственото размислување поставувајќи си прашања како што се: Што? Зошто? Кога? Каде? Кој? и Како? На пример: Зошто е ова точно? Како да го докажам? Кои популарни верувања им отежнуваат на некои да ја сфатат оваа библиска вистина? Зошто е важна? Како треба ова да влијае врз нечиј живот? Кој пример ја покажува користа од неговото применување? Што открива за Јеховината личност оваа библиска вистина? Зависно од материјалот за кој дискутираш, би можел да прашаш: Кога се случило ова? Како практично да го примениме овој материјал денес? Дури би можел и да го оживееш изнесувањето ако поставуваш некои такви прашања и одговараш на нив додека го држиш говорот.
Твојот говор можеби ќе бара да користиш стихови што ѝ се познати на публиката. Што да сториш за тие да бидат информативни кога ги користиш? Немој само да ги прочиташ; објасни ги.
Дискусијата за некој познат стих можеби ќе стане уште поинформативна ако го поделиш стихот, издвојувајќи ги оние делови што се однесуваат на темата на твојот говор, а потоа објаснувајќи ги. Разгледај ги можностите за тоа кај стихот од Михеј 6:8 во Преводот Нов свет. Што е ,правда‘? За чие мерило за правда се дискутира? Како би илустрирал што се мисли со изразот ,да се практикува правда‘? Или со изразот ,да се сака љубезноста‘? Што е скромност? Како би го применил материјалот кај постара личност? Каков материјал ќе употребиш, се разбира, ќе зависи од фактори како што се: твојата тема, целта, публиката и времето што ти е на располагање.
Честопати се од помош едноставни дефиниции на термините. За некои луѓе е големо изненадување кога ќе го дознаат значењето на „царството“ на кое се укажува во Матеј 6:10. Потсетувањето на некоја дефиниција може да му помогне дури и на еден долгогодишен христијанин уште поточно да сфати за што се зборува во некој стих. Ова можеме јасно да го видиме ако го прочитаме 2. Петрово 1:5-8, а потоа ги дефинираме различните елементи спомнати во овие стихови: вера, доблест, спознание, самосовладување, истрајност, побожна оддаденост, братска наклоност и љубов. Кога во истиот контекст се употребени зборови чие значење се совпаѓа, тоа што ќе ги дефинираш ќе помогне да се направи разлика меѓу нив. Тоа е случај кај термини како што се мудрост, спознание, проникливост и разбирање, употребени во Пословици 2:1-6 (NW).
Можеби за твојата публика ќе биде информативно едноставно ако резонираш за еден стих. Многу луѓе се изненадени кога за првпат увидуваат дека во Битие 2:7 во некои библиски преводи за Адам се вели дека е жива душа и дека, според Езекиел 18:4 (ПСП), душата умира. Исус во една прилика ги изненадил садукеите со тоа што укажал на Излез 3:6, во кој тие тврделе дека веруваат, и потоа го применил на воскресението на мртвите (Лука 20:37, 38).
Понекогаш е информативно да се истакне контекстот на некој стих, околностите при запишувањето и идентитетот на говорникот или слушателот. Фарисеите биле добро запознати со 110. Псалм. Сепак, Исус го свртел нивното внимание кон еден важен детаљ што се наоѓа во првиот стих. Тој прашал: „ ,Што мислите за Христос? Чиј син е тој?‘ Тие му рекоа: ,Давидов‘. Тој им рече: ,Тогаш како тоа Давид под инспирација го нарекува „Господ“, велејќи: „Јехова му рече на мојот Господ: ,Седи откај мојата десница, додека не ги положам твоите непријатели под твоите нозе‘ “? Според тоа, ако Давид го нарекува „Господ“, како му е син?‘ “ (Мат. 22:41-45). Кога резонираш за Писмото како Исус, ќе им помогнеш на луѓето повнимателно да ја читаат Божјата реч.
Кога говорникот го наведува времето на пишување на една библиска книга или времето кога се случил извесен настан, треба да ги опише и околностите што преовладувале во тоа време. На тој начин, публиката појасно ќе ја сфати важноста на таа книга или на тој настан.
Споредбите можат да го направат уште поинформативно она што го кажуваш. Би можел да направиш контраст меѓу некое популарно гледиште и она што Библијата го кажува за истата работа. Или, би можел да споредиш два паралелни библиски извештаи. Постојат ли разлики? Зошто? Што учиме од нив? Тоа би им овозможило на твоите слушатели да гледаат на темата од понова перспектива.
Ако ти е доделено да дискутираш за некој аспект на христијанската служба, би можел да ја збогатиш презентацијата започнувајќи со едно резиме. Подискутирај што треба да се стори, зошто, и како е тоа поврзано со нашите севкупни цели како Јеховини сведоци. Потоа објасни каде, кога и како да се направи тоа.
Што ако во твојот говор треба да дискутираш за некои ,длабоки работи Божји‘? (1. Кор. 2:10). Ако започнеш на тој начин што ќе конкретизираш и објасниш некои клучни елементи на темата, деталите полесно ќе се разберат. И ако заклучиш со едно концизно резиме на материјалот, публиката веројатно ќе остане со чувство на задоволство дека навистина научила нешто.
Совети за христијанското живеење. Присутните особено ќе извлечат корист ако им помогнеш да сфатат како информациите од твојот говор важат за нивните животи. Додека ги испитуваш стиховите во материјалот што ти е доделен, запрашај се: ,Зошто се овие информации сочувани во Писмото до ден-денес?‘ (Рим. 15:4; 1. Кор. 10:11). Размисли со какви ситуации во животот се соочуваат присутните. Разгледај ги самите тие ситуации во светлина на советите и начелата од Писмото. Во говорот резонирај на темел на Писмото за да покажеш како можат тие да му помогнат на едно лице мудро да се справи со таквите ситуации. Избегнувај да ги обопштуваш работите. Дискутирај за конкретни ставови и постапки.
За почеток, примени еден до два од горниве предлози во говорот што го подготвуваш. Како што ќе стекнуваш искуство, применувај и повеќе. Со текот на времето ќе увидиш дека публиката со нетрпение ќе ги очекува твоите говори, уверена дека ќе чуе нешто што навистина ќе ѝ користи.