Младите во криза
◼ Во Соединетите Држави, еден 15-годишен ученик почнува да пука во своите школски другари при што убива двајца и ранува тринаесетмина ученици.
◼ Во Русија, една група пијани тинејџери брутално убива едно деветгодишно девојче и ги претепува татко ѝ и братучед ѝ.
◼ Во Британија, еден 17-годишен тинејџер претепува и избодува со нож еден друг тинејџер. „Отпрвин немав намера да го убијам“, им кажал тој на полицајците, „но кога ја видов крвта, не можев да сопрам.“
ВАКВИТЕ шокантни случаи не се единствени. Не можеме да ги сметаме само за нешто необично. „Насилството меѓу младите е главен проблем во нашето општество“, се вели во една статија во списанието Professional School Counseling. И статистиката го потврдува ова.
Американскиот државен центар за статистика во образованието вели дека во земјата се известува за мал пад во поглед на насилството во училиштата. Сепак, „во 2001 година во училиштата имало околу 2 милиони случаи на насилство или кражба извршени врз ученици на возраст од 12 до 18 години, при што немало ниеден смртен случај“. Исто така, се известува дека има сѐ повеќе случаи на малтретирање во училиштата.
Но, младите во Соединетите Држави не ги напаѓаат само другите ученици. „Во период од 5 години, од 1997 до 2001 година“, се вели во истиот извештај, „наставниците биле жртви на речиси 1,3 милиони случаи на насилство при кои немало смртен случај во училиштата. Меѓу тие случаи имало 817.000 кражби и 473.000 случаи на насилство.“ Освен тоа, „9 проценти од сите наставници во основните и средните училишта добивале закани од страна на учениците, а 4 проценти биле физички нападнати“.
Каква е ситуацијата во другите земји? „Во 2003 година, во Кина се уапсени 69.780 малолетни деликвенти“, известува една новинска агенција, „што е пораст за 12,7 проценти во однос на 2002 година.“ Извештаите покажуваат дека „70 проценти од малолетничката деликвенција се должи на кривичните дела извршени од припадниците на бандите“. Еден извештај од Јапонија од 2003 година вели нешто слично — дека младите се одговорни за половина од кривичните дела извршени во последните десет години.
Дрогата — напад врз младите тела
Штетата што голем број млади луѓе си ја нанесуваат врз самите себе е уште еден показател дека се во криза. Во еден извештај на Американскиот национален институт за дрога се вели дека околу половина од сите тинејџери во САД пробале дрога пред да завршат средно училиште. Извештајот продолжува: „Алкохолот и понатаму е многу раширен меѓу денешните тинејџери. Речиси четворица од пет ученици (77%) пијат алкохол (не само неколку голтки) пред да завршат средно училиште; а речиси половина (46%) пијат уште пред да завршат 8. одделение“.
Слободен секс
Нема сомнение дека, во оваа ера на СИДА, слободниот секс е многу опасен. Сепак, изгледа дека голем број млади сексот го сметаат само како една безопасна игра. На пример, некои млади Американци мошне лежерно велат дека „се смувале“ со некого, што всушност е поблаг израз за слободен секс. Зборуваат за тоа дека е добро да се има „пријател за уживање“ — партнер за секс без никакви обврски.
Писателот Скот Валтер ги опишува забавите, што некои млади од предградијата ги организираат кога нивните родители не се дома, како еден вид оргии. На една таква забава, една девојка изјавила дека „ќе спие со секој дечко таму . . . На таквите забави има и 12-годишни деца“.
Доста шокантно, зарем не? Но стручњаците кои ја испитуваат сексуалната активност на тинејџерите воопшто не се изненадени. „Во текот на последниве 20 години“, пишува д-р Андреа Пенингтон, „просечната возраст на која тинејџерите стануваат сексуално активни е сѐ помала. Веќе не е ни најмалку необично 12-годишни момчиња и девојки да бидат сексуално активни.“
Особено вознемирувачки е извештајот објавен во весникот USA Today во кој се вели: „Во земјава, сѐ поголем број млади тинејџери . . . се впуштаат во орален секс . . . Децата се уверени дека ‚тоа не е вистински секс‘“. Според една анкета во која беа вклучени 10.000 девојки, „осумдесет проценти рекле дека се девици, но 25% имале орален секс. А 27% го опишале тој чин како ‚нешто што го правиш со некој дечко за забава‘“.
Вакви гледишта за сексот се раширени насекаде во светот. „На младите во Азија им се заканува сѐ поголема опасност да се заразат од ХИВ преку хетеросексуални врски зашто многу од нив стануваат сексуално активни на рана возраст“, известува УНЕСКО и понатаму вели: „Тинејџерите сѐ повеќе ги отфрлаат ‚азиските вредности‘ на своите родители така што се впуштаат во предбрачен секс, а и често ги менуваат партнерите.“
Има ли и други знаци дека младите се соочуваат со проблеми? Канадскиот неделник Women’s Health Weekly известува: „Дваесет и пет проценти од девојките на возраст помеѓу 16 и 19 години доживуваат периоди на тешка депресија“. Но, депресијата е болест што ги напаѓа обата пола. Според U.S.News & World Report, секоја година се самоубиваат дури пет илјади млади луѓе. Од некоја причина, како што се вели во извештајот, „се самоубиваат шестпати повеќе момчиња отколку девојки“.
Без сомнение, денешната генерација на млади луѓе е во голема криза. Што е причината за тоа?
[Извор на слика на страница 3]
STR/AFP/Getty Images