ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g99 8/1 стр. 20-22
  • Загатката Вилијам Шекспир

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Загатката Вилијам Шекспир
  • Разбудете се! 1999
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Основни проблеми
  • Дали бил учен човек?
  • Книги и манускрипти
  • Во Лондон — и кон славата
  • Кандидати
  • Враќањето на лондонскиот Глоб
    Разбудете се! 1998
  • Во чии ветувања можеш да имаш доверба?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Да ѝ се верува или не?
    Разбудете се! 2007
  • Кој ти ја крои судбината?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
Повеќе
Разбудете се! 1999
g99 8/1 стр. 20-22

Загатката Вилијам Шекспир

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА

ВИЛИЈАМ ШЕКСПИР обично е прогласуван за најистакнат драмски писател во историјата. The New Encyclopædia Britannica наведува дека „многумина го сметаат за најголем драматург на сите времиња. Неговите драми . . . денес се изведуваат почесто и во повеќе земји во споредба со драмите на кој и да е друг драмски писател“. Преведени се на повеќе од 70 јазици.

Во врска со авторството на голем дел од делата кои му се припишуваат нему, The World Book Encyclopedia вели: „Ниту еден важен шекспиролог не се сомнева во тоа дека Шекспир ги напишал драмите и поемите“. Меѓутоа, некои го оспоруваат тоа. Зошто?

Роден во Стратфорд на Ејвон во 1564, Шекспир умрел таму после 52 години, во 1616. За него се напишани безброј книги — многу од нив после години стрпливо истражување — во обид да се реши едно основно, интригантно прашање: ‚Дали Вилијам Шекспир ги напишал литературните дела кои го носат неговото име?‘

Основни проблеми

Шекспировите драми покажуваат едно извонредно богатство на световно искуство. На пример, тој имал познавање од правните науки и впечатливо го користел правниот јазик и правните преседани. Во 1860, во Medical Knowledge of Shakespeare, сер Џон Бакнил покажал дека Шекспир имал длабоки познавања од областа на медицината. Истото може да се рече и за неговото познавање на ловот, соколарството и другите спортови, како и етиката на царскиот двор. Според Шекспировиот историчар Џон Мишел, тој бил „писател кој знаел сѐ“.

Во Шекспировите драми пет пати се спомнуваат бродоломи, а начинот на кој се применети морнарските термини покажува дека писателот бил искусен поморец. Дали Шекспир патувал во туѓина? Дали бил присилен на морнарска служба? Дали имал учество во поразот на шпанската армада во 1588? И едното и другото би било потврда за авторството на Шекспир, но не може да се даде никаков доказ кој ќе го поткрепи тоа. Слична е ситуацијата и со неговото познавање на воените вештини и говорот на војниците од пешадијата.

Во неговите дела има многу цитати од Библијата. Можеби ги научил од мајка му, но не постои доказ дека таа била писмена. Неговото познавање на Библијата води до прашањето во врска со образованието на Шекспир.

Дали бил учен човек?

Татко му на Вилијам, Џон, изработувал ракавици, тргувал со волна и веројатно бил месар. Тој бил почитуван граѓанин, иако неписмен. Не постојат списоци на учениците од основното училиште во Стратфорд, но повеќето авторитети денес сметаат дека Шекспир го посетувал. Со години подоцна, пријателот на Вилијам, драмскиот писател Бен Џонсон, му припишал „малку латински, а уште помалку грчки“, што може да укажува на тоа дека образованието на Вилијам било сосема мало.

Сепак, писателот на драмите имал солидно познавање на грчките и римските класици, како и на француската, италијанската и шпанската литература — а можеби и јазици. Тој имал и обемен речник. Еден добро образован граѓанин денес ретко користи во конверзација повеќе од околу 4.000 зборови. Џон Милтон, англиски поет од 17 век, употребил околу 8.000 зборови во своите дела. Но, еден авторитет му припишува на Шекспир речник од цели 21.000 зборови.

Книги и манускрипти

Сите работи што му припаѓале на Шекспир внимателно се наведени во неговиот тестамент од три страници, во кој воопшто не се спомнати книги или манускрипти. Дали ѝ биле оставени на Сузана, неговата постара ќерка? Ако е така, тие сигурно би биле поделени меѓу нејзините потомци. Заинтересиран за оваа мистерија, еден свештеник од 18 век ги проверил сите приватни библиотеки во радиус од 50-тина километри од Стратфорд на Ејвон и не пронашол ниту една книга која му припаѓала на Шекспир.

Манускриптите од драмите создаваат еден уште поголем проблем — не е познат ниеден оригинал кој преживеал. Триесет и шест драми биле објавени во првото фолио издание во 1623, седум години после смртта на Шекспир. Во текот на неговиот живот се појавиле многу неавторизирани изданија, но сепак Шекспир, кој бил вешт бизнисмен, не презел правна постапка за да го спречи нивното објавување.

Во Лондон — и кон славата

Дружините на патувачките актери биле типични за елизабетанските времиња, а некои се нашле и во Стратфорд на Ејвон во 1587. Доколку Шекспир им се придружил, тој би бил во Лондон есента таа година. Познато е дека станал член на лондонската водечка театарска дружина, Луѓето на лорд Чемберлејн, подоцна позната како Луѓето на кралот. Од времето кога дошол во престолнината, неговите околности се измениле. Во текот на годините тој се здобил со поседи во Лондон и во Стратфорд на Ејвон. Но, не постои јасен извештај за тоа што правел од 1583 до 1592 — битните „години кои недостасуваат“.

Театарот Глоб е изграден во Саутворк во 1599. Пред тоа драмите кои го носеле името на Шекспир биле прочуени во Лондон, но сепак тој никогаш не станал познат како нивен автор. Кога умрел, немало голем погреб, како што имало за други драмски писатели, како што биле Бен Џонсон и Френсис Бомонт, обајцата погребани со голема церемонија во лондонската Вестминстерска опатија.

Кандидати

Дали името Шекспир се користело за да се прикрие името на вистинскиот автор или, пак, автори? Дадени се преку 60 можности. Во нив спаѓаат драмскиот писател Кристофер Марлоуa и такви неочекувани имиња како што се кардиналот Вулзи, сер Валтер Рели, па дури и кралицата Елизабета I. Според теоретичарите, кој од нив најмногу доаѓа предвид?

Првиот кандидат е Франсис Бекон, кој стекнал образование на универзитетот во Кембриџ. Три години постар од Шекспир, тој станал истакнат правник и службеник на царскиот двор и во негова надлежност биле многу литературни дела. Теоријата која му ги припишува на Бекон Шекспировите дела најнапред била изнесена во 1769, но била игнорирана речиси 80 години. Во 1885 било оформено Здружението Бекон со цел да се унапредува оваа кауза, во чиј прилог биле изнесени многу факти. На пример, Бекон живеел 20-тина километри северно од Лондон во близината на Св. Албанс, гратче кое се спомнува 15 пати во делата на Шекспир — додека родниот град на Шекспир, Стратфорд на Ејвон, никогаш не е спомнат.

Роџер Манерс, петтиот гроф од Ратленд, и Вилијам Стенли, шестиот гроф од Дерби, имаат свои приврзаници. Тие биле добро образовани и имале обемно искуство во дворскиот живот. Но, зошто секој од нив би го криел своето дело? Професор П. С. Порохофшикоф, залагајќи се за Ратленд, во 1939 рекол: „Неговите први состави биле печатени анонимно, а другите под псевдоним едноставно затоа што не било во ред еден благородник да пишува за обичните театри“.

Некои велат дека Шекспировите драми биле дело на една група писатели, при што секој ја вложил својата вештина. Од друга страна, пак, како вешт актер, дали Шекспир ги уредил и ги подготвил драмите на другите за бината? За него се вели дека никогаш ‚не бришел ниту еден ред‘ од своите манускрипти. Ова би можело да биде точно доколку тој ги уредувал, со минимални преиначувања, текстовите на другите драмски писатели кои му биле доставени.

Која е една од најистакните причини зошто некои се сомневаат дека Шекспир бил авторот? The World Book Encyclopedia забележува дека луѓето „одбивале да веруваат дека еден актер од Стратфорд на Ејвон би можел да ги напише. Обичното селско потекло на Шекспир не се вклопувало во нивната слика за генијот кој ги напишал драмите“. Таа додава дека речиси сите други кои биле предложени како автори „биле членови на благородништвото или на повисоката класа“. Така, многумина кои се сомневаат дека Шекспир бил автор мислат дека „само еден образован, просветен човек со висока општествена положба би можел да ги напише тие драми“. Но, како што веќе беше забележано во оваа статија, многу авторитети за Шекспир сметаат дека писателот бил Шекспир.

Дали оваа контроверзија ќе се реши наскоро? Веројатно не. Ако на површина не излезат нови докази во облик на оригинални манускрипти или факти за да се пополнат годините кои недостасуваат, тогаш Вилијам Шекспир, „овој врвен вербален гениј“, ќе остане фасцинантна загатка.

[Фуснота]

a Влијанието на Кристофер Марлоу е очигледно во првите драми на Шекспир, но тој умрел во Лондон во 1593 на возраст од 29 години. Некои тврделе дека неговото наводно убиство во една кафанска тепачка било само прикривање и дека тој отишол во Италија, каде што продолжил да пишува. Не постои запис за неговиот погреб или закоп.

[Рамка на страница 22]

Писменоста и името

Можно е Вилијам Шекспир да се потпишал шест пати на четири документи кои преживеале. Неговото име е само делумно читливо, а правописот е недоследен. Некои авторитети укажуваат дека можеби адвокатите го потпишале тестаментот на Шекспир во негово име, што според некои го покренува осетливото прашање: ‚Дали Вилијам Шекспир бил писмен?‘ Не постојат манускрипти кои ги напишал тој. Ќерка му Сузана можела да се потпише, но нема доказ дека можела да напише и нешто повеќе. Другата ќерка на Шекспир, Џудит, која била блиска со татко ѝ, се потпишувала со знак. Таа била неписмена. Никој не знае зошто Шекспир не се погрижил неговите деца да уживаат во скапоцените користи на литературата.

[Слики на страница 21]

Рани портрети на Шекспир, иако не е сигурно како изгледал

[Извори на слики]

Encyclopædia Britannica/11. издание (1911)

Culver Pictures

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели