Нашиот свет се менува — што навистина ќе донесе иднината?
АКО нашиот свет треба да се промени на подобро, кои можности ги имаме? Една можност е да веруваме дека светските владетели и водачи на крајот ќе станат несебични и ќе почнат да го водат човештвото по патот на взаемна толеранција, разбирање и мир.
Тоа значи да се верува дека племенството и национализмот ќе бидат искоренети и заменети со наднационален став кој може да му донесе хармонија на светот.
Тоа исто така значи да се верува дека водачите на капиталистичките економии ќе сфатат дека само мотивот за заработувачка не е доволна етика во еден свет во кој постои масовна невработеност, бездомништво и огромни медицински сметки.
Значи и тоа да се верува дека сите светски произведувачи на оружје ќе почнат да тежнеат кон светски мир и дека ќе ги прековаат мечевите во плугови.
Тоа понатаму значи дека криминалистичките елементи на светот, вклучувајќи ги шефовите на мафијата, водачите на ориенталните криминални банди и бароните на дрогата од Јужна Америка ќе се покајат и ќе свртат нова страница!
Со други зборови, тоа значи да се верува во утопија измислена од човек — невозможен сон. Ако не се земе предвид Бог, тогаш се наоѓаме во ситуација слична на онаа што ја опишал историчарот Пол Џонсон во својата книга A History of the Modern World. Тој напишал дека едно од основните зла кое придонесува за „катастрофалните неуспеси и трагедии“ на нашево столетие е „арогантното верување дека мажи и жени би можеле да ги решат сите тајни на универзумот со помош на нивниот интелект“. (Спореди Исаија 2:2-4.)
Меѓутоа, постои неоспорна можност за позитивна промена. А тоа е да се верува дека Творецот на Земјата, Господарот на нашата планета, Големиот Архитект на промената Јехова Бог ќе се вмеша во човечките работи за да го спаси делото на своите раце. Библиската историја покажува дека Бог стапил во акција во минатото за да ги унапреди своите намери, а библиските пророштва покажуваат дека наскоро тој ќе преземе акција за да ја исполни својата првобитна намера со човештвото и со Земјата (Исаија 45:18).
Единствен извор на доверливи информации
Единствениот Извор на вистинско спознание за иднината на човештвото е опишан со зборовите на библискиот пророк Исаија: „Спомнете си за она што било порано, од крајот на векот; земете го тоа при срце, зашто Јас сум Бог и нема друг Бог и нема подобен на Мене. Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало“ (Исаија 46:9-11).
Зошто треба Јехова Бог да има предзнаење за настаните кои треба да влијаат на човештвото? Уште еднаш Исаија одговара: „Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои — повисоко од вашите мисли“. Божјите мисли за иднината на човештвото се изразени во Библијата (Исаија 55:9).
„Критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“
Што прорекла Божјата Реч, Библијата, за нашата генерација? Христијанскиот апостол Павле преудпредил: „Но ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки [критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај, NW]“ (2. Тимотеј 3:1). Од 1914 и од избивањето на Првата светска војна, живееме во времиња кои стануваат сѐ покритични. Човековата себичност, алчност и лакомост за моќ го довеле до тоа да врши сѐ полоши свирепости не само против својот ближен туку и против самата природа. Човековата рамнодушност спрема околината се заканува на идната егзистенција на неговите деца и внуци.
Таа критична опасност ја нагласил поранешниот претседател на Чешкословачка Вацлав Хавел кој пишувал за условите во таа земја. Всушност, неговите зборови можат да се применат на целиот свет: „Тоа се само последици на . . . човековиот однос спрема светот, спрема природата, спрема другите луѓе, спрема самиот живот. Тоа се последици . . . на ароганцијата на современиот човек кој верува дека сѐ разбира и сѐ знае, кој себеси се нарекува господар на природата и на светот. . . . Такво било размислувањето на човекот кој одбил да признае било што . . . повисоко од себеси“.
Претходно цитираниот Ал Гор напишал: „Убеден сум дека многу луѓе ја изгубиле верата во иднината зашто скоро во секој аспект од нашата цивилизација почнуваме да се однесуваме како нашата иднина да е толку неизвесна што има поголема смисла да се сосредоточиме исклучително на нашите сегашни потреби и краткорочни проблеми“ (Earth in the Balance). Очигледно песимизмот во врска со иднината е став кој преовладува.
Таа ситуација настанала затоа што делумно се исполниле Павловите натамошни зборови: „Луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се!“ (2. Тимотеј 3:2-5).
Подобра алтернатива
Но Бог има намера да ги измени работите на Земјава — и тоа на подобро. Тој ветил дека ќе донесе „ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13). За да ја обнови оваа загадена Земја до рајска состојба, Јехова Бог мора прво ‚да ги погуби губителите на земјата!‘ (Откровение 11:18). Како ќе се случи тоа?
Користејќи симболичен јазик, Библијата покажува дека Бог наскоро во срцата на политичките елементи, вклучувајќи ги Обединетите нации, ќе стави мисла да ја уништат моќта и угледот на можеби најнегативната сила во историјата на човештвото — националистичкото и разделувачко влијание на религијата ширум светот.a Според она што го напишал Мартин ван Крефелд во својата книга The Transformation of War, „постои добра причина да очекуваме дека религиозните ставови, верувања и фанатизми ќе одиграат поголема улога во мотивацијата на оружените судири отколку што одиграле барем на Западот во последните 300 години“. Најверојатно поради нејзиното мешање во политиката, религијата ќе настрада од рацете на политичките сили. Сепак, тие сили несвесно ќе ја исполнат Божјата волја (Откровение 17:16, 17; 18:21, 24).
Во Библијата понатаму стои дека Бог потоа ќе го сврти своето внимание кон експлоататорските, политички елементи слични на ѕвер на Сатановиот расипан светски систем и ќе ги вклучи во неговата конечна војна, битката на Армагедон. По отстранувањето на немилосрдните политички системи и на нивниот главен манипулатор Сатана, ќе биде расчистен патот за мирољубивиот нов свет што го ветил Богb (Откровение 13:1, 2; 16:14-16).
Јеховините сведоци скоро 80 години проповедаат од куќа до куќа за тие претстојни промени. Во текот на тоа време, и тие виделе и доживеале многу промени што ги направило човештвото. Доживеале нацистички затвори и концентрациони логори поради нивните библиски втемелени начела. Доживеале болки и страдања во многу делови на Африка, вклучувајќи граѓански војни и племенски судири. Претрпеле прогонството од страна на повеќето политички и религиозни системи поради нивната неутралност и ревносна проповедничка активност. Сепак, и покрај сето тоа, го виделе Божјиот благослов на нивното образовно дело раширено по целиот свет додека од неколку илјади во 1914 прераснале на околу четири и пол милиони во 1993.
Причини за оптимизам
Наместо да бидат совладани од песимизам, Сведоците имаат оптимистички став затоа што знаат дека наскоро овде на Земјава ќе се одиграат најдобрите и најголемите промени. Преку настаните од 1914 се исполниле пророштвата што ги дал Исус, со кои било означено времето на неговата невидлива присутност во Царска моќ и кои покажале дека е близу крајот за било кој од човек создаден „нов светски поредок“, како што еден француски писател ги опишал изгледите за непосредната иднина во Le Monde. Исус рекол: „Кога ќе видите дека станува ова, знајте оти се приближи царството Божјо“ (Лука 21:7-32).
Човековиот „нов светски поредок“ е ранлив на слабостите на човечката природа — амбиција, желба за моќ, лакомост, корупција и неправда. Божјиот нов свет е загарантирана правда. За Бог е напишано: „Он е тврдина; делата Божји се вистина, а сите патишта Негови се праведни; Бог е верен и неправда нема [во Него]; Он е праведен и вистинит“ (5. Мојсеева 32:4).
Човековиот „нов светски поредок“ е приемлив за она што Мекџорџ Банди, американски стручњак за надворешна политика, го нарекол „ограничени националистички чувства на кои можат да се повикуваат демагозите“. Во продолжение, тој рекол: „Од историјата знаеме како економските и општествените неуспеси можат да им дадат сила на таквите екстремисти. Исто така знаеме дека без разлика каде се случува, таквиот вид на национализам е опасен“.
Божјиот нов свет гарантира хармонија и мир меѓу луѓето од сите племиња и нации затоа што ќе бидат образувани за Јеховините патишта на непристрасност и љубов. Исаија прорекол: „И сите твои синови ќе бидат научени од Господа [Јехова, NW], и голем мир ќе има меѓу синовите твои“ (Исаија 54:13). А христијанскиот апостол Петар рекол: „Навистина признавам дека Бог не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела на св. апостоли 10:34, 35).
Без сомнение, во непосредната иднина, во светот, онаков каков што го познаваме, ќе се случат драматични настани. Меѓутоа, најголемите промени, трајни и корисни, се оние кои Бог ветил дека ќе ги исполни, а тој „не лаже“ (Тит 1:2).
[Фусноти]
a Светското царство на лажната религија во Библијата е означено како „Вавилон Големиот, мајка на блудниците“, крволочна кралица чии ‚гревови стигнале до небото‘ (Откровение 17:3-6, 16-18; 18:5-7). За подробно објаснување на идентификацијата на Големиот Вавилон, види во книгата Mankind’s Search for God, на стр. 368-371, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b За подробно објаснување на овие настани проречени во Библијата, види ја книгата Откровение — близу е величествената кулминација! (срп.), поглавја 30-42, издадена во 1988 од Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци.