Рубрика прашања
◼ Зошто е корисно присутните да ги бараат стиховите кога за тоа ќе ги замоли говорникот во текот на предавањето?
Некои фактори, како на пример темата што се дискутира и дали говорот обработува некој дел од Божјата реч стих по стих, ќе одредат колку стихови ќе бидат замолени да побараат присутните.
Важно е да се има на ум дека една причина зошто се бараат стиховите е да се потврди дека она што се кажува е земено од Библијата (Дела 17:11). Друга цел е да се испитаат доказите од Писмото кои го поткрепуваат она што се дискутира за да се зајакне верата на сите. Кога ќе се види што вели Библијата додека се чита некој клучен стих, тоа ќе остави двојно посилен впечаток во мислите. Освен тоа што ќе се бараат стихови, корисно е да се прават белешки и да се биде во тек со мислите што се изнесуваат.
Иако во нацртот за говор што го дава Заедницата се наведени многу библиски стихови додека се разработува темата, тие се дадени за говорникот, за да му помогнат во неговата подготовка. Тие можат да му дадат поопширни информации или на некој друг начин да му помогнат да ги вреже во мислите основните начела од Писмото и да го разбере текот на темата. Говорникот одлучува кои стихови се битни за текот на говорот и ги замолува присутните да следат заедно со него кога ги чита и ги објаснува тие стихови. Може да се спомнат и да се парафразираат и други стихови кои го поткрепуваат материјалот, но присутните не мора да ги бараат и нив.
Кога говорникот чита избрани стихови, тоа го прави директно од Библијата, а не од отпечатен компјутерски лист. Кога говорникот ќе ги замоли присутните да читаат заедно со него, тој јасно ќе ја наведе библиската книга, поглавјето и стихот(-овите). Со тоа што ќе направи пауза за да постави некое прашање или кратко да коментира зошто ќе се прочита тој стих, ќе им даде време на присутните да го пронајдат. Повторувањето на стихот ќе им помогне на присутните да го запомнат. Меѓутоа, не се препорачува да се спомне бројот на страницата бидејќи тоа зависи од различните изданија на Библијата што ги користат присутните. Барањето на стиховите кога присутните ќе бидат замолени, ќе им помогне да извлечат корист од моќта на Божјата реч додека таа се објаснува за време на предавањето (Евр. 4:12).