Теократската школа за служба за 2015 год. ни помага подобро да поучуваме
1 Псалмистот Давид напишал: „Зборовите на мојата уста и размислувањето на моето срце нека ти бидат пријатни, о Јехова, Карпо моја и Откупителу мој“ (Пс. 19:14). И ние сакаме нашите зборови да му бидат пријатни на Јехова бидејќи ја цениме честа да зборуваме за вистината во собранието и додека сме во служба. Теократската школа за служба е еден начин на кој Јехова нѐ поучува како да ја вршиме службата. Секоја седмица, ваква поука добиваат повеќе од 111.000 собранија низ целиот свет. Оваа школа им помага на браќа и сестри со најразлично потекло вешто да ја пренесуваат добрата вест и да ги поучуваат другите со увереност, тактичност и храброст (Дела 19:8; Кол. 4:6).
2 Распоредот за Школата за 2015 год. ќе вклучува материјал од „Библиски теми за разговор“ [td] (во додатокот на Светото писмо — превод Нов свет) и од брошурите Добра вест од Бог [fg] и Кој ја врши Јеховината волја денес? [jl]. Направени се промени во времетраењето на Избраните стихови и Задачата бр. 1. Овие промени и упатствата за задачите се разгледани во следните пасуси.
3 Избрани стихови: Браќата на кои им се доделува оваа задача ќе имаат две минути да разгледаат една интересна и практична мисла од седмичното читање на Библијата. За да го постигне тоа во предвиденото време, братот треба добро да се подготви. Потоа, како и досега, присутните ќе имаат можност во следните шест минути да даваат кратки коментари од 30 секунди или помалку за оние мисли од Библијата што им оставиле впечаток. За да дадеме смисловен коментар од 30 секунди, треба добро да се подготвиме и да бидеме самодисциплинирани. Но, тоа многу ќе ни користи. Исто така, ова дава можност повеќемина да коментираат за она што го научиле додека истражувале.
4 Задача бр. 1: Времето предвидено за читање на Библијата сега е скратено на три минути или помалку и ќе се чита помалку материјал. Оние што ќе ја добијат оваа задача треба да вежбаат така што повеќе пати ќе го прочитаат материјалот наглас и притоа ќе внимаваат на точниот изговор и течното читање со цел мислите да ги пренесат на разбирлив начин. Секој Божји слуга треба да се труди добро да чита бидејќи читањето е важен дел од нашето обожавање. Колку се радуваме што многу од нашите деца убаво читаат! Родителите се за пофалба што вложуваат труд да им помогнат на своите деца добро да читаат.
5 Задача бр. 2: Оваа задача, која треба да биде изнесена како приказ, ќе трае пет минути и треба да се додели на сестра. Таа треба да ја користи предвидената тема. Материјалот треба да го примени на реалистичен и практичен начин на некоја ситуација од службата на проповедање која е вообичаена за вашето подрачје. Надгледникот на школата ќе избере еден соговорник.
6 Задача бр. 3: Оваа задача ќе трае пет минути и може да се додели на брат или на сестра. Ако ѝ се додели на сестра, треба да се изнесе според упатствата за Задача бр. 2. Кога се доделува на брат и се темели на брошурата Кој ја врши Јеховината волја денес?, оваа точка треба да се изнесе како говор наменет за присутните.
7 Новитет во Задачата бр. 3 кога им се доделува на браќа: Кога точката се темели на брошурата Добра вест од Бог, треба да се изнесе како приказ во кој ќе биде опфатена ситуација од службата или од Семејната вечер посветена на Јехова. Обично надгледникот на школата ќе избере соговорник и рамка. Соговорник треба да биде член на семејството на братот што ја има задачата или некој брат од собранието. Одвреме-навреме, оваа задача може да ја има и некој старешина. Старешините може сами да си изберат соговорник и рамка. Сигурно ќе биде големо охрабрување за собранието да види како старешина делотворно поучува член на семејството или некој друг брат.
Напредувај така што ќе ги прифаќаш и ќе ги применуваш советите
8 Совет: Надгледникот на школата ќе искористи две минути после секоја задача за да даде пофалба и конструктивен совет на темел на книгата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба. Кога надгледникот на школата ја најавува задачата, нема да каже на која метода во говорништвото работи учесникот. По секоја задача, надгледникот треба да му даде на учесникот искрена пофалба, да каже на која метода во говорништвото работел и конкретно да каже во кои аспекти успешно ја применил таа метода или, пак, љубезно да објасни зошто би било корисно повторно да обрне внимание на истата метода.
9 Формуларот за совети за секој учесник е од 79. до 81. страница во книгата Школа за служба. По состанокот или во друго време, надгледникот на школата насамо ќе го праша учесникот дали ја направил вежбата од методата на која работел и ќе му напише во неговата книга соодветни белешки. Може да му даде пофалба и дополнителни практични предлози. Надгледникот треба да му посвети лично внимание на секој учесник во школата зашто на тој начин му помага духовно да напредува (1. Тим. 4:15).
10 Ако учесникот го пречекори времето, надгледникот на школата или некој задолжен од него треба дискретно да даде знак дека времето истекло, на пример со ѕвонче или со тропкање. Учесникот треба да ја доврши реченицата и да се симне од бината. (Види во книгата Школа за служба, стр. 282, пас. 4.)
11 Сите што ги исполнуваат условите ги поттикнуваме да се запишат во Теократската школа за служба. (Види во книгата Школа за служба, стр. 282, пас. 6.) Образованието што Јеховините слуги го добиваат на оваа школа ги оспособува да проповедаат и да поучуваат за добрата вест за Царството со увереност, достоинство и љубов. Јехова многу се радува кога го фалат сите што извлекуваат голема корист од ова теократско образование! (Пс. 148:12, 13; Иса. 50:4).