Школа што нѐ опремува за она што е најважно
1 Луѓето одат на школа за да добијат упатства што ќе им помогнат да ги постигнат своите цели во животот. Меѓутоа, која цел би можела да биде поважна од тоа да се слави Дарителот на животот и да им се помага на другите да дознаат за неговите намери и патишта? Ниедна. Целта на Теократската школа за служба е да нѐ подготви да ги поучуваме другите за нашата вера. Така, со тоа што секоја седмица присуствуваме на школата, стекнуваме вештини што нѐ опремуваат за најважните активности во животот.
2 ,Распоредот за Теократска школа за служба за 2003‘ излезе во изданието на Наша служба за Царството од минатиот месец. Распоредот вклучува детали за тоа како ќе се води школата. Можеби ќе биде практично распоредот да го чуваш во твојот примерок од книгата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба, која треба секоја седмица да ја носиш со себе во Теократската школа за служба. Разгледај некои од карактеристиките на Теократската школа за служба за 2003.
3 Говорна особина: Почнувајќи од јануари, секој состанок ќе почнува со петминутен говор за некоја говорна особина или за некој аспект на читањето, проучувањето или поучувањето. Овие воведни дискусии ќе ги презентира надгледникот на школата, или тој може да назначи друг квалификуван старешина да го одржи овој говор. Говорникот може да дискутира за дефиницијата и важноста на говорната особина. Потоа треба да го прошири материјалот така што ќе дискутира за библиски примери и ќе прикаже како да се примени особината, обрнувајќи посебно внимание на тоа како таа може да ја подобри нашата служба на теренот.
4 Задача бр. 1: Браќата на кои им е доделено да го одржат поучниот говор повторно се советувани да го „сосредоточат вниманието на практичната вредност на информациите за кои се дискутира“. Ова значи да му се покаже на собранието како да ги користи информациите. Ако ја добиеш оваа задача, за предлози како да се подготвиш види ги страници 48 и 49 од учебникот Школа за служба, и проучи ги референциите што се изложени во индексот на книгата под „Практична примена“.
5 Распоред за читање на Библијата: Ако во минатото не си можел да држиш чекор со седмичното читање на Библијата, зошто не донесеш одлука да се придржуваш за распоредот за оваа година? Оние што ќе го сторат тоа, до крајот на годината ќе ги завршат Христијанските грчки списи. Користите од тоа да се започне програма за читање на Библијата со Христијанските грчки списи се разгледани во книгата Школа за служба на 10. страница, 5. пасус.
6 Врвни точки од читањето на Библијата: Овој дел е продолжен на десет минути за да можат и присутните да дадат коментари за седмичното читање. Оние на кои им се доделени врвните точки треба да се држат за определеното време. Ќе бидат изнесени секоја седмица, вклучувајќи ја и седмицата за усно повторување. Додека ги читаш доделените поглавја, барај мисли што ќе ти користат во твојата семејна студија, во службата или во твојот начин на живот. Кои особини на Јехова можеа да се видат од начинот на кој постапувал со луѓето и нациите? Што научи што ја зајакна твојата вера и што ја зголеми твојата благодарност кон Јехова? Слободно коментирај за која и да било точка од доделените поглавја, дури и од стиховите што ќе се читаат во задачата бр. 2, зашто братот што ќе го има читањето нема да коментира за стиховите.
7 Задача бр. 2: Првата ученичка задача секоја седмица ќе биде вежба за јавно читање. Сите, освен последното читање секој месец, ќе бидат од седмичното читање на Библијата. Последното читање во месецот ќе биде од Стражарска кула. Ученикот треба да го прочита доделениот материјал без да дава вовед или заклучок. На тој начин, ќе може главното внимание да го сосредоточи на своите вештини на читање (1. Тим. 4:13).
8 Задача бр. 3 и бр. 4: Некои од овие задачи во книгата Расправљање имаат повеќе изворен материјал отколку другите; некои имаат само тема. Оние на кои им се дадени задачи со ограничен изворен материјал или само тема ќе имаат можност да ги обработат своите презентации така што ќе истражуваат во нашите христијански публикации. Ова може да им олесни на сестрите да ги приспособат своите коментари во зависност од помошникот.
9 Рамки: Како што е покажано на 45. страница од книгата Школа за служба, надгледникот на школата може да одреди рамка. Ако не, тогаш сестрите можат да си изберат рамка од списокот на 82. страница. Ако сестрата има говор на секои два месеца, тогаш 30-те рамки ќе обезбедат доволно разноликост за наредните пет години. Сестрите што ќе ја изберат рамката бр. 30, имено, „Друга рамка пригодна за твоето подрачје“, треба да ја запишат рамката на дното или на задната страна од нивното ливче за говор (S-89). Надгледникот на школата ќе го запише датумот на говорот на ученичката на 82. страница во нејзината книга веднаш до рамката што ја користела. Тоа може да го направи во исто време кога става оценка во формуларот за совет на ученичката.
10 Формулар за совет: Твојот формулар за совет е во твојата книга. Се наоѓа на страници 79—81. Според тоа, по секој говор што ќе го имаш, треба да му ја однесеш својата книга на надгледникот на школата. Надгледникот на школата ќе треба да води белешки за точките на совет на кои учениците работеле.
11 Усно повторување: Повторувањето во Теократската школа за служба ќе се прави усно. Ќе се одржува еднаш на секои два месеца и ќе трае 30 минути. Прашањата што ќе се разгледуваат во повторувањето ќе продолжат да излегуваат во Наша служба за Царството. Ако седмицата одредена за усно повторување се совпаѓа со седмицата на покраинскиот собир или со посетата на покраинскиот надгледник, тогаш говорите од наредната седмица треба да бидат изнесени една седмица порано, а усното повторување треба да биде префрлено за седмицата потоа.
12 Додатни класови: Во собранијата во кои бројот на студентите што се запишани во школата е поголем од 50, старешините можат да размислат да користат додатни класови. „Оваа подготовка може да се користи за сите ученички презентации или барем за последните две“ (Школа за служба, стр. 285). Последниов предлог е даден за да се излезе во пресрет на собранијата во кои има многу сестри но само неколку браќа што ќе се погрижат за задачите за читање. Старешините треба да одберат квалификувани браќа што ќе ги водат овие класови.
13 Помошен советник: Како што беше кажано во Распоредот за Теократска школа за служба, старешинското тело треба да назначи помошен советник кој ќе им даде приватен совет на старешините и на слугите помошници што ги изнесуваат врвните точки и поучните говори. Братот што е доделен да го прави ова треба да биде искусен, човек чиј совет другите старешини ќе го ценат. Неговиот совет треба да биде изградувачки, таков со кој ќе ги пофали добрите техники на говорење и поучување и со кој ќе препорача една или две точки за подобрување. Нема потреба да даде совет по секој говор изнесен од некој брат што често има говори. Меѓутоа, братот што е доделен да дава совети треба да биде разборит и да има на ум дека дури и на браќата што сега држат јавни предавања може да им се помогне и понатаму да напредуваат (1. Тим. 4:15).
14 На што да се обрне внимание: Што може да му помогне на братот што дава совет да анализира една презентација? Третата рамка во повеќето од 53-те нумерирани поглавја од книгата Школа за служба содржи кратко резиме на она на што треба да се обрне внимание. Надгледникот на школата треба, исто така, да обрне внимание и на другите потсетувања или предлози во книгата што ќе му помогнат брзо да го процени логичниот развој и делотворноста на една презентација. На пример, забележи ги низата прашања во горниот дел од 55. страница и мислите во последниот пасус на 163. страница.
15 Пополни ги празнините: Освен широките маргини, книгата Школа за служба има доста празен простор наменет да си запишуваш белешки за време на личната студија и кога присуствуваш на Теократската школа за служба. (Види ги страници 77, 92, 165, 243, 246 и 250.) Не заборавај да ја понесеш својата книга со себе секоја седмица. Следи за време на воведниот говор. Држи ја својата книга отворена до крајот на школата. Забележи ги предлозите на надгледникот на школата. Обрни внимание на методите на поучување, на прашањата, примерите, стилските фигури, илустрациите, визуелните помагала и контрастите што ги користат говорниците. Со тоа што ќе правиш добри белешки ќе можеш да се потсетиш и да ги искористиш многуте богати мисли што си ги собрал во школата.
16 Исус Христос знаел дека проповедањето на добрата вест за Божјето Царство е најголемата привилегија што некој може да ја добие. Тоа било неговата главна задача (Мар. 1:38). Тој рекол: ‚Морам да ја објавувам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен‘ (Лука 4:43). Како луѓе што сме ја прифатиле поканата да го следиме, и ние сме интензивно зафатени со проповедањето на добрата вест, и секогаш се напрегаме да го подобриме квалитетот на нашата „жртва на фалба“ (Евр. 13:15). За таа цел, да бидеме одлучни редовно да учествуваме во Теократската школа за служба, школа што ќе ни помогне да се подготвиме за она што е најважно во животот.