Двете лица на една катастрофа
Од дописникот на Разбудете се! во Мексико
ГОДОФРЕДО и Гизела, брачна двојка кои се Јеховини сведоци, заедно со своите мали деца биле во својот дом направен од асфалтирани плочи кога ураганот Полин го погодил крајбрежјето на Оаксака (Мексико). Една по една плочите биле разнесени. Конечно, кога останал само еден дел од конструкцијата, семејството останало потполно без засолниште.
Со осуммесечното бебе во рацете на Гизела и другите три деца кои се држеле за неа и за Годофредо, тие се бореле со силните ветришта повеќе од два часа. Повремено силата на ураганот ќе ги соборела и ќе ги тркалала по подот. На крајот, сите преживеале.
Во Акапулко, кога една жена Јеховин сведок по име Нели видела како во куќата влегува вода, ги разбудила сите домашни. Нивото на водата се накачувало неверојатно брзо, а силата на струјата ја влечела Нели надолу, но ќерка ѝ ја извлекла надвор. Се фатиле за решетката од прозорецот и беспомошно гледале како водата се накачува до висината на вратот. Тогаш чуле глас на некој човек кој ги викал. Тоа бил нивниот сосед; им помогнал да излезат и ги одвел кај себе дома. Оттаму со ужас гледале како еден автомобил потполно ја смачкал куќата во која се наоѓале пред само неколку минути.
Во средата попладне, на 8 октомври 1997, ураганот Полин го разнел крајбрежјето на државата Оаксака со ветрови од преку 200 километри на час. Потоа, во четвртокот на 9 октомври, во раните утрински часови ураганот опустошувал низ државата Гереро, особено во градот Акапулко, кревајќи бранови високи 10 метри и предизвикувајќи поплави кои збришувале куќи, автомобили, животни и луѓе. Кога бурата стивнала, онаму каде што биле улиците имало ендеци подлабоки од 10 метри. Според весникот The News, Црвениот крст на Мексико дал вкупна проценка од најмалку 400 мртви и 20.000 до 25.000 бездомни во две држави. Сепак, среде оваа катастрофа имаше некои трогателни изрази на христијанска љубов.
Јеховиниот народ реагира
Штом се расчуја вестите за ураганот Полин, канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Мексико почна да добива повици од Сведоци во државата кои сакаа да дознаат што можат да сторат за да помогнат. Беше понудена помош и од земјите преку океанот. Наскоро беше оформен одбор за помош и се дистрибуираа тони храна, облека и други работи.
Исто така беа купени и градежни материјали и веднаш се започна со работа за да се поправат 360 куќи и неколку Сали на Царството кои беа оштетени или уништени. Илјадници христијански браќа и сестри беа вработени во давање донации, класифицирање, пакување, транспортирање и испорачување помош или во поправање на штетата.
Некои продавачи толку биле импресионирани од активноста на Сведоците што љубезно приложувале храна, градежни материјали и друго. Други, пак, им продавале некои работи по пониска цена. Сведоците кои настрадаа беа длабоко трогнати од љубовта што им беше покажана, особено кога ги читаа охрабрувачките писма кои беа ставени заедно со другата помош.
За жал, Хозе Фаустино — еден 18-годишен Сведок — и уште тројца луѓе кои ја проучуваа Библијата со Сведоците, загинаа во ураганот. Нивните роднини, особено родителите на Хозе, ги ценеа молитвите упатени за нив и охрабрувањето што им го даде собранието.
Некои позитивни резултати
После ураганот Полин, многу луѓе побараа библиска студија, вклучувајќи ги и роднините на Сведоците кои не беа верници, а многу од соседите беа поспремни да ги слушаат Сведоците со нивната порака на надеж. Исто така, Сведоците учествуваа во општата дистрибуција на храна за помош. Во еден случај, кога еден Сведок запрашал некој човек зошто ги избрал Јеховините сведоци за да ја дистрибуираат храната што ја приложила неговата компанија, човекот одговорил: „Затоа што знам дека вие сте организирани и чесни. Освен тоа, вие навистина знаете кому му е најпотребна оваа помош бидејќи ги познавате луѓето на вашето подрачје“.
Додека се приближува крајот и ширум светот се случуваат сѐ повеќе и повеќе катастрофи, секогаш е охрабрувачки да се видат на дело библиските начела, дури и наспроти неволја.
[Слика на страница 28]
Младите помагаат во обновувањето
[Слика на страница 29]
Сведоците градат нова Сала на Царството во Оаксака после ураганот Полин