СТУДИЈА 43
Користење на доделениот материјал
БИБЛИЈАТА го споредува христијанското собрание со човечко тело. Секој дел е потребен, но ,сите немаат иста функција‘. Во согласност со тоа, треба да работиме на која и да е предност што ни е доверена. Ова бара да ја разбереме секоја говорничка задача што ни е доделена и добро да се погрижиме за неа, наместо да ја минимизираме важноста на некои теми затоа што мислиме дека други теми би биле поинтересни (Рим. 12:4-8). Класата на верниот и разборит роб има одговорност да обезбедува духовна храна „во право време“ (Мат. 24:45). Кога ги користиме своите лични способности за да ги развиваме говорите според упатствата што ги добиваме, покажуваме ценење за таа подготовка. Ова придонесува за непречено функционирање на собранието како целина.
Што да вклучиме. Кога во школата ти е доделена некоја тема, погрижи се да ја развиеш таа тема, а не нешто друго. Во повеќето случаи, ќе биде обезбеден конкретен прирачен материјал. Ако не ти е кажано кој печатен материјал да го користиш како темел за говорот, можеш да собереш материјал од извори по свој избор. Меѓутоа, додека го подготвуваш говорот, погрижи се целата презентација да биде изградена врз доделената тема. Кога одлучуваш што да вклучиш, ќе треба да ја земеш предвид и публиката.
Внимателно проучи го прирачниот материјал, анализирајќи ги стиховите што се наоѓаат во него. Потоа, размисли како да го употребиш најделотворно за публиката да извлече корист. Избери две или можеби три точки од печатениот материјал, кои ќе ги користиш како главни точки во твојот говор. Исто така, од доделениот материјал избери ги стиховите што планираш да ги прочиташ и да дискутираш за нив.
Колку материјал да опфатиш? Само толку колку што можеш делотворно да обработиш. Немој да го жртвуваш доброто поучување за да натрупаш многу информации. Ако нешто од материјалот не одговара на целта на твојот говор, сосредоточи се на оние делови што ќе ти помогнат да ја достигнеш таа цел. Од доделениот материјал, користи го она што ќе биде најинформативно и најкорисно за публиката. Твојата цел со оваа точка од советот за говор не е да видиш колку можеш да обработиш, туку да го користиш она што ти е доделено како темел за говорот.
Не е предвидено твојот говор да биде само резиме на доделениот материјал. Треба да планираш извесни точки да објасниш, да ги прошириш, да ги илустрираш и можеби да наведеш пример за нивната примена. Додатни идеи треба да употребиш за да ги развиеш важните точки од материјалот што ти е доделен, а не за да го замениш тој материјал.
Браќата што ги имаат потребните квалификации за учители можеби со текот на времето ќе бидат замолени да дадат поука на Состанокот за служба. Тие ја сфаќаат потребата добро да го користат доделениот материјал, наместо да го заменуваат со нешто друго. На сличен начин, браќата што изнесуваат јавни предавања добиваат нацрти, кои треба да ги следат. Во нив се дозволува извесна флексибилност, но тие јасно покажуваат кои главни точки треба да се развијат, кои потпорни аргументи да се употребат и кои стихови го даваат темелот за говорот. Учењето како да се поучува со користење на доделениот материјал како темел е еден важен дел од подготовката за другите говорнички предности.
Оваа обука може и да ти помогне да водиш напредни домашни библиски студии. Ќе научиш да го сосредоточуваш вниманието на студискиот материјал, а не да се оддалечуваш од темата истакнувајќи други работи што можеби се интересни, но не се потребни за да се разбере темата. Сепак, ако го сфатиш духот на оваа лекција, нема да станеш толку крут што ќе пропуштиш да дадеш додатно објаснување, што може да биде потребно за еден ученик.