Вообичаени заблуди за змиите
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИНДИЈА
Лизгавата кобра се изви кон девојчето, примамена од миризбата на цветовите од јасмин во нејзината коса. Нејзиното долго тело се брануваше како морски бранови. Девојчето виде блесок на челото на змијата како еден блескав скапоцен камен додека ја стаписуваше со својот хипнотизирачки поглед. Одеднаш, змијата се фрли во воздухот и ги закопа своите отровни заби во нејзината рака.
ВИСТИНА или заблуда? Целата слика опишана погоре е погрешна, темелена на вообичаени погрешни претстави. Да разгледаме некои од тие заблуди.
1. Јасминот, сандаловото дрво и другите миризби ги привлекуваат змиите. НЕТОЧНО. Миризбата ги привлекува инсектите, инсектите ги привлекуваат жабите, а жабите, кои се дел од исхраната на змиите, ги привлекуваат змиите.
2. Змиите се движат со вертикално бранување на телото. НЕТОЧНО. Овој впечаток се добива тогаш кога змиите се движат преку големи камења. Нормалното движење на кобрите и на другите копнени змии е хоризонтално, по права линија. Тие или го протегнуваат предниот дел на телото напред и го влечат задниот дел или, пак, со помош на нерамнините на почвата се извиткуваат бочно и напред, во облик на буквата Ѕ.
3. Некои змии имаат скапоцен камен на главата. НЕТОЧНО. Тоа е мит, исто како и верувањето дека великаните во древна Индија биле штитени од кобри.
4. Кобрите го хипнотизираат својот плен. НЕТОЧНО. Змијата обично гледа вкочането без да мрдне тогаш кога е уплашена, па затоа кај луѓето кои ќе сретнат змија остава впечаток дека тоа е стаписан, хипнотизирачки поглед. Меѓутоа, тоа не е метода што ја користи за да го фати пленот.
5. Кобрите се фрлаат врз својот плен. НЕТОЧНО. Кобрата го фрла предниот дел од телото напред за да го нападне пленот, но со најголем дел од својата должина останува на земјата за да го држи телото. Најмногу една третина од телото е подигната и се спрема да нападне.
6. Кожата на змиите, вклучувајќи ги и кобрите, е лизгава и секогаш е студена. НЕТОЧНО. Кожата на змиите, со нејзините крлушки кои се преклопуваат, е сува и при допир е како мека обработена кожа. Змиите се ладнокрвни суштества; температурата на нивното тело реагира на промените на надворешната температура.
7. Кобрите се глуви. НЕТОЧНО. Погрешна претстава што ја имаат многумина. Тие мислат дека змиите слушаат само од вибрациите на почвата кои се пренесуваат преку нивното тело. Во Псалм 57:4, 5, Библијата исправно укажува на тоа дека кобрите не се глуви. Едно неодамнешно истражување покажа дека кобрите можат да ги слушнат звуците кои се пренесуваат во воздухот и дека реагираат на музиката на кротителот на змии. (Види и Разбудете се! од 22 јули 1993, страница 31 [англ.].)
[Извор на слика на страница 23]
Змијата на врвот: Animals/Jim Harter/Dover Publications, Inc.