Набљудување на светот
Зборување за светски мир
Регионалните војни кои некогаш играле значајна улога во Студената војна изгледа дека завршија, според Yearbook 1997 на Стокхолмскиот истражувачки институт за меѓународен мир. Во 1989, последната година на Студената војна, имаше 36 „поголеми вооружени судири“. Бројот падна на 27 во 1996 и сите, освен еден — конфликтот помеѓу Индија и Пакистан, беа внатрешни, граѓански војни. Освен тоа, како што е одмерено според бројот на смртни случаи, повеќето од овие конфликти покажаа опаѓање во интензитетот или продолжија во помал обем. „Ниту една друга генерација не била толку близу до светски мир“, заклучи The Star, весник од Јужна Африка. Списанието Time вели: „Американската доминација . . . му даде на светот пакс американа, една ера на меѓународен мир и спокојство невидени во овој век, ретко видени во човечката историја“.
Будистички водач советува да се бара вистината
„Тврдоглавоста не е добра“ кога станува збор за религијата, вели Ешин Ватанабе, врховниот свештеник и водач на една од јапонските најстари будистички секти. Запрашан дали тој мисли дека лојалноста кон верувањата е добра а тврдоглавите верувања се лоши, Mainichi Daily News го цитираше неговото објаснување: „Треба длабоко да размислите за тоа дали Вашите верувања се исправни или погрешни. Важно е да го разгледате и нивниот однос со другите верувања. Треба да размислите и за тоа дали тие ја претставуваат вистината или не. Мораме повторно да ги разгледаме овие работи“. Ватанабе ја води тендаи сектата на будизмот, која била доведена во Јапонија од Кина пред 1.200 години.
Необично пријателство
Долго време научниците се чуделе на односот помеѓу мравките и африканските багремови дрвја. Дрвјата им обезбедуваат храна и засолниште на мравките. За возврат, мравките ги напаѓаат инсектите кои нанесуваат штета на дрвјата и ги каснуваат животните кои ги брстат лисјата. Изгледа дека преживувањето на дрвјата зависи од оваа заштита. Но, на дрвјата им требаат и инсектите кои летаат за да ги опрашуваат нивните цветови. Со оглед на ова, на кој начин инсектите кои опрашуваат добиваат шанса да ја извршат својата задача? Според научното списание Nature, кога дрвјата се „на врвот на својата цветна плодност“, тие испуштаат една хемикалија која изгледа ги одвраќа мравките. Ова им допушта на инсектите да ги посетат цветовите во „пресудниот момент“. Потоа, откако цветовите ќе бидат опрашени, мравките се враќаат на својата чуварска должност.
Природен антисептик
Некои луѓе инстинктивно ги лижат своите рани кога ќе се исечат, како што прават животните. Интересно е што истражувачите во болницата Св. Вартоломеј во Лондон откриле дека плунката, всушност, е природен антисептик. Како што е известено во весникот The Independent, фармаколозите замолиле 14 доброволци да ги лизнат обете страни од рацете и откриле дека нивоата на азотен оксид на кожата значително се зголемиле. Азотниот оксид, една силна хемикалија која може да ги убие микробите, се создава кога нитритот што е присутен во плунката ќе дојде во контакт со киселата површина на кожата. Реакцијата е потпомогната од уште една хемикалија, аскорбатот, која исто така се наоѓа во плунката.
Лед во древниот Египет
„Иако древните Египќани немале вештачко разладување, тие можеле да произведат лед преку еден природен феномен кој настанува во сувите, умерени клими“, забележува The Countyline, еден весник од Брајан (Охајо). Како го правеле тоа? „Некаде околу залезот на Сонцето, Египќанките ставале вода во плитки глинени послужавници на еден сламен кревет. Брзото испарување на површината на водата и на влажните ѕидови на послужавникот, комбинирано со ноќниот пад на температурата, ја замрзнувало водата — иако температурата на околината никогаш не паднала близу точката на замрзнување.“
Добар стаорец?
„Муабетите за повеќето стаорци се лоши“, изјавува The Wall Street Journal. „Тие се неверни бродски сопатници, жители на купиштата ѓубре — па дури и кандидати за владина служба.“ Но, се појавува Стаорка, еден лабораториски стаорец кој ѝ припаѓа на биофизичарката Џуди Ривс. Стаорка помогнала да се провлечат илјадници метри компјутерска жица во училиштата за да можат да се инсталираат компјутерски мрежи. „Стегнувајќи ја жицата во своите заби, Стаорка се провира меѓу гредите и каналите во ѕидовите, под подовите и низ таванските плочи“, објаснува Journal. „Таа се наведува кон излезот со звуци од потчукнување и со чинија вкусна храна за мачки. Кога ќе се појави, жицата што ја влече се користи за да ја провлече компјутерската жица низ нејзината кривулеста патека.“ Стаорка стана нешто славно и има рубрика и „своја“ песна на Интернет. Ако се случи да умре, „ќе истренираме друг стаорец“, вели д-р Ривс. „На крајот на краиштата, таа е само еден стаорец.“