ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • be стр. 52-стр. 54 пас. 4
  • Подготвување предавања за јавност

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Подготвување предавања за јавност
  • Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Проучи го нацртот
  • Употреба на стиховите
  • Одлуки на говорникот
  • Правење нацрт
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Користење нацрт
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Да се нагласат главните мисли
    Посвети се на читањето и поучувањето
  • Да се истакнат главните точки
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
Повеќе
Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
be стр. 52-стр. 54 пас. 4

Подготвување предавања за јавност

СЕКОЈА седмица во повеќето собранија на Јеховините сведоци се организира јавно предавање на некоја библиска тема. Ако си старешина или слуга помошник, дали даваш доказ дека си делотворен јавен говорник, учител? Ако да, можеби ќе бидеш замолен да одржиш јавно предавање. Теократската школа за служба им помогнала на десетици илјади браќа да се оспособат за оваа предност на службата. Кога ти е доделено да одржиш јавно предавање, од каде да почнеш?

Проучи го нацртот

Пред да направиш некакво истражување, прочитај го нацртот и медитирај за него сѐ додека не ја сфатиш смислата. Врежи ја во умот темата, а тоа е насловот на предавањето. За што треба да ги поучиш твоите слушатели? Која е твојата цел?

Запознај се со главните поднаслови. Проанализирај ги тие главни точки. Како секоја од нив е поврзана со темата? Под секоја главна точка се наведени неколку потточки. Елементите што ги поддржуваат потточките се наведени под нив. Размисли како секој дел од нацртот се надградува на претходниот, како води кон следниот и помага да се постигне целта на говорот. Штом ќе ја разбереш темата, целта на говорот и начинот на кој главните точки ја постигнуваат таа цел, подготвен си да почнеш со разработка на материјалот.

Можеби во почетокот ќе ти биде од помош да размислуваш за предавањето како за четири или пет кратки говори, од кои секој си има главна точка. Нив подготви ги еден по еден.

Дадениот нацрт е алатка за подготовка. Не е наменет да служи како белешки од кои ќе го држиш говорот. Тој е како костур. Ќе треба, така да се каже, да му ставиш месо, да му дадеш срце и да му вдахнеш живот.

Употреба на стиховите

Исус Христос и неговите ученици го засновале своето учење врз Писмото (Лука 4:16-21; 24:27; Дела 17:2, 3). Можеш и ти да го правиш истото. Писмото треба да биде темелот за твојот говор. Наместо само да ги објаснуваш изјавите изнесени во дадениот нацрт и да ја покажуваш нивната примена, забележи како Писмото ги поддржува тие изјави, а потоа поучувај од Писмото.

Додека се подготвуваш за говорот, испитај го секој стих што е наведен во нацртот. Обрни внимание на контекстот. Некои стихови можат да дадат само корисна заднина. При изнесувањето нема потреба да ги прочиташ или прокоментираш сите нив. Избери ги оние што се најдобри за твоите слушатели. Доколку се сконцентрираш на стиховите наведени во отпечатениот нацрт, веројатно ќе нема потреба да се осврнуваш на додатни стихови од Писмото.

Успехот на твојот говор не зависи од тоа колку стихови ќе употребиш, туку од квалитетот на поучувањето. Кога воведуваш стихови, покажи зошто ги употребуваш. Одвој време за да ја покажеш нивната примена. Откако ќе прочиташ некој стих, држи ја Библијата отворена додека дискутираш за него. Присутните веројатно ќе го сторат истото. Како да побудиш интерес кај слушателите и да им помогнеш да извлечат уште поцелосна корист од Божјата реч? (Неем. 8:8, 12). Тоа можеш да го сториш со објаснување, илустрација и покажување на примената.

Објаснување. Кога се подготвуваш да објасниш некој клучен стих, запрашај се: ,Што значи тој? Зошто го користам во говорот? Што би можеле да се запрашаат присутните во врска со овој стих?‘ Можеби ќе треба да го проанализираш контекстот, заднината, рамката, силата на зборовите, намерата на инспирираниот писател. Ова бара истражување. Изобилство вредни информации ќе најдеш во публикациите што ги обезбедува „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45-47). Не обидувај се за тој стих да објасниш сѐ, туку објасни зошто си барал присутните да го прочитаат во поврзаност со точката за која дискутираш.

Илустрација. Целта на илустрациите е да ги водиш слушателите кон подлабоко разбирање или да им помогнеш да запомнат некоја поента или начело за кое си дискутирал. Илустрациите им помагаат на луѓето да го сфатат она што си им го кажал и да го поврзат со нешто што веќе го знаат. Тоа го сторил и Исус кога ја одржал својата прочуена Проповед на гората. „Птиците небесни“, „полските кринови“, „тесната порта“, „куќа врз камена маса“ и уште многу такви изрази го направиле неговото учење впечатливо, јасно и незаборавно (Мат., погл. 5-7).

Покажување на примената. Објаснувањето и илустрирањето на некој стих ќе дадат спознание, но примената на тоа спознание е она што донесува резултати. Точно, слушателите имаат одговорност да постапуваат во согласност со библиската порака, но ти можеш да им помогнеш да увидат што треба да сторат. Штом си се уверил дека твоите слушатели го разбираат стихот што се дискутира и сфаќаат како е поврзан со наведената поента, одвој време за да им покажеш какво влијание има тој врз верувањето и однесувањето. Истакни какви користи има некој кога ќе се откаже од погрешни идеи или од однесување што не е во согласност со вистината за која се дискутира.

Додека размислуваш за тоа како да ја покажеш примената на стиховите, запомни дека луѓето што ја сочинуваат твојата публика имаат различно потекло и се соочуваат со најразлични околности. Можеби има новозаинтересирани лица, млади, постари и такви што се борат со различни лични проблеми. Направи го говорот практичен и реалистичен. Избегнувај да даваш совети што звучат како да имаш на ум само неколку поединци.

Одлуки на говорникот

Некои одлуки во врска со твоето предавање се веќе донесени наместо тебе. Главните точки се јасно наведени и јасно се гледа колку време треба да посветиш на дискусијата за секој главен наслов. Другите одлуки треба да ги донесеш самиот ти. Можеш да избереш повеќе време да потрошиш на извесни потточки, а помалку на други. Не претпоставувај дека мораш во иста мера да ја обработиш секоја потточка. Тоа може да те наведе само да прелеташ по материјалот и да ги преплавиш присутните. Како да одлучиш која да ја развиеш поцелосно, а која да ја спомнеш само накратко, или патем? Запрашај се: ,Кои точки ќе ми помогнат да ја пренесам средишната идеја на говорот? Кои точки дозволуваат поголем потенцијал за да можат слушателите да извлечат корист? Дали испуштањето на извесен наведен стих и сродната точка го ослабуваат текот на доказите што се изнесуваат?‘

Совесно избегнувај да внесуваш шпекулации или лично мислење. Дури и Божјиот син, Исус Христос, избегнувал да зборува „сам од себе“ (Јован 14:10). Биди свесен дека причината поради која луѓето доаѓаат на состаноците на Јеховините сведоци е да чујат како се дискутира за Библијата. Ако те сметаат за добар говорник, тоа е веројатно затоа што имаш навика да не го свртуваш вниманието кон себеси туку кон Божјата реч. Поради ова твоите предавања се ценети (Фил. 1:10, 11).

Откако еден едноставен нацрт си претворил во содржајно објаснување на Писмото, сега треба да го вежбаш говорот. Од помош е да го правиш тоа наглас. Важно е да бидеш сигурен дека ги имаш на ум сите точки. Мораш да бидеш во состојба да се внесеш во изнесувањето со срце, да му вдахнеш живот на материјалот и да изнесеш една одушевена презентација на вистината. Пред да го одржиш говорот, запрашај се: ,Што се надевам дека ќе постигнам?‘ Исто така, прашај се: ,Дали се истакнати главните точки? Дали навистина сум направил Писмото да биде темелот за мојот говор? Дали секоја главна точка природно води кон следната? Дали говорот изградува ценење за Јехова и за неговите подготовки? Дали заклучокот се однесува директно на темата, им покажува на присутните што да прават и ги мотивира на тоа?‘ Ако на овие прашања можеш да одговориш со да, тогаш си во положба да ,правиш добро со спознанието‘, во корист на собранието и за фалба на Јехова! (Посл. 15:2, NW).

КОГА ДРЖИШ ГОВОР ПРЕКУ ТОЛКУВАЧ

Честопати во една земја има многу јазични групи, па затоа јавните говорници може да бидат замолени да држат библиски говори преку толкувачи. Ако си поканет да зборуваш под такви околности, следниве упатства ќе ти помогнат и тебе и на твојот толкувач.

  • Делотворноста на твојот говор во голема мера ќе зависи од работата на толкувачот. Дури и некој што е искусен на полето на толкувањето ќе го изведе тоа уште подобро ако му помогнеш да се подготви.

  • Општо земено, мораш говорот да го намалиш барем за една третина за да има време за толкување. (Исклучок е знаковниот јазик, бидејќи може да се изнесе речиси симултано.)

  • Пред изнесувањето, заедно со толкувачот разгледајте го општиот нацрт на твојот говор и неговата цел. Ако твојата задача е манускрипт на конгрес, толкувачот нека добие примерок доволно време однапред.

  • Подискутирај со толкувачот за стиховите што ќе ги употребиш. Провери дали Библијата на домашниот јазик ја пренесува истата мисла како и твојата Библија. Покажи му на толкувачот кои изрази од стиховите ќе бидат нагласени или објаснети.

  • Одлучи дали стиховите ќе се читаат на обата јазика или само на едниот. Можеби е доволно да се прочитаат на домашниот јазик.

  • Брзото читање на датуми, броеви и библиски наводи може да создаде проблеми. Од помош ќе биде да користиш паузирање и по можност цели броеви за податоците.

  • Подискутирај за сите илустрации, идиоми и необични изрази кои планираш да ги употребиш. Увери се дека твојот толкувач ги разбира и дека може концептите да ги пренесе на домашниот јазик.

  • Кога зборуваш, користи кратки реченици. Изразувај целосни мисли пред да направиш пауза за толкувачот. (Тој преведува мисли, а не задолжително сите зборови.) За да биде толкувањето непрекинато, дозволи му на толкувачот да заврши пред да продолжиш.

  • Толкувачот зависи од добрата јачина на твојот глас и од твојот изговор.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели