Упатства за надгледниците на школата
ВО СЕКОЕ собрание, еден старешина е наименуван за надгледник на Теократската школа за служба. Ако ти е тебе доверена оваа одговорност, твоето одушевување за школата и личниот интерес за напредокот на секој ученик можат да бидат значајни фактори за она што ќе го постигне школата во локални рамки.
Важен дел од твојата задача е да претседаваш на седмичната Теократската школа за служба во вашето собрание. Имај на ум дека освен учениците што имаат задачи во дадената прилика, присутни се и други. Води ја школата на таков начин што целото собрание ќе добие мотивирачки, практични потсетувања поврзани најмалку со една од целите на школата спомнати на страници 5 до 8 од овој учебник.
Покажи интерес за сите ученици, сеедно дали им се доделени задачи читање, презентации во вид на приказ или говори. Помогни им да не гледаат на она што го прават само како на доделба туку како на прилика да напредуваат во својата служба на Јехова. Напорот што тие лично го вложуваат, се разбира, е клучен фактор за нивниот напредок. Но, важно е и ти да покажеш љубезен интерес, да им помогнеш да ја разберат вредноста на точките за совет и да објасниш како да го применат тој совет. За таа цел, слушај го внимателно секој говор за да можеш да дадеш вредни коментари.
Погрижи се школата да започне и да заврши навреме. Дај добар пример на тој начин што твоите коментари ќе траат толку долго колку што е предвидено. Ако некој ученички говор го пречекори времето, ти или помошникот треба да дадете сигнал. Ученикот треба да ја доврши реченицата и да го напушти подиумот. Ако го пречекори времето некој друг дел од програмата, скрати ги сопствените коментари и, по состанокот, подискутирај за тоа со братот.
Кога си присутен, ти треба да ја водиш школата. Ако понекогаш не си во состојба да присуствуваш, за школата треба да се грижи некој друг старешина, кој е претходно назначен од старешинското тело. Ако ти е потребна помош за правење распореди, за пишување и делење ливчиња со задачите или за организирање замена за програмата, може да ти помогне некој слуга помошник доделен од старешинското тело.
Запишување ученици. Охрабри ги сите објавители да се запишат во школата. Други, кои се активно поврзани со собранието, можат да се запишат ако се сложуваат со учењата на Библијата и ако нивниот живот е во согласност со христијанските начела. Кога некој ќе изрази желба да се запише, срдечно пофали го. Ако лицето сѐ уште не е објавител, ти, како надгледник на школата, треба да подискутираш со него за барањата за запишување во школата, по можност во присуство на оној што ја води библиската студија со него (или во присуство на родител-верник). Овие барања се исти како за оној што сака да стане некрстен објавител. Се наоѓаат на страници 97 до 99 во Организирани да ја извршуваме нашата служба. Води евиденција со најнов список на сите што се запишани во школата.
Користи го формуларот за совет. Формуларот за совет за секој ученик се наоѓа во неговиот личен примерок од учебникот, на страници 79 до 81. Како што покажува ознаката во боја, секоја точка за совет од 1 до 17 може да се користи кога на ученикот му е доделена задача читање. За презентации во вид на прикази може да се користи секоја точка за совет, освен 7, 52 и 53. Советот за говори ги вклучува сите точки, освен 7, 18 и 30.
Кога ќе се додели некоја точка за совет, надгледникот на школата треба со молив да означи под „Датум кога е доделена“ во просторот предвиден веднаш до таа точка на формуларот за совет во книгата на ученикот. Откако ученикот ќе ја обработи својата задача, насамо прашај го дали ја направил вежбата(-ите) дадена на крајот од дискусијата за точката за совет. Ако да, штиклирај во квадратчето од формуларот. Ако препорачуваш да продолжи да работи на истата точка за совет, на ливчето за совет не треба да ставаш додатен знак; едноставно не потполнувај го празниот простор во „Датум кога е завршена“. Таму треба да означиш дури кога тој е спремен да премине на некоја друга точка. Освен тоа, по секој ученички говор треба да се стави датум на 82. страница од книгата на ученикот, на левата страна од рамката што била користена. На формуларот за совет и на списокот со рамки има простор што дозволува секоја од нив да се употреби по двапати. Во текот на програмата учениците треба да ги имаат своите книги со себе.
Секојпат доделувај само по една точка од советот за говор. Нормално, најдобро е точките за совет да се обработуваат според редоследот по кој се наведени. Меѓутоа, ако некои ученици покажат извонредна способност, би можел да ги охрабриш самите да проучат и применат извесни лекции. Тогаш ќе можеш со нив да работиш на оние точки за кои веруваш дека најмногу ќе придонесат за нивниот развој како делотворни говорници и учители.
Дури и ако е запишан во школата веќе со години, ученикот може да извлече голема корист од проучувањето и применувањето на секоја лекција. За да им помогнеш на учениците што имаат посебни потреби, можеш да избереш извесни говорни особини на кои ќе работат, наместо само на рутински начин да го поминуваат формуларот за совет.
Давање совет. Кога даваш совет, добро користи ги библиските примери и начела. Учениците треба да осетат дека дадениот совет и духот во кој им се дава се водени од возвишените начела на Божјата реч.
Имај на ум дека ти си ,соработник‘ на твоите браќа и сестри (2. Кор. 1:24). Како нив, и ти треба и понатаму да се посветуваш на тоа да се подобриш како говорник и учител. Лично проучувај ја книгата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба, применувај ги нејзините совети и давај им добар пример на другите да го прават истото.
Притоа имај за цел да им помагаш на учениците да станат добри читачи, способни говорници и делотворни учители. За да го постигнеш тоа, настојувај да помогнеш секаде каде што треба за учениците да разберат кои се различните говорни особини, зошто се важни и како да ги негуваат. Овој учебник е така испланиран за да ти помогне во тоа. Меѓутоа, честопати од тебе се бара повеќе отколку само да ги прочиташ зборовите во книгата. Дискутирај за идејата што ја изразуваат тие и за тоа како да ја применат.
Ако еден ученик добро обработи извесна точка, пофали го. Кратко наведи зошто било делотворно или зошто е важно она што го сторил. Ако може да извлече корист од обрнувањето понатамошно внимание на одредена работа, погрижи се да разбере зошто. Подискутирај како да го постигне тоа. Биди конкретен и, истовремено, љубезен.
Биди свесен дека на многумина им е мошне тешко да застанат пред група и да изнесат презентација. Ако некој мисли дека не бил баш успешен, можеби се прашува дали треба и понатаму да се обидува. Имитирај го Исус, кој не здробил ,згмечена трска‘ ниту угаснал „фитил што тлее“ (Мат. 12:20). Земи ја предвид емоционалната состојба на ученикот. Кога даваш совет, води се од тоа дали ученикот е релативно нов или е искусен објавител. Срдечната и вистинска пофалба може да ги зајакне луѓето да продолжат да го прават најдоброто што можат.
Со секој ученик постапувај на достоинствен начин. Римјаните 12:10 ни кажува: „Предводете во искажувањето чест еден на друг“. Каков само пригоден совет за еден советник во Теократската школа за служба! Ако е ученикот постар од тебе, внимателно примени го упатството дадено во 1. Тимотеј 5:1, 2. Меѓутоа, без оглед на староста на едно лице, ако советот да се направат извесни преиначувања се даде на еден љубезен начин, честопати поспремно се прифаќа (Посл. 25:11).
Кога даваш совет, нагласи му ја на ученикот целта на обуката. Таа цел не е само да биде доволно успешен за да биде пофален и да му се каже да продолжи на следната точка за совет. Целта не е да се биде говорник и учител кому другите ќе му се восхитуваат (Посл. 25:27). Ние имаме желба дарот на говор да го користиме за да го фалиме Јехова и да им помогнеме на другите да го запознаат и да го љубат. Целта на нашата обука е да нѐ опреми делотворно да се грижиме за делото изложено во Матеј 24:14 и во 28:19, 20. Крстените браќа што се квалификуваат можеби со текот на времето ќе бидат замолени да учествуваат во грижата за „Божјето стадо“ како јавни говорници и учители (1. Петр. 5:2, 3).
Предложи им на учениците да ја читаат дискусијата за следната точка за совет во учебникот и тоа неколку дена откако ќе им се додели. Охрабри ги она што го учат да го применат при подготовката за нивните точки во школата, во секојдневните разговори, кога коментираат на состаноците и во службата на теренот.
Доделување задачи. Обично ова треба да се направи најмалку три седмици однапред. Сите такви задачи треба да се доделат по можност во пишан облик.
Деловите што вклучуваат поучување на собранието треба да им се доделат на старешини, по можност на оние што делотворно ќе ги обработат, и на слуги помошници што се добри учители.
При одредувањето кои ученички задачи да им се доделат на браќа а кои на сестри, следи ги упатствата дадени во распоредот за школата. Ако има малку браќа, но многу сестри што држат ученички говори, внимавај да им овозможиш на браќата доволно прилики да држат говори што вклучуваат повеќе отколку само читање.
Размислувај за околностите на поединците кога ги доделуваш задачите. Дали треба на некој старешина или слуга помошник да му се додели да зборува на школата истата вечер кога има учество во Состанокот за служба или истата седмица кога има јавно предавање во собранието? Дали на некоја сестра треба да ѝ се додели презентација истата вечер кога има учество и едно од нејзините мали деца, на кое можеби таа ќе треба да му помогне? Особено кога се работи за дете или за студент што не е крстен, дали темата е соодветна? Провери дали задачата одговара на точката за совет на која работи ученикот.
За задачите што им се даваат на сестрите, обично ученичката сама ќе си избере рамка во согласност со упатствата дадени на страници 78 и 82. Треба да се додели помошничка, но може да се употреби и уште една. Ако ученичката побара помошничка која особено добро ќе ѝ одговара за да прикаже извесна рамка, треба да се покаже обѕир кон тоа барање.
Додатни класови. Ако се запишани повеќе од 50 ученици, можеби ќе сакаш да размислиш за користење на додатни локации за учениците да ги изнесуваат точките. Според локалните потреби, оваа подготовка може да се користи за сите ученички презентации или барем за последните две.
Секој додатен клас треба да има квалификуван советник, по можност старешина. Таму каде што е потребно, може да послужи добро квалификуван слуга помошник. Старешинското тело треба да даде одобрување за овие советници. Тесно соработувај со нив за да може делотворно да се проследи напредокот на учениците без разлика на локацијата на нивната следна презентација.
Посебни класови за читање. Ако старешинското тело дојде до заклучок дека на извесен број поединци од собранието им е потребно подучување за основно читање на јазикот на кој се зборува во собранието, можете да направите подготовки за тоа во поврзаност со Теократската школа за служба. Ова подучување може да вклучува основни вештини за описменување, или целта може да биде да се подобри читањето.
Таквите класови не мора да се водат во исто време кога се одржуваат ученичките задачи во Теократската школа за служба. За да се даде достатна помош, можеби ќе биде потребно повеќе време отколку што е возможно во текот на школата. Локалните старешини можат да одлучат што е потребно и кога да се даде таквото подучување. Според потребите, можат да се направат подготовки за подучување во група или во стилот еден ученик—еден учител.
Потребен е квалификуван учител. По можност, таа задача треба да му се даде на брат што е добар читач и што добро го познава јазикот. Ако нема на располагање брат, старешините можат да замолат за помош некоја способна, примерна сестра. Таа треба да носи покривало на главата кога го подучува класот (1. Кор. 11:3-10; 1. Тим. 2:11, 12).
На многу јазици е достапна брошурата Посвети се на читањето и пишувањето. Таа е наменета за да се научат основните вештини за описменување. Може да се користи и друг материјал за подучување, зависно од тоа колкава е способноста на читање на оние што се запишани. Кога учениците доволно напредувале, треба да бидат охрабрени да учествуваат во програмата на редовната Теократската школа за служба.
Како надгледник на Теократската школа за служба, ти можеш да му бидеш од голема корист на собранието. Добро подготвувај се и, во согласност со советот во Римјаните 12:6-8, грижи се за твојата задача како за нешто скапоцено што ти е доверено од Бог.