Јеховините спасувачки дела сега
БИБЛИЈАТА за Јехова ни го кажува следново: „Бројни се маките на праведниците, но од сите нив Господ [Јехова, НС] ќе ги избави“ и „Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија“ (Псалм 33:19; 2. Петрово 2:9).
Како Јехова му доаѓа на помош на својот народ кога се наоѓа во неволја? Не преку чудесно преобраќање на природните сили во спротивна насока или преку некоја друга натприродна постапка како што многу луѓе мислат, туку преку една друга сила која повеќето луѓе не ја разбираат вистински — љубовта. Да, Јехова го сака својот народ и меѓу нив развил толку силна меѓусебна љубов што тој може да го постигне она што за нив изгледа скоро чудесно (1. Јованово 4:10-12, 21).
Некои би можеле да резонираат дека во време на несреќа се потребни храна, лекови и опрема, а не љубов. Се разбира, храната, лековите и опремата се важни, меѓутоа, апостолот Павле размислува на следниов начин: „Да имам . . . така силна вера, што и планини да преместувам, — ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, — штом љубов немам, ништо не ми користи“ (1. Коринтјаните 13:2, 3).
Честопати читаме како на пристаништа стои и се расипува материјална помош или како ја јадат глодари, а луѓе во оскудица умираат од болести и глад. Или што е уште полошо, таквите артикли можат да се најдат во рацете на алчни и бескрупулозни луѓе кои од тоа прават лична добивка. Значи, едно е да се има средства, а друго е човек да се погрижи оние кои се во неволја да извлечат корист од нив. Вистинската љубов и грижа можат многу да сторат.
Љубов на дело
На 11. септември 1992, ураганот Иники го погоди хавајскиот остров Кауај, со 55.000 жители. Ураганот имаше ветрови со 210 километри на час и удари на ветар од 260 километри на час, па загинаа 2, а беа повредени 98 лица, 75 отсто од домовите беа оштетени, а 8.000 луѓе останаа без домови и штетата беше пресметана на една милијарда долари. Меѓу оние кои живеат на овој мал остров се наоѓаа и 800 Јеховини сведоци во шест собранија. Како поминаа тие?
Пред стварниот удар на Иники, собраниските старешини, под водството на патувачкиот надгледник, веќе се беа поврзале со сите членови на собранијата за да проверат дали сите се безбедни и на сигурно, подготвени за нападот. Таквата љубезна грижа беше од помош за да се спречи сериозна повреда или смрт меѓу Сведоците. (Спореди Исаија 32:1, 2.)
И покрај тоа што комуникацијата и транспортот беа прилично лоши, тројца претставници на канцеларијата на подружницата на Watch Tower Bible and Tract Society од Хонолулу беа меѓу првите кои пристигнаа на местото после ураганот, откако добија специјална дозвола од Цивилната заштита да долетаат во Кауај. Веднаш стапија во контакт со месните Сведоци и, следното утро, организираа состанок за да ја испланираат акцијата за помош. Беше формиран одбор за помош за да се проценат потребите и за да се добијат потребните материјали преку канцеларијата на подружницата во Хонолулу. Работеа без престан и ја водеа работата околу снабдувањето на средства за оние во неволја, а и ги чистеа и поправаа домовите кои беа оштетени.
Сведоците на другите острови брзо реагираа за своите браќа во неволја. Веднаш штом беше отворен аеродромот на Кауај, 70-мина Сведоци долетаа за да помогнат. Беше испратена материјална помош во вредност од 100.000 долари, а беа вклучени генератори, подвижни шпорети, лампи и храна. Една од Царските сали на островот се користеше како складиште; но, по малку владееше страв да не биде опљачкана. Потоа на паркиралиштето на Царската сала пристигнаа воени камиони, а возачите замолија тука да ги паркираат своите камиони. Војниците кои биле поставени да ги штитат камионите спречија да биде украдена материјалната помош.
Браќата ги носеа генераторите од куќа до куќа, и во секој дом ги вклучуваа по два-три часа за фрижидерите на луѓето да можат да се користат. Групи браќа беа испратени во различни домови за да помогнат во чистењето и поправањето на штетата. Кога работеле на куќата на една сестра чиј сопруг порано жестоко ѝ се противел, тој бил толку трогнат што можел само да стои настрана и да плаче. Некој посетител од континентот кој посматрал една друга група Сведоци како работат, бил толку импресиониран од нивното однесување и организација што им пришол и ги прашал што ги прави толку поинакви. Кога еден брат објаснил дека тоа е љубовта спрема Бог и спрема сохристијаните, човекот одговорил: „Како можам да го запознам Бог?“ (Матеј 22:37-40). Потоа додал: „Вие сте толку организирани што веројатно некој ќе ме чека кога ќе се вратам на Флорида!“
Сѐ на сѐ, Јеховините сведоци помогнаа во чистењето и поправањето на 295 домови на Кауај. Од нив, на 207 беа неопходни помали поправки, но 54 беа многу оштетени, а 19 потполно уништени. Нивната работа се состоеше и во тоа да го посетат секој Сведок за кој знаеја на островот за да се осигураат дека сите се згрижени. Кога на една сестра ѝ беа однесени средства, соседот кој бил будист согледал дека неговата група не му ниту вреќичка чај. Една друга жена, чија куќа ја исчистила една екипа од Сведоци, рекла: „На мојата врата доста долго доаѓате и за мене сте биле добри соседи, но овој израз на љубов спрема ближниот ми покажува каква е вашата организација. Ви благодарам за сета ваша напорна работа“.
Покрај грижата за материјалните потреби на сите сохристијани, оние кои беа одговорни за помошта беа подеднакво заинтересирани и за нивното духовно добро. За помалку од два дена после ураганот, повеќе собранија веќе ги одржуваа своите состаноци. Набргу, повторно почнаа да функционираат мали групи за проучување на книга. На Кауај дојдоа десет старешини од другите острови во за да им помогнат на месните старешини да извршат пастирски посети кај секој Сведок на островот. Следната недела, сите шест собранија имаа студија на Стражарска кула, 30-минутен говор во врска со процедурите за помошта што го одржа еден член на Одборот за помош и заклучен говор од 30 минути од член на Одборот на подружницата кој дојде дури од Хонолулу за таа цел. Еден извештај од самото место на настанот наведува: „Сите беа утешени од прекрасното упатство што беше дадено и се чувствуваа духовно подготвени да се борат со своите преостанати проблеми. Кога програмата заврши, многумина од публиката плачеа, а аплаузот беше спонтан“.
Светско братство
Таквата љубов и грижа е обележје на Јеховиниот народ ширум светот. Кога, пред околу една година, преку Западна Самоа помина циклонот Вал направи голема штета, но Јеховините сведоци од другите делови на светот брзо дојдоа за да им помогнат на своите тамошни браќа. Подоцна, кога владата даде средства за сите религии — вклучувајќи ги и Јеховините сведоци — за да ги поправаат своите објекти, Сведоците ги вратија средствата со едно писмо во кое наведоа дека нивната штета веќе е надоместена и дека средствата би можеле да се искористат за поправање на некои државни згради. За нивната постапка беше се известено во локалниот весник. Еден државен службеник го забележал тоа и на еден Сведок му рекол дека многу му било срам од неговата црква што ги примила парите од владата иако сите нивни згради кои биле оштетени за време на циклонот биле осигурани.
Слично на тоа, во септември 1992, кога реката Уваз во југоисточна Франција го поплави и уништи Везон ла Роман и 15 околни места, Сведоците брзо реагираа. Преку ноќ, поплавата однесе 40 животи, уништи 400 домови, оштети стотици други и остави илјадници семејства без вода и струја. Рано следното утро, Сведоците од месните собранија беа првите кои дојдоа да им помогнат на жртвите од поплавата. Оние на кои им беше потребно засолниште беа примени кај семејства Сведоци од регионот. Стотици Сведоци дојдоа оддалеку за да понудат помош. Во соседниот град Оранж беше воспоставен одбор за помош за да се координира работата на четири екипи доброволци кои ја отстрануваа калта и чистеа куќи, переа купишта извалкана облека и подготвуваа и носеа храна и пивка вода низ погодените подрачја. Дури доброволно се пријавија да исчистат едно месно училиште и повеќе општински згради. Нивните браќа како и луѓето во заедницата ги ценеа нивните неуморни напори.
Во многу други места, Јеховините сведоци, како и секој друг, страдале од несреќи, како што се поплавите, бурите и земјотресите. Бидејќи сфаќаат дека тоа се последици на непредвидливи и неизбежни околности, тие не го обвинуваат Бог или некој друг (Проповедник 9:11, НС). Напротив, уверени се дека самопожртвуваната љубов на нивните соверници ќе им дојде на помош без разлика какви страшни околности би можеле да ги снајдат. Таквите љубезни постапки се резултат на верата која им е заедничка. Ученикот Јаков објаснува: „Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат, па некој од вас им рече: ‚Одете си со мир, грејте се и наситете се!‘, а не им даде што им е потребно за телото — каква полза? И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“ (Јаков 2:15-17).
Изворот на вистинска заштита
Наместо да очекуваат чуда во вид на некаква божествена интервенција, Јеховините сведоци сфаќаат дека може да се најде заштита во нивното светско христијанско братство. Всушност, она што тоа братство може да го постигне во време на неволја не е ништо друго освен чудесно. Тие се сеќаваат на Исусовите зборови запишани во Матеј 17:20: „Ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: ‚Премести се одовде таму!‘ и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно“. Да џиновските препреки исчезнуваат кога вистинската христијанска вера здружена со љубовта ќе стапи во акција.
Јеховиниот народ ширум светот ја чувствува заштитничката рака на нивниот Бог во овие нестабилни и опасни времиња. Тие се чувствуваат како и псалмистот: „Затоа мирно легнувам и спијам; оти Ти, Господи, си ми влил надеж да живеам без опасност“ (Псалм 4:8). Тие со увереност своето внимание го свртуваат кон моменталната задача: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). И со сигурност го очекуваат исполнувањето на Јеховиното ветување за еден мирољубив, праведен нов свет во кој нема повеќе да доживуваат несреќи од било каков вид, предизвикани од човек или од природата (Михеј 4:4).
[Слики на страница 12]
Сведоците дојдоа оддалеку за да им помогнат на жртвите од поплавата