Како ни користи Теократската школа за служба
1 Јеховиниот народ има посебна чест да биде поучуван од Бог (Иса. 54:13; Јован 6:45). Меѓутоа, колкава корист ќе извлечеме од тоа, многу зависи од трудот што го вложуваме. Можеш ли да процениш колку позитивно влијае Теократската школа за служба врз твојата духовност?
2 Позитивни коментари: Многу надгледници на Школата забележале дека темелното проучување на говорничките вештини ја подобрило делотворноста на собранијата во службата на подрачјето. Освен тоа, еден надгледник на Школата заклучил дека, како резултат на тоа што сега присутните можат да коментираат за врвните точки од Библијата, повеќето од нив се придржуваат кон распоредот за читање на Библијата. Во врска со задачата бр. 2, многу браќа кажаа колкава корист имаат од тоа што се сосредоточуваат само на материјалот за читање, без да подготвуваат вовед и заклучок. Оние што ја добиваат оваа задача сега обрнуваат поголемо внимание на подобрувањето на своите вештини за читање (1. Тим. 4:13).
3 Сите можат да извлечат корист: Коментирањето на состаноците може да претставува радост (Посл. 15:23). Тоа што однапред ги добиваме прашањата за усно повторување ни помага лесно да се подготвиме и со задоволство да учествуваме во него. Покрај тоа, почнувајќи со изданието од 1 јануари 2004, во Стражарска кула излегуваат врвни точки од библиските книги кои ги читаме според распоредот што ни е даден за Теократската школа за служба. Овие статии им помогнале на мнозина да даваат изградувачки коментари додека се изнесуваат врвните точки од Библијата.
4 Сите што се запишани во Школата ја имаат извонредната можност да подготвуваат и да изнесуваат говори. Сите можеме да извлечеме корист од позитивните коментари што надгледникот на Школата ги дава од говорницата. Одредени учесници можат дополнително да извлечат корист од советите што надгледникот ќе им ги даде приватно по состанокот. Можат да помогнат и вежбите поврзани со говорничките вештини, кои се наоѓаат на крајот од секое поглавје од книгата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба.
5 Во својот учебник Школа за служба забележи си ги сите практични и библиски мисли што ќе ти го привлечат вниманието за време на Школата, а и после тоа. Размислувај за наученото и за начинот на којшто овој аспект на поуката што ја добиваме од Бог ја подобрува твојата духовност.