Помош за денешните млади
МЛАДИТЕ денес растат во свет кој понекогаш може да изгледа застрашувачки. Некои од нив беспомошно гледаат како нивните родители се разделуваат или се разведуваат. Други, пак, гледаат како нивните школски другари подлегнуваат на замката на дрогата и криминалот. Мнозина се соочуваат со притисок од врсниците од обата пола да се впуштат во секс. И речиси сите адолесценти одвреме-навреме минуваат низ периоди кога се чувствуваат како никој да не ги сфаќа, кога се осамени и потиштени.
Што може да им помогне на младите да излезат на крај со проблемите со кои се соочуваат? „На децата им требаат цврсти морални вредности“, пишува д-р Роберт Шо, „кои ќе им дадат стабилност и ќе им помогнат да изберат вистински пријатели, да донесуваат исправни одлуки и да сочувствуваат со другите.“ Библијата ги дава најдобрите морални вредности, зашто таа ги содржи мислите на Творецот. Кој може да знае подобро од Јехова Бог што ни треба за да се справиме со тешките времиња во кои живееме?
Реалистичен, практичен водич
Начелата од Библијата се реалистични и практични. Тие се од непроценлива вредност за родителите и за сите возрасни што сакаат да им помогнат на младите успешно да го поминат патот до зрелоста.
На пример, Библијата реалистично кажува дека „глупоста се прилепува до срцето на детето“, или како што стои во преводот Today’s English Version, „децата по природа прават неразумни, лекомислени работи“ (Пословици 22:15). Некои тинејџери изгледаат зрели за своите години, но сепак се неискусни млади луѓе. Поради тоа, лесно можат да се препуштат на грижите, желбите и мачните чувства што се дел од растењето (2. Тимотеј 2:22). Како да им се помогне на тие млади?
Библијата ги поттикнува родителите и децата редовно да комуницираат. Таа им вели на родителите: „Зборувај им за [Божјите мерила] кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш“ (Второзаконие 6:6, 7). Таквите разговори се корисни од две причини. Прво, со нив младите се поучуваат да одат по патот што Бог им го покажува (Исаија 48:17, 18). Второ, им помагаат на родителите и на децата слободно да си ги кажуваат работите. Ова е особено важно додека младите минуваат низ периодот на адолесценција, период кога може да станат повлечени и осамени.
Се разбира, повеќето адолесценти одвреме-навреме минуваат низ периоди кога се чувствуваат осамено. Меѓутоа, некои стануваат хронично осамени. „Овие деца велат дека им е тешко да најдат пријатели на училиште, дека немаат со кого да разговараат, дека се осамени, дека другите не ги сакаат и дека немаат никој на кого би можеле да му се обратат кога им треба помош“, се вели во една книга што зборува за адолесценцијата.a
Родителите и другите грижливи возрасни лица можат да им покажат на младите дека се заинтересирани за нив и да им помогнат да ги пребродат проблемите. Како? „Единствениот начин да дознаете што им се врти низ главата на тинејџерите е да ги прашате“, пишува уредничката на едно списание за тинејџери. Очигледно, треба време и стрпливост за да им се помогне на младите да кажат што ги мачи. Но, вреди да се вложи тој напор зашто резултатите се добри (Пословици 20:5).
Потребни се разумни ограничувања
Освен комуникација, на младите им требаат — а длабоко во себе и сакаат — разумни ограничувања. Библијата вели дека „разузданото дете [момче, оставено без грижа, ПСП] ја срами својата мајка“ (Пословици 29:15). Стручњаците сметаат дека причина за малолетничката деликвенција може да биде и тоа што не се поставуваат јасни ограничувања. „Ако се задоволува секоја желба на детето и ако тоа никогаш не го чуе зборот ‚не‘ или ако не му се постават никакви граници“, вели Шо, кој беше цитиран претходно, „детето никогаш нема да има прилика да научи дека и другите си имаат свој живот, дека и тие имаат чувства, потреби и желби. Детето не ќе знае да сака, ако не научи да сочувствува.“
Д-р Стентон Семеноу, кој долги години работи со проблематични тинејџери, вели нешто слично. „Некои родители сметаат дека децата треба да се остават да си тераат по свое“, пишува тој. „Тие наивно мислат дека со тоа што ќе му наметнуваат ограничувања или барања премногу ќе го оптоварат своето дете и ќе му го одземат детството. Но, ако не постават ограничувања, може да дојде до катастрофални последици. Тие родители не сфаќаат дека на детето кое не добива речиси никаква стега, може да му биде тешко да развие самодисциплина.“
Дали ова значи дека родителите едноставно мораат да бидат строги? Во никој случај. Поставувањето ограничувања е само еден аспект од успешното подигање деца. Ако се отиде во крајност, поставувањето крути правила може да создаде напната атмосфера во домот. Библијата вели: „Вие татковци, не раздразнувајте ги своите деца за да не станат малодушни“ (Колошаните 3:21; Ефешаните 6:4).
Затоа, родителите треба одвреме-навреме да ги преиспитаат своите методи на поучување и воспитување, особено кога нивните деца ќе пораснат малку и ќе почнат да покажуваат знаци на зрелост. Можеби некои правила и ограничувања ќе можат да се ублажат или да се сменат во склад со способноста на детето да се однесува одговорно (Филипјаните 4:5).
Да се изградат врските
Како што беше истакнато во претходната статија, Библијата претскажува дека пред Бог да преземе акција за да ја исчисти злобата од светот, светот ќе се соочи со „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“. Доказите покажуваат дека ние живееме токму во тоа време — „последните денови“ на овој безбожен систем. Како и возрасните, и младите мораат да се борат за да живеат во овој свет кој е полн со луѓе што се „себељубиви . . , без природна наклоност . . , без самосовладување“ (2. Тимотеј 3:1-5).b
Родителите кои сметаат дека ја изгубиле близината со својот син или ќерка што е адолесцент можат да преземат чекори со кои преку комуникација, малку по малку, ќе ја обноват врската. Пофално е тоа што многу родители вистински се трудат позитивно да влијаат и да бидат дел од животот на своите деца.
Во овој поглед, од најголема помош е Библијата. Таа им помогнала на многу родители да ја исполнат својата одговорност и им помогнала на младите да избегнат опасни стапици (Второзаконие 6:6-9; Псалм 119:9). Бидејќи Библијата е дело на Творецот, Јехова Бог, можеме да бидеме сигурни дека во неа се наоѓа најдобрата помош за денешните млади.c
[Фусноти]
a Во истата книга се вели дека за разлика од тинејџерите што само одвреме-навреме се чувствуваат осамени, кај хронично осамените тинејџери периодите на осаменост се јавуваат многу често и траат долго. Тие „сметаат дека не можат да сменат ништо во врска со тоа што немаат пријатели, дека не можат да го контролираат тоа и дека немаат пријатели затоа што нешто им фали“. Сметаат и дека ситуацијата „не може и нема да се смени“.
b Видете го 11. поглавје од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Јеховините сведоци.
c Јеховините сведоци увиделе дека од голема помош е книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, која се темели на Библијата. Во сите 39 поглавја се разработени интересни прашања. Некои од насловите се: „Како можам да стекнам вистински пријатели?“, „Како можам да излезам на крај со притисокот од врсниците?“, „Како можам да се ослободам од осаменоста?“, „Дали сум спремен да се состанувам?“, „Зошто да ѝ речам не на дрогата?“, „Што е со предбрачниот секс?“
[Слика на страница 10]
Разговарај за она што те мачи со некој возрасен што се грижи за тебе