Враќањето на лондонскиот Глоб
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
ГЛОБ, театарот кој бил дом на драмите на Вилијам Шекспир, беше реконструиран во близина на неговата претходна локација во Саутворк, на јужниот брег на лондонската река Темза. На темел на оригиналот од 1599, оваа зграда со 20 страни во форма на буквата О е врвна туристичка атракција.
Пред појавата на лондонските театри, еден популарен облик на забава било дразнењето мечки или бикови. Кучињата, раздразнети од гледачите кои врескале, го измачувале животното кое со синџири било врзано за колец. Ова се случувало во кружни арени со седишта во редови, кои се претходници на театарот. Животните биле врзани со јаже во центарот, кој подоцна станал театарска бина.
Драмите станале популарни, и така низ Лондон се појавувале нови театри. Секојдневно ги посетувале илјадници луѓе. Градоначалниците се обиделе да ги забранат претставите под изговор дека биле богохулни и безбожни. Работодавачите се жалеле дека работниците излегуваат од работа заради нив, бидејќи претставите започнувале во два часот попладне. Но, дошла поддршка од кралицата Елизабета I, која била покровител на театарот. Нејзиниот Кралски совет ги зел под свое покровителство за да останат на располагање искусни актери кои ќе ја забавуваат. Шекспировата дружина била земана за кралските претстави на дворот почесто од која и да е друга.
Шекспир ја напишал Хенри V истата година кога бил отворен првобитниот Глоб. Затоа било логично со неа да се отвори првата сезона од овој нов шекспирски театар.
Во новиот Глоб
Пред да влеземе на тричасовната претстава, фрламе поглед кон облаците и се надеваме дека нема да врне, бидејќи чадорите се забранети, а централниот дел е на отворено небо. Бината навлегува во еден круг кој е широк 30 метри и околу кој има три реда седишта кои сместуваат приближно 1.000 луѓе. Но, ние сме меѓу оние 500 од партерот кои плаќаат за да стојат и да ја гледаат претставата во средишниот дел. Првобитниот театар собирал 3.000 тесно збиени посетители. Но, современите стандарди за безбедност го забрануваат тоа.
Покривот над просторот за седење е хемиски изработен за да биде огноотпорен. Огноотпорната плоча и системот за прскање даваат дополнителна заштита. Оригиналниот Глоб бил уништен во 1613, кога една искра од топот кој стоел на сцената го запалила покривот.
На оние од партерот им е дозволено да се движат наваму-натаму, па дури и да се потпираат на работ од бината. Пред 400 години, бунтовните мноштва јаделе и пиеле за време на претставите и честопати меѓу нив избувнувале тепачки. Строго критични, тие ја прекинувале претставата кога сакале, свиркајќи или ракоплескајќи. Тие биле „прилепени во толпи“, како што ги опишал еден писател од тоа време, нарекувајќи ги „смрдливци“.
Главната структура на современиот Глоб е изработена од дабово дрво. Околу шест илјади конусни дабови клинци ги спојуваат продупчените зглобови. Лесно можело да се дојде до даб откако еден ураган откорнал илјадници дрвја во октомври 1987. Најтешко било да се пронајде парче греда долго 13 метри кое го образува предниот дел од платнениот покрив на бината. После многу барање, на околу 150 километри западно од Лондон било пронајдено едно погодно дрво високо преку 20 метри.
Платнениот покрив го држат мермерни столбови, или барем така изгледа. Но, не е така, и тие се направени од дрво, исто како оние во првобитниот Глоб кој, како што се изразил еден љубител, биле „исфарбани со толку извонредна имитација на мермер што може да го измами дури и највештиот занаетчија“.
Седиштата досега се полни. Некои од приземјето се собираат околу бината додека други се наслонуваат на дрвените ѕидови на арената. Жагорот замира штом музиката го исполнува воздухот. Во една галерија над бината, шест музичари во средновековна облека свират на инструменти од времето на Шекспир: труби, рогови и удирачки инструменти.
Претставата
Кога музиката ќе достигне крешендо, актерите се појавуваат и енергично удираат со своите стапови врз бината според тактот на музиката. Оние од партерот се придружуваат, тапкајќи со нозете. Трескањето драматично престанува. Во сцената нѐ воведува еден актер со краток пролог. Сите се во напнато исчекување. Одеднаш, две личности во црвени наметки се појавуваат на бината — надбискупот од Кантербери и бискупот од Или. Претставата започнува и, во текот на изведбата, дволичноста на Црквата и нејзините интриги со англискиот крал Хенри V на крајот ќе кулминираат во поразот на Франција на натопените со крв полиња на Агинкорт.
Наскоро се подига кралскиот престол и го гледаме кралот Хенри како разговара со тројца свои дворјани. Додека дворските службеници се местат на бината, продолжуваме да се восхитуваме на автентичноста на нивните средновековни костими. Сепак, меѓу актерите има нешто чудно што не можеме да го сфатиме. Проверуваме во нашата програма. Да, така е, сите изведувачи се мажи! Жените не учествувале во елизабетанската драма. Како што коментира општествениот историчар Џ. М. Тревелјан, момчињата биле „строго обучувани уште од детството да ги преземат улогите на жените достоинствено, весело и вешто“. Тие го направија тоа денес.
Аплаузот заврши и ние си заминуваме. Се свртуваме за да го погледнеме Глоб за последен пат, неговиот златен сламен покрив, ист како неговите дабови греди, кој се претопува во нежни нијанси на сиво. Беше необично доживување да се вратиш околу 400 години наназад.
Потоа ја разгледуваме Шекспировата изложба во Глоб. Со името Шекспир се сретнуваме на секој чекор. Додека размислуваме за изложените работи, се задлабочуваме во прашањето: ‚Кој навистина бил драмскиот писател Вилијам Шекспир?‘ Загатката на Вилијам Шекспир ќе биде тема на некоја статија во едно од следните изданија на Разбудете се!
[Слика на страница 13]
Цртеж на првобитниот Глоб
[Извор на слика]
Од книгата The Comprehensive History of England, том II
[Слики на страница 14]
Денешниот Глоб
[Извори на слики]
John Tramper
Richard Kalina