Колку се заинтересирани за религијата младите луѓе?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФРАНЦИЈА
ЗА ОНИЕ 750.000 млади во публиката, тоа требаше да биде еуфорична вечер. Тие мафтаа со знамиња, пееја и аплаудираа. Ласери и огномети оставаа траги низ воздухот, а музичарите го возбудуваа мноштвото. Атмосферата личеше на „гигантска импровизирана дискотека“. Конечно, во придружба на ласкави извици, на подиумот се појави човекот што го чекаа.
Дали тоа беше почеток на светска турнеја на некоја рок група? Не. Тоа беше масовен религиозен митинг во Париз за време на католичкиот Светски ден на младите, а човекот не беше никој друг туку папата Јован Павле II!
За некои луѓе интересот на младите за религиозни прослави како оваа може да изгледа чуден. Но сега медиумите зборуваат за едно заживување на религијата меѓу нив.
Надворешен изглед
На прв поглед, религијата можеби изгледа како да е во прилично добра форма. Околу 68 проценти од младите Европејци велат дека припаѓаат на некоја религија. Во Ирска оваа цифра е поголема од 90 проценти. Во Ерменија, една поранешна советска република во која многумина порано ја сметаа религијата како остаток од некоја мината ера, еден свештеник рекол дека некогаш напуштените цркви сега се полни: „Воодушевен сум од привлечноста што ја има религијата за помладата генерација“.
Во многу земји медиумите нашироко ја објавувале вклученоста на младите во култовите и во харизматските групи. Религиозните прослави, како онаа што е спомната на почетокот, се популарни. Но, што се случува кога ќе погледнеме под површината?
Поглед одблизу
Еден поглед одблизу открива дека во 1967, 81 процент од младите Французи верувале во Бог, но во 1997 тој процент се намалил на помалку од половина. Во Европа како целина, само 28 проценти од младите веруваат во Бог кој е личност. Затоа, не изненадува тоа што само 12 проценти од младите Европејци се молат често. Како ова се одразува врз начинот на кој младите гледаат на религијата?
Во Данска, 90 проценти од младите велат дека ѝ припаѓаат на националната црква. Само 3 проценти се претставуваат како активни членови. Во 1997 една анкета од La Croix, католички весник во Франција, покажала дека 70 проценти од младите Французи признаваат дека религијата не игра некоја голема улога во нивниот живот. Три четвртини од нив ставаат поголем нагласок врз личното искуство отколку врз учењето на религијата. Истото е случај и во повеќето други европски земји.
Зошто младите се одвраќаат од црквите? За повеќето од нив, главните религии не влеваат доверба. Во Франција, на пример, повеќето млади мислат дека религијата е разединувачки фактор во светот. Освен тоа, не е невообичаено да се најдат млади кои мислат исто како и 15-годишната Худит, католичка од Шпанија. Таа рекла: „Не се сложувам со она што го вели црквата за моралот“. Слично на тоа, 20-годишниот Јосиф од Тајван смета дека религијата е „премногу традиционална“. Но, ако повеќето млади не се сложуваат со учењата на нивната религија, тогаш во што веруваат тие?
Религија според мени
Денес е вообичаено младите да ги избираат религиозните верувања како што би избрале оброк од менито. Едно списание го нарекло тоа религиозно „практикување според мени“. Едно католичко списание го нарекло „религиозно пазарење по излози“. Идеите кои некогаш почнаа да стануват старомодни, сега се вообичаена појава. Така, околу 33 проценти од младите во Европа веруваат во амајлии кои носат среќа, 40 проценти веруваат дека гатачите можат да ја предвидат иднината, а 27 проценти веруваат дека ѕвездите влијаат врз животот на луѓето. Идеите како што е реинкарнацијата сега се дел од верувањата на многу млади Европејци.
Разноликоста на религиозните верувања е таква што младите луѓе можат да си изберат идеи кои одговараат на нивниот вкус. Малкумина веруваат дека само една религија ја поседува вистината. Бидејќи младите избираат произволно, разликата меѓу нивните религиозни верувања станува сѐ послаба. Затоа, социолозите сега зборуваат за „прогресивно бришење“ или „општо подривање“ на формалните верувања. Во една ваква духовна клима, како реагираат традиционалните религии?
Религијата во потрага по млади
За религиите е предизвик да ги привлечат младите. Еден француски свештеник ги запрашал мноштвата кои присуствувале на прославата на католичкиот Светски ден на младите во Париз: „Од каде доаѓаат овие млади? Во моите цркви нема млади. Никогаш не ги гледам“. Во својата потрага да го привлече и да го задржи вниманието на младината, Католичката црква треба да ја промени својата презентација и својот изглед.
„Црквата го менува својот стил!“ објавил францускиот весник Le Figaro. За 12-тата прослава на Светскиот ден на младите во Париз, во грижата за презентацијата црквата ангажираше агенции кои повеќе се користат за организирање рок концерти. Беа изведени повеќе од 300 претстави за да ги забавуваат младите кои дојдоа од преку 100 земји, а за свештенството беше направена посебно дизајнирана облека.
Без да бидат во допир со младите денес и чувствувајќи потреба да се прилагодат, многу религии стануваат сеприфатливи вери. Одразувајќи ја ваквата политика, Мишел Дибо, свештеникот кој ја организирал прославата на Светскиот ден на младите во Париз, рекол: „Се разбира, би сакал сите што се крстени да му бидат верни на Христос. Но, дури и ако не се, тие си имаат свое место во црквата“.
Младите во потрага по одговори
Истакнувајќи дека потрагата на младите по одговори е сосема реална, еден весник го објаснил присуството на младите на религиозната прослава во Париз како „повик за вера наместо повик од вера“. Дали Католичката црква одговори на таквиот повик?
Кога ќе го одвиткате целофанот или ќе погледнете низ она што еден католички весник го нарекува „оптичка мамка“ на големи религиозни прослави, што останува? Францускиот весник Le Monde коментирал дека под површината има „недостиг на вистинска содржина“.
Иако презентацијата е важна, јадењето треба да биде хранливо. Прашањата на младите за смислата на животот бараат духовно хранливи одговори. Привлечните, но празни одговори кои им се сервирани не ги задоволуваат младите.
Лишени од вистинско значење, дали таквите настани во религијата имаат некакво трајно влијание врз младите денес? Францускиот социолог Даниел Хервиу-Леже забележала: „Овие спектакуларни операции имаат мали шанси да прераснат во трајни влијанија во општеството“. Тогаш, каде можат младите да најдат задоволувачки одговори на нивните прашања?
Задоволувачки одговори
Во 1997, во француското списание Le Point излезе статија за тешкотиите со кои се соочуваат младите. Освен прашањата за значењето на животот кои се вообичаени за повеќето млади, младите треба да се справуваат со криминал и насилство. Можно ли е да се надмине тоа? Статијата во списанието објаснила: „На возраст од 30 години, Дејвид бил загрижен поради данокот што алкохолот, дрогата и насилството го земале од неговото тело. Јеховините сведоци затропале на неговата врата со одговор на неговите надежи дека ќе се очисти. Тој проучувал и се преобратил. Ги отплатил коцкарските долгови и им ја надоместил штетата на сите оние кои не ни знаеле дека ги мамел на покер. Повеќе не пуши, не пие ниту се тепа“.
Во врска со другите млади кои ја проучувале Библијата со Јеховините сведоци, статијата продолжила: „Тие ги пронајдоа одговорите на сите свои прашања“. Еден млад Сведок едноставно го изразил тоа: „Библијата ја кажува вистината веќе две илјади години. Затоа, зошто да барам водство на некое друго место?“
Божјата Реч содржи порака за младите. Нејзиниот практичен совет им помага да се справат со денешните проблеми и им дава цврста основа да веруваат во една иднина на мир и братство. Во еден свет кој постојано се менува, надежта што ја дава Библијата е „за нашата душа цврст и сигурен ленгер“ кој обезбедува стабилност и поткрепа (Евреите 6:19). Стотици илјади млади пронашле вистинска смисла во нивните животи преку лична библиска студија со Јеховините сведоци. Самите виделе како Библијата предизвикува промени кои не се само површни. Прифаќајќи ги библиските одговори, младите откриваат дека нивната потрага по вистинска вера е наградена.
[Слика на страница 12]
Религиозната прослава привлекува илјадници млади во Париз
[Слика на страница 13]
Светскиот ден на младите во Париз — вистинско заживување на религијата?