Какви проблеми имаат младите?
Што мислиш? Дали проблемите на денешните млади се потешки за разлика од порано? Ако одговориш дека не се, можеби си мислиш дека младите денес се најсреќната генерација во целата човечка историја.
Во многу земји, медицината ги контролира болестите што порано им го уништувале здравјето и животот на младите. Постарите генерации не можеле ни да сонуваат за техничката опрема со која располагаат денешните млади. Благодарение на економскиот развој, милиони семејства успеале да се спасат од сиромаштијата. Родителите напорно работат за да им овозможат на своите деца подобри услови и образование кои самите ги немале.
Без сомнение, младите денеска се во голема предност. Но истовремено, тие се соочуваат со проблеми како никогаш досега. Една причина е тоа што живееме во период кој Библијата го нарекува „свршетокот на овој поредок“ (Матеј 24:3). Исус Христос прорекол дека ова ќе биде време на огромни превирања во општеството (Матеј 24:7, 8). Библијата го нарекува овој период и „последните денови“, опишувајќи ги сегашните општествени услови како „особено тешки“ (2. Тимотеј 3:1). Да разгледаме само неколку „особено тешки“ проблеми со кои се соочуваат младите денес.
Проблем бр. 1
Изолираност
Филмовите, емисиите и списанијата ги прикажуваат младите постојано опкружени со своите другари со кои пораснале и со кои остануваат блиски и како возрасни. Меѓутоа, за повеќето тинејџери реалноста е сосема поинаква.
Анализирајќи ги интервјуата на илјадници млади во САД, истражувачите Барбара Шнајдер и Дејвид Стивенсон дошле до заклучок дека „релативно мал број ученици останале блиски со најдобриот другар од детството или со еден потесен круг на пријатели“. Многу млади „не се дружељубиви и имаат малку блиски пријатели со кои би можеле слободно да разговараат за своите проблеми или идеи“, велат Шнајдер и Стивенсон.
Но, дури и да имаат пријатели, изгледа дека немаат доволно време за да се дружат со нив. Едно обемно истражување во САД покажа дека повеќето тинејџери поминуваат околу 10 отсто од своето време со пријателите, но дека 20 отсто од времето се сами — повеќе отколку што се со семејството или со пријателите. Сами јадат, сами патуваат, сами се забавуваат.
Сѐ поголемата достапност на електронските направи го поттикнува ваквиот тренд. На пример, во 2006 год., списанието Time извести дека младите од Америка на возраст помеѓу 8 и 18 години поминуваат просечно по 6 и пол часа пред телевизорот, со слушалки на ушите и со џојстикот или со тастатурата в раце.a
Се разбира, денешните млади не се првата генерација што со часови слуша музика или игра некакви игри (Матеј 11:16, 17). Но, долгото време поминато со електронските „играчки“ наместо со семејството може да биде многу штетно. Истражувачите Шнајдер и Стивенсон велат: „Изјавите на младите покажуваат дека тие имаат помала самопочит, помалку се среќни, помалку уживаат во она што го прават и се чувствуваат помлитави кога се сами“.
Проблем бр. 2
Притисок да се има секс
Не само тинејџерите туку и децата на предтинејџерска возраст се под силен притисок да имаат полови односи. Едно момче од Австралија по име Натан вели: „Повеќето соученици што ги знам ја изгубија својата невиност на возраст помеѓу 12 и 15 години“. Младата Винбеј од Мексико вели дека е вообичаено младите од нејзиното училиште да се впуштаат во слободен секс. „Оние што немаат секс ги сметаат за чудни“, вели таа. Ана (15) од Бразил, вели: „Слободниот секс е толку раширен меѓу моите врсници што не е доволно само еднаш да речеш ‚не‘. Постојано мора да одбиваш понуди“.
Некои истражувачи од Велика Британија спроведоа анкета во која беа вклучени околу илјада млади со различно потекло на возраст од 12 до 19 години. Тие открија дека речиси 50 отсто од младите се сексуално активни. Повеќе од 20 отсто од овие млади имале само 12 години! Д-р Дилан Грифитс, кој го надгледуваше ова истражување, вели: „Младите се жртви на недостигот на ограничувања кои порано ги наметнуваа семејството, црквата и други институции“.
Дали навистина може да се каже дека младите кои експериментираат со сексот се „жртви“? Во еден извештај од 2003 год., истражувачите Ректор, Нојс и Џонсон тврдат дека сексуалната активност на тинејџерите е директно поврзана со депресијата и обидите за самоубиство. Тие анализирале интервјуа со 6.500 тинејџери, и дошле до заклучок дека „кај девојките кои се сексуално активни постои трипати поголема веројатност да паднат во депресија отколку кај оние што не се“. Што се однесува до момчињата, „кај оние што се сексуално активни постои повеќе од двојно поголема веројатност да паднат во депресија отколку кај оние што не се“.
Проблем бр. 3
Распад на семејствата
Младите во САД се сведоци на брзи промени во структурата на семејствата и во вредностите. „Во последниве неколку децении, дојде до неколку крупни демографски промени кои имаа директно влијание врз животот на тинејџерите“, стои во книгата Амбициозна генерација — тинејџерите во Америка, мотивирани, но без водство (The Ambitious Generation—America’s Teenagers, Motivated but Directionless). „Бројот на членови во едно просечно американско семејство постојано се намалува, што значи дека тинејџерите најверојатно ќе имаат помалку браќа и сестри. Освен тоа, стапката на разводи и понатаму расте, и затоа сѐ повеќе деца поминуваат дел од своето детство со само еден родител. А, бидејќи сѐ повеќе мајки на деца помали од 18 години одат на работа, многу е помала веројатноста дома да има некој возрасен.“
Сеедно дали живеат со еден или со двајца родители, многу деца се чувствуваат отуѓени од нив токму тогаш кога најмногу им требаат. Едно истражување, во кое со години беа испитувани 7.000 тинејџери, откри дека повеќето од нив се чувствуваат сакани и прифатени од своите родители. Сепак, „само една третина се произнесоа дека добиле посебно внимание и помош кога имале некаков проблем“. Во извештајот понатаму стои: „Повеќето тинејџери сметаат дека, токму кога имаат најмногу проблеми, нивните родители не преземаат ништо за да им помогнат“.
Некогаш цврстите семејни врски во Јапонија ослабуваат поради желбата за материјален напредок. Јуко Каваниши, професор по социологија, вели: „Повеќето родители на денешните тинејџери се родиле по војната, кога наталитетот бил особено зголемен, и растеле во период кога се наметнувале нови вредности кои го нагласуваат економскиот успех и материјалната добивка“. Какви вредности им пренесуваат тие на своите деца? „Многу родители денес настојуваат нивните деца да стекнат високо образование“, вели проф. Каваниши. „Сѐ додека нивните деца учат“, продолжува таа, „сѐ друго добива второстепено значење или станува сосема неважно.“
Како влијае врз младите ваквиот претеран нагласок на материјалниот успех и високото образование? Во јапонските медиуми честопати се употребува изразот кире́ру, кој укажува на реакцијата на младите кои не можат да се контролираат поради огромниот притисок да станат успешни. „Причината зошто некои деца се однесуваат како да го изгубиле разумот може да биде тоа што нивното семејство им дозволува да прават што сакаат“, вели проф. Каваниши.
Причина за оптимизам
Нема никакво сомнение дека живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Библијата прорекува дека на луѓето од овој период ќе им биде многу тешко, но не останува само на тоа.
Таа нуди и практични совети што можат да им помогнат на младите да водат поквалитетен начин на живот. Авторот на Библијата, Јехова Бог, има голема желба да им помогне на младите да се справат со проблемите (Изреки 2:1-6). Тој сака да им биде убаво. Неговата Реч може да „им даде на неискусните остроумност, а на младиот човек знаење и способност за расудување“ (Изреки 1:4). Да видиме како библиските начела можат да ти помогнат.
[Фуснота]
a Во Јапонија е толку вообичаено младите да се изолираат во својата соба што за нив постои и посебен назив — хикикомори́. Некои проценуваат дека во оваа земја има 500.000 - 1.000.000 хикикомори́.
[Истакната мисла на страница 5]
Според едно истражување, кај девојките кои се сексуално активни постои трипати поголема веројатност да паднат во депресија отколку кај оние што не се
[Рамка/слика на страница 6]
Штетни навики
Според еден владин извештај од 2006 год., во Британија бројот на зависници од кокаин на возраст меѓу 11 и 15 години двојно се зголемил за само една година. Околу 65.000 млади лица изјавиле дека пробале ваква дрога. Во Холандија, повеќе од 20 отсто од младите на возраст помеѓу 16 и 24 години се зависници од алкохол или имаат некакво заболување како последица од таквата зависност.
Многу млади ја изразуваат својата емоционална болка на уште подиректен начин — тие се сечат, се гризат или се горат по телото. „Се проценува дека три милиони Американци се повредуваат себеси и дека кај еден од секои 200 тинејџери ваквата навика станува хронична“, велат истражувачите Лен Остин и Џули Кортум.
[Слика на страница 3]
Многу млади немаат пријатели на кои би можеле да им се доверат.