СТУДИЈА 37
Да се истакнат главните точки
ШТО се главните точки во еден говор? Тоа не се само некои интересни аспекти што се патем кратко наведени. Тие се важните идеи што се развиваат надолго и нашироко. Тоа се идеите пресудни за да ја постигнеш целта.
Клуч за да ги истакнеш главните точки во својот говор е мудро да го избереш и организираш материјалот. Преку истражувањето за еден говор честопати се добиваат повеќе информации отколку што можат да се употребат. Како да одредиш што да употребиш?
Прво, размисли за присутните. Дали твојата тема им е доста непозната, или се прилично запознаени со неа? Дали повеќето од нив се сложуваат со она што го кажува Библијата за неа, или некои се склони да бидат скептични? Со какви предизвици се соочуваат во секојдневниот живот кога настојуваат да го применат она што го кажува Библијата за таа тема? Второ, погрижи се јасно да имаш на ум со која цел им говориш на тие присутни за темата што планираш да ја употребиш. Користејќи ги овие две насочници, направи проценка на материјалот и задржи го само она што навистина одговара.
Ако ти е даден основен нацрт со тема и главни точки, треба да се придржуваш за него. Меѓутоа, вредноста на она што го презентираш многу ќе се зголеми ако ги задржиш на ум горенаведените фактори кога ја развиваш секоја главна точка. Тогаш кога не ти е даден нацрт, од тебе зависи кои главни точки ќе ги избереш.
Кога главните точки ги имаш јасно на ум и под нив си ги организирал деталите, ќе ти биде полесно да го одржиш говорот. Публиката веројатно ќе извлече поголема корист од него.
Различни начини да го организираш материјалот. При организирањето на главниот дел од твојот говор можеш да следиш различни обрасци. Како што ќе се запознаваш со нив така ќе установуваш дека неколку од нив можат да бидат делотворни, зависно од твојата цел.
Еден од флексибилните обрасци вклучува поделба на тематски целини. (Секоја главна точка е потребна бидејќи придонесува за твоите слушатели да ја разберат темата или помага да ја постигнеш целта на својот говор.) Еден друг образец е хронолошкиот. (По претпотопните настани, на пример, можат да следат настани од времето пред уништувањето на Ерусалим во 70 н.е. по кое, пак, може да следат настани од нашево време.) Трет образец е причина и последица. (Ова може да се развие и во двата правца. На пример, би можел да започнеш со некоја текушта ситуација — последицата, а потоа да ја наведеш причината.) Четвртата метода вклучува спротивности. (Би можел да направиш контраст меѓу нешто добро и лошо или меѓу нешто позитивно и негативно.) Понекогаш еден говор ќе опфаќа повеќе од една метода.
Кога бил лажно обвинет пред еврејскиот Синедрион, Стефан одржал еден силен говор, во кој одел по хронолошкиот образец. Додека го читаш во Дела 7:2-53, забележи дека изборот на точките е направен со јасна цел. Најпрвин, Стефан разјаснил дека раскажува историја која неговите слушатели не можеле да ја негираат. Потоа, истакнал дека иако Јосиф бил отфрлен од своите браќа, Бог го употребил за да обезбеди избавување. Како следно, покажал дека Евреите му биле непослушни на Мојсеј, кого Бог го користел. Заклучил, на тој начин што нагласил дека духот што го покажувале Евреите од поранешните генерации, го покажувале и оние што ја предизвикале смртта на Исус Христос.
Не премногу главни точки. За да се развие која и да било тема, битни се само неколку работи. Во повеќето случаи, тие можат да се избројат на една рака. Тоа е случај сеедно дали ќе зборуваш 5, 10, 30 минути или подолго. Не обидувај се да истакнеш премногу главни точки. Твојата публика разумно може да сфати само неколку различни идеи од еден говор. И колку е говорот подолг толку посилни и појасно дефинирани мораат да бидат клучните точки.
Без оглед на тоа колку главни точки користиш, погрижи се доволно да ја обработиш секоја. Дај им на присутните доволно време да ја испитаат секоја главна точка за да можат цврсто да ја всадат во мислите.
Твојот говор треба да остава впечаток на едноставност. Тоа не зависи секогаш од тоа колку материјал е презентиран. Ако ти се мислите јасно групирани само под неколку главни поднаслови и ги развиваш една по една, говорот лесно ќе се следи и тешко ќе се заборави.
Истакни ги своите главни точки. Ако материјалот ти е правилно организиран, нема да ти биде тешко да го засилиш значењето на своите главни точки со помош на изнесувањето.
Главен начин да истакнеш една главна точка е да ги презентираш доказите, стиховите и другиот материјал на таков начин што ќе го сосредоточат вниманието на главната идеја и ќе ја засилат. Сите споредни точки треба да ја разјаснуваат, докажуваат или засилуваат главната точка. Не додавај неважни идеи само поради тоа што се интересни. Додека ги развиваш споредните точки, јасно покажи ја нивната врска со главната точка што ја поддржуваат. Не оставај присутните сами да го откриваат тоа. Врската може да се покаже со повторување на клучните зборови што ја изразуваат главната мисла или со повремено повторување на суштината на самата главна точка.
Некои говорници ги нагласуваат главните точки на тој начин што ги набројуваат. Иако е еден начин да се нагласат главните точки, тоа не треба да биде замена за грижливиот избор и за логичниот развој на самиот материјал.
Можеби ќе решиш веднаш во почетокот само да ја наведеш главната точка пред да го изнесеш потпорниот аргумент. Ова ќе им помогне на присутните да ја сфатат вредноста на она што следи, а и ќе ја нагласи таа главна точка. Точката би можел да ја засилиш така што, откако целосно ќе ја развиеш, ќе направиш резиме за неа.
Во службата на теренот. Начелата за кои е дискутирано погоре не важат само за формалните говори туку и за разговорите што ги водиш во службата на теренот. Додека се подготвуваш, земи ја во обѕир која и да е крупна ситуација што ја имаат на ум луѓето на подрачјето. Избери тема што дава можност да покажеш како надежта што ја нуди Библијата ќе ја реши таа ситуација. Избери можеби две главни точки за да ја развиеш таа тема. Одлучи кои стихови ќе ги употребиш за да ги поддржиш тие точки. Потоа, планирај како ќе ја започнеш дискусијата. Таквата подготовка ја дозволува истата флексибилност што ја бара и разговорот. Исто така, ќе ти биде од помош ако кажеш нешто што станарите ќе го запомнат.