Работи кои ураганот Ендрју не можеше да ги уништи
НЕ СЕ сите урагани исти.a Некои се само јаки ветрови кои носат силни дождови и откорнуваат дрвја. А има и урагани како Ендрју во Јужна Флорида (24. август 1992) и Луизијана (26. август 1992), ураганот Иники на Кауај на Хаваите (12. септември 1992) и тајфунот Омар на Гуам (28. август 1992).
Тие урагани предизвикаа пустош кој достигнал милијарди долари. На Флорида загинаа десетици луѓе, а илјадници семејства останаа без домови. Претставниците на осигурителното трчкаа наоколу по уништените домови, барајќи ги сопствениците и пишувајќи чекови за надомест на штетите.
Еден извештај од Одборот за помош на Јеховините сведоци од Форт Лаудердејл наведе дека 518 од 1.033 домови на Јеховините сведоци во тој регион можеле да се поправат. Општо земено, тоа би значело дека најмалку 50 отсто од сите домови кои му се нашле на патот на Ендрју биле уништени. После тоа, среќниците во чии куќи сѐ уште можело да се живее, се обидувале да го исушат мебелот и завесите и да ја исчистат белата тиња која се создала кога дождовниот порој, кој навлегол преку оштетените покриви, ги урнал таваните. На многу луѓе им било многу тешко да ги гледаат остатоците од своите домови. Можеби најлошо поминаа оние кои живееја во помалку цврстите подвижни куќи или приколки.
Ураганот Ендрју никого не поштеди
Една таква двојка биле Леонард и Тери Кифер. Кога отишле повторно да ја видат својата подвижна куќа во Флорида Сити, морале да се легитимираат на еден воен контролен пункт за да влезат таму. Она што го виделе бил камп на подвижни куќи кој изгледал како да е погоден со стотици високо експлозивни бомби — без остатоци од кратери. Дрвјата биле откорнати. Деформирани алуминиумски лимови кои порано биле ѕидови и кровови на домовите, сега биле завиткани околу дрвјата и виселе на гранките како гротескни празнични украси. Електричните жици насекаде биле прекинати, дрвените бандери биле искршени како чкорчиња од кибрит. Колите биле испревртени и разбиени.
Боб ван Дајк, чиј нов дом бил прогласен за неподобен за живеење, ја опиша сцената во својата куќа: „Таванот тресна долу и испокрши и извитка сѐ, а нас нѐ преплаши на смрт“.
Лични предмети, играчки, облека, фотографии, книги лежеа наоколу како жалосни потсетители на животот пред тоа. Една осамена црна мачка бесцелно шеташе низ урнатините. Збунето зјапаше во Киферови. Малечки гуштерчиња трчкаа преку предметите кои претходно биле нечие драгоцено сопствеништво. Смрдеата од расипана храна, истурена од фрижидерите се ширеше во воздухот. Каде и да се свртиш, гледаш слики на насилно уништување — сето тоа предизвикано од ветрови, силни ветрови со налет од преку 260 километри на час.
Срцето им се кинеше на сопствениците и станарите на тие домови. После многу години на подигање семејства и заеднички живот во сопствените гнезда, се вратиле после бурата за да најдат сѐ разбиено и растурено. Киферови спасиле некои од своите предмети во една поранешна посета, но за нив едноставно било премногу да пребаруваат по преостанатите работи. Меѓутоа, беа благодарни што уште се живи и што се во состојба да му служат на Бог.
Ураганот Ендрју ништо не поштеди. Трговски центри, фабрики и стоковни куќи — сето тоа стана цел на нападот на природата. Градежните прописи на слабиот човек не можеа да го положат испитот.
Најдоброто и најлошото во човекот
Кога се организираа различни групи за помош, почна во Флорида да доаѓа помош од сите делови на земјата. Водечкото тело на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк) веднаш реагираше и наименува одбор за помош кој координираше од конгресната сала во Форт Лаудердејл. Тоа исто така одреди доста голема сума пари за купување на материјали, храна и предмети за итни случаи. Како резултат на тоа, Сведоците беа меѓу првите кои реагираа на ситуацијата и почнаа да бараат доброволци. Всушност, многумина дојдоа и без да бидат повикани.
Пристигнаа работници Сведоци од Калифорнија, Северна Каролина, Орегон, од државата Вашингтон, Пенсилванија, Мисури и многу други места. Еден одбор за регионално градење од Вирџинија, кој обично гради Царски сали, испрати група од 18 Сведоци за поправање на кровови. Им требаше 18 часа возење за да стигнат во Флорида. Работниците кои сакаа да помогнат зедоа годишни или неплатени одмори и возеа стотици, па дури и илјадници километри низ земјата за да стигнат до другите Сведоци кои беа во неволја.
Од непроценлива помош беше групата која дојде од подрачјето на Чарлстон (Јужна Каролина). Тие веќе имаа искуство со ураганот Хуго во 1989. Знаеја што може да се очекува и набргу организираа средства за помош, вклучувајќи електрични генератори и градежни материјали. За две седмици, доброволните екипи исушиле околу 800 домови и поправиле многу кровови.
Многу сопружници и соседи кои не се Сведоци имаа корист од помошта што ја понудија екипите на Сведоците кои поправаа. Рон Кларк од Западен Хомстед изјави: „Сопружниците кои не се верници навистина беа импресионирани од сето ова. Плачеа совладани од она што Сведоците го сторија за нив“. За еден сопруг кој не е верник, Рон Кларк додал: „Тој е одушевен — Сведоците се сега таму и му го монтираат кровот“.
Еден друг Сведок раскажа за неговите соседи кои не биле Сведоци, а кои ги наѕирал секоја вечер. Велеле дека се добро. На петиот ден, сопругата не издржала веќе и се расплакала. „Немаме повеќе пелени за бебето. Скоро сме без бебешка храна. Немаме ни доволно храна и вода“. На сопругот му биле потребни 20 литри бензин, но не можел да добие никаде. Истиот ден Сведокот им донесол сѐ што им било потребно од складиштетото за помош во Царската сала. Сопругата плачела од благодарност. Сопругот дал прилог за делото на помагање.
Важна улога одиграле собраниските старешини и слугите помошници кои во различните обновени Царски сали во кризното подрачје заедно работеле за организирање на помошта. Неуморно работеле да ги пронајдат сите Сведоци и да ги одредат нивните потреби. За разлика од тоа, цитиран е еден воздухопловен офицер кој кажува за напорите за помош во една друга област: „Сите шефови само сакаат да бидат наредбодавци, а никој не сака да се зафати и да ги врши валканите работи“.
Несреќите можат да го покажат најдоброто и најлошото во луѓето. Пример за второво беше крадењето. Едно семејство Сведоци одлучило да го зачуваат барем својот фрижидер и машината за перење за да се користат во центарот за помош во месната Царска сала. Отишле во салата по камион. Додека се вратиле, крадците веќе ги украле двете работи!
Еден очевидец извести: „Додека возевме по опустошените улици, видовме домови со знаци на предупредување за крадците да се чуваат подалеку. Некои од знаците гласеле: ‚Крадците мораат да умрат‘, и ‚Крадците ќе бидат стрелани‘. Друг гласел: ‚Погодени двајца крадци. Еден мртов‘. Продавниците и трговските центри беа ограбени“. Според зборовите на еден наредник на 82-та воздухопловна дивизија, луѓето фатиле и линчувале најмалку еден крадец.
Многумина биле уапсени. Изгледа дека во секоја несреќа криминалните елементи се подготвени да се нафрлат како мршојадци. Па дури и таканаречените обични луѓе се наведуваат на крадење. Религијата, етиката и моралот како да се забораваат пред искушението да се добие нешто без пари.
Разбудете се! беше известен дека во почетокот наоружани крадци на неколку војници им ги украле дури и празните пушки. Некои војници велеле дека на центарот за помош во Царската сала гледаат како на оаза во пустина „бидејќи“, како што рекле, „вие не носите пушки“.
„Не седи и не тагувај“
Што научиле Јеховините сведоци од нивните искуства со природните несреќи? Дека е добро колку што е можно побрзо да се обноват духовните активности. Ед Рамзи, надгледник во Хомстед, за Разбудете се! изјави дека две Царски сали во една зграда биле спремни за состаноци во средата по ураганот што се случи во понеделникот. Бил уништен голем дел од кровот, таваните паднале и навлегла вода. Доброволците брзо работеле за Царските сали повторно да ги доведат во состојба за состаноци и да ги користат како командни станици за управување со работата за помош во тоа опустошено подрачје. Биле подигнати кујни каде што можеле да се хранат жртвите и помошните работници.
Фермин Пастрана, старешина од шпанското собрание во Принстон, извести дека во неговото собрание седум семејства од 80 Сведоци потполно ги загубиле своите домови. Кое решение им го предложил на другите Сведоци? „Жалете ако треба да жалите, но не седете и не тагувајте. Активирајте се и помагајте им на другите и, колку што можете, одете во служба на проповедање. Не пропуштајте ги христијанските состаноци. Решавајте го она што може да се реши, но не вознемирувајте се за она што не може да се реши“. Како резултат на тоа, Сведоците набргу пак проповедале и разнесувале кутии за помош од куќа до куќа. Ендрју не ја разнел нивната ревност.
,Следниот пат ќе се евакуираме!‘
Шерон Кастро, 37-годишна жена од Катлер Риџ, за Разбудете се! го раскажа своето доживување: „Татко ми одлучи да не се евакуираме. Бидејќи последниот ураган не го погоди брегот на Флорида мислеше дека и Ендрју нема да го погоди. Не сакаше ниту прозорците да ги закове со штици. За среќа, дојде брат ми и инсистираше да ги покриеме прозорците со фурнир. Тоа несомнено ни го спаси животот. Прозорците би биле скршени, а ние би биле испосечени на парчиња.
Околу 4:30 изутрината снема струја. Звуците надвор беа ужасни. Како звук на огромен железнички воз. Дрвјата пукаа, а зградите крцкаа и се кршеа. Подоцна дознавме дека застрашувачкото чкрипење било звукот на долгите клинови од нашиот кров кои се разлабавувале. Собата на таванот беше разнесена, и беше уништена една третина од кровот. На крајот, ние 12-мина, вклучувајќи ја мајка ми инвалид и баба ми со 90 години, моравме да се засолниме во една соба во средината која беше без прозорци. Бевме сигурни дека ќе умреме“.
Што научила од тоа искуство? „Следниот пат кога ќе ни кажат да се евакуираме, ќе се евакуираме — без размислување. Ќе обраќаме внимание на предупредувањата. Научив и да делам и да живеам со многу малку. А знам дека не е лошо да се плаче, да се жали, но дека мора да се прифати реалноста“.
Реакциите на печатот
Дури и средствата за јавно информирање забележаа колку добро Сведоците беа организирани. Во Savannah Evening Press стоеше насловот „Јеховините сведоци се добредојдени во Јужна Флорида“, а The Miami Herald објави: „Сведоците се грижат за своите — и за другите“. Во него стоеше: „Оваа седмица никој во Хомстед не им ги тресна вратите на Јеховините сведоци — доколку уште имаат врати за трескање. Околу 3.000 Сведоци доброволци од целата земја се состанаа на местото на несреќата, прво за да им помогнат на своите, а потоа и на другите. . . . Секоја воена организација би можела да им завиди на прецизноста, дисциплината и ефиксноста“.
Сведоците се навикнати да организираат потфати за масовна исхрана на нивните собири и конгреси. Понатаму, имаат организирано стотици регионални градежни одбори по целиот свет за градење на Царски сали и големи конгресни сали. Затоа, имаат обучена човечка сила која е подготвена да реагира за само неколку часа.
Меѓутоа, постои уште еден фактор — нивниот став. Истиот извештај продолжува: „Нема бирократија. Не постои борба на личности заради докажување. Наместо тоа, работниците изгледаат многу весели и соработуваат без разлика колку им е жешко, колку се валкани или уморни“. Како било објаснето тоа? Еден Сведок одговорил: „Тоа доаѓа од односот со Бог кој нѐ мотивира да ја покажуваме нашата љубов спрема другите“. И тоа е она што Ендрју не можеше да го одземе — христијанската љубов на Сведоците (Јован 13:34, 35).
Интересна е споредбата дека Сведоците научиле од дрвјата. Еден очевидец ја изразил на следниов начин: „Додека патував наоколу, не можев а да не забележам дека стотици големи дрвја се откорнати и превртени на земјата. Зошто? Имале голем отпор на ветрот поради нивната крошна, а имале раширен но плиток коренски систем. Од друга страна, повеќето тенки палми останале простум. Се свиткале на ветрот, некои ги изгубиле лисјата, но повеќето останале зацврстени во земјата“.
Сведоците имаа длабоки корења на вера во Божјата Реч и беа флексибилни во нивните реакции. Предметите и домовите за нив не беа сѐ што имаа. Беа радосни што останаа живи и што можеа и понатаму да му служат на Јехова и покрај несреќата. Една од работите кои Ендрју не им ги одзеде беше животот.
Како било помогнато?
Пиварската компанија Анхојзер Буш подари еден камионски товар пивка вода. Кога пристигнале, возачот ги прашал службениците каде да ја однесе водата. Му кажале дека единствените кои имале нешто организирано биле Сведоците. Всушност, за една седмица после ударот на Ендрју, околу 70 камиони со приколки со залихи стигнале во Конгресната сала на Јеховини сведоци во Форт Лаудердејл.
Еден доброволец од таму известува: „Така ние добивме цел камион со пивка вода. Веднаш ја вклучивме во другите прехранбени артикли кои ги испраќавме до дистрибуционите центри во Царските сали. Браќата тоа го поделија со соседите во таа област кои се наоѓаа во оскудица“. Една компанија за хартија од државата Вашингтон подари 250.000 хартиени чинии!
Во почетокот, градските власти испраќаа во Царските сали доброволци кои не се Сведоци и велеа: ‚Тие се единствените кои се организирани како што треба‘. На крајот се вмеша војската и почна да поставува помошни центри за вода и храна и шаторски градови.
Првобитниот центар за распределување на артиклите на Сведоците од одборот за помош беше поставен во Конгресната сала во Форт Лаудердејл, која се наоѓа 60 километри северно од главната зона на несреќата околу Хомстед. За да се намали товарот на работата, беше воспоставен главен центар за распределба на артиклите во Конгресната сала Плент Сити близу Орландо, околу 400 километри северозападно од кризната зона. Повеќето материјали за помош беа однесени таму за сортирање и пакување. Одборот секојдневно ги нарачуваше своите потреби од Плент Сити, а се користеа огромни камиони со приколки на петчасовниот пат до Форт Лаудердејл.
Од Лаудердејл се обезбедуваше храна, материјали, вода, генератори и други потреби до три Царски сали кои биле поправени во центарот на кризното подрачје. Таму способни Сведоци организирале екипи за градење и чистење за да ги посетат стотиците домови на кои им била потребна помош. Биле отворени и кујни и редови за хранење на подрачјето на Царската сала и бил добредојден секој на кого му требало помош. Дури и некои од војниците јаделе, а подоцна ги виделе како ставаат прилог во кутиите за прилози.
Додека мажите ги поправале куќите, некои од жените готвеле јадења. Други ги посетувале луѓето кои можеле да ги најдат за со нив да го споделат библиското објаснение за природните несреќи и за да дадат кутии со помош на оние кои биле во оскудица. Една од нив била Тереза Переда. Нејзиниот дом бил оштетен, а прозорците на автомобилот биле разбиени — но, сепак колата била натоварена со подготвени кутии за помош за нејзините соседи. Нејзиниот сопруг, Лазаро, работел на една од Царските сали (Проповедник 9:11; Лука 21:11, 25).
За многумина од бездомниците, се нашло алтернативно сместување во домовите на Сведоците кои Ендрју не ги допрел. Други престојувале во приколки позајмени или подарени за таа намена. Некои се преселиле во шаторските градови поставени од војската. Други едноставно ги отпишале своите домови и се преселиле кај пријатели и роднини во други делови на земјата. Немале ниту домови ниту работни места. Немало струја, вода, ниту соодветна канализација — затоа го избрале за себе најдоброто решение.
Една лекција која сите добро ја научиле, ја изрази еден Сведок кој зборува шпански: „Многу сме благодарни за лекцијата што ја научивме за нашите цели во животот. Знаете, можете да работите 15 или 20 години за да изградите дом, да собирате материјални работи, а потоа само за еден час сето тоа може да исчезне. Тоа ни помага да си поставиме духовни цели, да си го поедноставиме животот и вистински да размислуваме што значи да му се служи на Јехова“.
Во голема мера се исполнува она што го навел апостол Павле: „Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христа го сметав за штета. Затоа сметам дека и сѐ друго е штета спрема преважното познавање на Христа Исуса, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Христа“ (Филипјаните 3:7, 8).
Природните катастрофи се дел од животот во нашиот сегашен свет. Ако внимаваме на предупредувањата од властите, би можеле барем да си го спасиме животот. Може да се изгуби домот и предметите, но односот на христијанинот со ‚Богот на секоја утеха‘ треба да се зајакне. Дури и кога некои би умреле во некоја несреќа, Исус ветил воскресение за нив во Божјиот нов свет на обновена Земја — Земја која никогаш нема да види беда и смрт предизвикани од природни катастрофи (2. Коринтјаните 1:3, 4; Исаија 11:9; Јован 5:28, 29; Откровение 21:3, 4).
[Фуснота]
a Ураганот е „тропски циклон кој се формира над Северниот Атлански Океан во кој ветровите достигнуваат брзина поголема од 121 километар на час“ (The Concise Columbia Encyclopedia). Тајфунот е „ураган кој се појавува на западниот Пацифик или во Кинеското Море“ (The American Heritage Dictionary of the English Language).
[Рамка на страница 20]
Вчудоневидени
Една група од 11 Сведоци белци патувале од Тампа (Флорида) за да се придружи во делото на помагање. Добиле градежни материјали и почнале да го поправаат кровот на еден Сведок црнец. Кога дошол некој внук кој не бил Сведок, не можел да поверува — бил многу вчудоневиден кога видел дека група Сведоци белци стигнале пред него и веќе го обновувале домот на стрико му. Бил толку импресиониран што им се придружил во градежната работа.
Рекол дека следниот пат кога Сведоците ќе дојдат кај него на врата, ќе побара домашна библиска студија. Додека зборувал со групата од Тампа, станало јасно дека тој живеел на нивното подрачје. Еден од стрешините во групата без одлагање се договорил за библиска студија за следната седмица! Како што рекол еден Сведок, тоа докажува дека не мора да чукаш само на вратите за да дадеш сведоштво — можеш да чукаш и на крововите!
[Слики на страница 15]
Ураганот Ендрју ништо не поштеди, само малку згради можеа да му се спротивстават
Подвижниот дом на Киферови — и она што остана од него
[Слики на страница 16]
Ребека Перез, нејзините ќерки и 11 други преживеале во овој мал простор
Војската се вмешала за да го спречи крадењето (горе десно); опљачкани продавници (десно)
Ураганот разнесуваше покриви и превртуваше возила
[Слики на страница 17]
Помошта беше организирана од Царските сали
Остатоци од подвижни домови завиткани околу дрвјата; детска играчка лежи напуштена на душек; помеѓу урнатините имаше и библиската литература; Сведоци како Тереза Переда им носеа помош на нивните соседи
Подарени градежни материјали. Сортирање на облека
[Слики на страница 18]
Доброволци од сите краеви на Соединетите Држави дојдоа за да учествуваат во акциите на помагање