СТУДИЈА 20
Делотворно да се воведат стиховите
ПИСМОТО го обезбедува темелот за поуката што се дава на нашите собраниски состаноци. Библиските стихови се средишни точки и на она што го кажуваме во службата на теренот. Меѓутоа, колку ќе придонесат тие за нашата дискусија, делумно зависи од тоа колку делотворно се воведени.
Потребно е повеќе отколку само да го посочиш стихот и да замолиш некого да го прочита со тебе. Кога воведуваш некој стих, настојувај да постигнеш две цели: 1) Да побудиш исчекување и 2) вниманието да го сосредоточиш на причината зошто го користиш тој стих. Овие цели можат да се постигнат на различни начини.
Постави прашање. Ова е многу делотворно ако одговорот не им е веќе очигледен на присутните. Настојувај да го изразиш прашањето на таков начин што ќе ги наведеш луѓето да размислуваат. Исус го правел тоа. Кога му пришле фарисеите во храмот и јавно го испитувале неговото разбирање на Писмото, Исус ги прашал: „Што мислите за Христос? Чиј син е тој?“ Тие одговориле: „Давидов“. Потоа, Исус ги прашал: „Тогаш како тоа Давид под инспирација го нарекува ,Господ‘?“ И притоа продолжил да го цитира Псалм 110:1. Фарисеите замолчале. Меѓутоа, мноштвото го слушало Исус со задоволство (Мат. 22:41-46).
Во службата на теренот би можел да користиш воведни прашања, како што се следниве: „Вие и јас имаме свое лично име. Дали Бог има лично име? Одговорот можеме да го најдеме во Излез 34:5“. „Ќе има ли некогаш една влада за целото човештво? Забележете каков одговор е даден во Даниел 2:44.“ „Дали Библијата навистина се занимава со околностите што постојат во нашево време? Споредете го она што е наведено во 2. Тимотеј 3:1-5 со околностите што Ви се познати.“ „Дали некогаш ќе има крај на страдањата и на смртта? Библискиот одговор може да се најде во Откровение 21:4, 5.“
Во едно предавање, грижливата употреба на прашања за да се воведат стиховите може да ги мотивира присутните да ги гледаат стиховите од еден понов агол, па дури и оние што им се веќе познати. Но, дали ќе успеат во тоа? Зависи дали прашањата што им ги поставуваш се од вистински интерес за нив или не. Дури и кога темата е од интерес за присутните, нивните умови може да одлутаат кога читаш стихови што многупати ги чуле. За да го спречиш тоа, треба добро да размислиш за да ја направиш презентацијата привлечна.
Изнеси некој проблем. Би можел да изнесеш некој проблем и потоа да го свртиш вниманието кон стих што е поврзан со решението. Не наведувај ги присутните да очекуваат повеќе од она што ќе го добијат. Честопати стихот дава само дел од решението. Меѓутоа, би можел да ги замолиш присутните да размислат, додека го читаш стихот, какво водство дава тој за справувањето со ситуацијата.
На сличен начин, би можел да наведеш некое начело за побожно однесување и потоа да употребиш библиски извештај за да илустрираш колку е мудро тоа да се следи. Ако стихот содржи две (или можеби повеќе) специфични точки што се поврзани со она за кое се дискутира, некои говорници ги замолуваат присутните да внимаваат на нив. Ако изгледа дека некој проблем е премногу тежок за одредена публика, можеш да ја стимулираш на размислување така што ќе изнесеш неколку можности и потоа ќе дозволиш одговорот да го дадат стихот и објаснувањето на неговата примена.
Наведи ја Библијата како авторитет. Ако веќе си побудил интерес за твојата тема и си навел едно или повеќе гледишта за некој нејзин аспект, би можел да воведеш некој стих едноставно со зборовите: „Забележете што вели Божјата реч за оваа точка“. Ова покажува зошто материјалот што ќе го прочиташ има авторитет.
Јехова користел мажи како што биле Јован, Лука, Павле и Петар за да напишат делови од Библијата. Но, тие биле само писатели: Авторот е Јехова. Особено кога разговараш со луѓе што не го проучуваат Светото писмо, да воведеш некој стих со зборовите „Петар напишал“ или „Павле рекол“ можеби нема да ја има истата сила како некој вовед што го идентификува текстот како Божја реч. Вредно е да се забележи дека во извесни случаи, Јехова го упатил Еремија да воведе некои објави со зборовите: „Чујте ја Јеховината реч“ (Ерем. 7:2; 17:20; 19:3; 22:2, сите NW). Сеедно дали при воведувањето на стиховите го користиме Јеховиното име или не, пред да завршиме со дискусијата, треба да настојуваме да истакнеме дека она што стои во Библијата е негова реч.
Земи го превид контекстот. Кога одлучуваш како да воведеш некој стих, треба да го познаваш контекстот. Во некои случаи директно ќе го спомнеш контекстот; меѓутоа, контекстот може и на други начини да влијае врз она што ќе го кажеш. На пример, дали ќе ги воведеш зборовите на богобојазливиот Јов на истиот начин како што би вовел изјава на некој од неговите лажни утешители? Книгата Дела ја напишал Лука, но тој, меѓу другите, ги цитира Јаков, Петар, Павле, Филип, Стефан и ангелите, како и Гамалиел и други Евреи што не биле христијани. Кому би му го припишал ти текстот што го цитираш? Сети се, на пример, дека сите псалми не ги компонирал Давид и дека Соломон не ја напишал целата книга Пословици. Исто така, корисно е да знаеш кому му се обраќа библискиот писател и која е општата тема за која дискутира.
Користи поопширни информации. Ова е особено делотворно ако можеш да покажеш дека околностите што постоеле во времето на библискиот извештај биле слични на оние за кои дискутираш. Во други прилики, за да се разбере одреден текст, потребни се поопширни информации. На пример, ако во еден говор за откупнината треба да го употребиш Евреите 9:12, 24, би можел да увидиш дека е потребно, пред да го прочиташ текстот, да дадеш кратко објаснување за највнатрешната просторија на шаторот која, како што покажува стихот, го претставува местото во кое влегол Исус кога се вознел на небото. Но, не внесувај толку многу опширен материјал што ќе го засениш текстот што го воведуваш.
За да се подобриш во начинот на кој ги воведуваш стиховите, анализирај што прават искусните говорници. Забележи кои различни методи ги користат. Анализирај ја делотворноста на тие методи. При подготовката на твоите говори, препознај ги клучните стихови и посебно размисли што треба да постигнеш со секој стих. Внимателно испланирај го воведот за секој стих за да го употребиш со најделотворен ефект. Како што ќе стекнуваш искуство, користи ја истата метода за сите стихови што ги воведуваш. Како што ќе се подобруваш во овој аспект на твојата презентација, поголемо внимание ќе сосредоточуваш на Божјата реч.